Достапни линкови

Цената што рускиот спорт ја плаќа поради војната во Украина


Илустрација - Путин на натпревар со руските хокеарски ѕвезди меѓу кои и светски популарниот Алекс Овечкин (прв од лево)
Илустрација - Путин на натпревар со руските хокеарски ѕвезди меѓу кои и светски популарниот Алекс Овечкин (прв од лево)

Бројни руски спортисти, особено оние кои настапуваат во странство, се под лупа во последните денови, поточно по руската инвазија врз Украина. Многумина јавно кажаа дека не ја поддржуваат војната, други беа многу збунети во своите изјави, многумина молчат - Автор: Аднан Чомор

Исклучувањето на Русија од спортот, покрај дипломатските и економските санкции и исклучувањето од уметноста, поради инвазијата врз Украина го загрозува имиџот на Путин на начин на кој економските и политичките санкции не можат. Русија е исклучена не само дипломатски и економски, туку и културно и на спортските терени.

Бројни руски спортисти, особено оние кои настапуваат во странство, се под лупа во последните денови, поточно по руската инвазија врз Украина. Многумина јавно кажаа дека не ја поддржуваат војната, други беа многу збунети во своите изјави, многумина молчат, а некои реакции допрва треба да се очекуваат.

Зошто е важен културниот и спортскиот бојкот на Русија?

Алекс Овечкин е една од најголемите спортски ѕвезди од Русија и важи за еден од најдобрите хокеари на сите времиња. Тој е капитен на Вашингтон Капиталс, тим кој игра во Американско-канадската хокеарска лига (НХЛ).


Американските медиуми често го нарекуваат пријател на Владимир Путин, бидејќи овој хокеар многупати можеше да се види во јавноста во друштво на рускиот претседател. Овечкин долго молчеше за инвазијата, неколку пати одбивајќи да ги коментира политичко-воените потези на неговата земја во контекст на нападот врз Украина, но конечно го прекрши заветот за молчење.

„Ситуацијата е тешка. Имам пријатели и во Русија и во Украина. Сакам мир во целиот свет. Ве молиме кажете не на војната. Мора да живееме во мир“, рече Овечкин, а пренесе ESPN.

Она што медиумите и јавноста му замеруваат е тоа што тој никогаш не упати ниту еден негативен збор до рускиот претседател Путин. Овечкин многупати во минатото за Путин рекол „мојот претседател“.

Поранешниот капитен на украинската фудбалска репрезентација, Анатолиј Тимошчук е под критики во Украина. Имено, тој се уште е во Русија, каде работи како помошник тренер на Зенит од Санкт Петербург, а досега не се изјасни во врска со војната, ниту ја напуштил работата, како што направиле многу спортисти и културни работници од Украина и други делови од Европа кои во Русија заработуваат за живот.

Андриј Воронин, Украинец кој работел како асистент во Динамо Москва, го напуштил клубот, како и Русија - велејќи дека не може да работи во земјата која ја бомбардира неговата земја. Руслан Малиновски, играчот за врска на Аталанта и на репрезентацијата на Украина го коментираше молкот на Тимошчук. Тој истакна дека повеќе нема да биде легенда на Украина и украинскиот фудбал.

Поранешната тенисерка и голема руска ѕвезда Марија Шарапова престојува во Париз. Русинката со американска адреса беше мета на критики бидејќи не проговори за војната во Украина.

А кога Шарапова зборуваше - за многумина беше разочарување: „Чувството да се дојде во Европа овојпат се смени. Тешки срца и длабока желба за мир. И што е најважно, за безбедноста и иднината на нашите деца“.

Нејзината порака е објавена на Инстаграм, а со придружниот текст - објавена е и фотографија од хотелската соба.

За разлика од неа, Викторија Азаренка, легендарната белоруска тенисерка беше многу поконкретна. Таа истакна и колку е тешко да гледаме како насилно се разделуваме наместо да сочувствуваме едни со други.

„Потресена сум од настаните во последните денови во Украина. Срцето ми се скрши кога гледам колку невини луѓе се погодени од ова насилство. Откако знам за себе, Украинците и Белорусите се пријатели кои меѓусебно се поддржуваа“.

Руската кошарка е најтешко погодена

Руската инвазија на Украина силно ја погоди кошарката, можеби најмногу од сите спортови, затоа што руските клубови отсекогаш добро плаќале за овој спорт, секогаш ги имале најдобрите играчи на своите списоци - а со тоа биле конкуренти за највисоките рангирања во европските кошаркарски натпреварувања.

Големите натпреварувања сега се речиси невозможни за руските тимови.


Петмина играчи на ЦСКА Москва го напуштија рускиот кошаркарски клуб поради руско-украинската војна.

„Од лични причини поврзани со моменталната ситуација меѓу Русија и Украина, како и нејзините можни последици, Торнике Шенгелиа, Ифе Лундберг, Мариус Григонис, Јоханес Војгтман и Џоел Боломбој ја напуштија ЦСКА“, се вели во соопштението.

ЦСКА Москва соопшти дека играчите ги прекршиле условите од договорот и клупските прописи, но ќе се однесуваат со нив „со разбирање“ од клубот.

Статусот на договорот со играчите ќе се реши кога ќе се нормализира политичката и спортската ситуација во Европа“, се наведува и се додава дека сите останати играчи и стручниот штаб на ЦСКА продолжуваат да се подготвуваат за претстојните натпревари.

Санкции за руски олигарси меѓу кои и оние со бизниси во спортот

Велика Британија соопшти дека додала уште неколкумина познати руски милијардери на листата на санкции, а меѓу нив се и сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович и индустријалецот Олег Дерипаска, кој повика на окончување на војната што Москва ја почна со нападот врз Украина, објави СлободнаЕвропа.мк.

Со овој потег им се замрзнуваат средствата во Обединетото Кралство и им се забранува на луѓето од списокот влез во земјата, како и трансакции со луѓе и фирми од Велика Британија.

Абрамович, кој е сопственик на Челзи од 2003 година, го стави фудбалскиот клуб на продажба овој месец и вети дека ќе ги донира парите од приходите за помош на жртвите од војната во Украина.

XS
SM
MD
LG