Достапни линкови

Хаосот со учебниците веројатно ќе продолжи и следната учебна година


МОН распиша оглас за нови учебници во основно и средно образование за наредните две учебни години. Рокот за пријавување на огласот е до крајот на оваа учебна година. Но, хаосот со учебниците продолжува: стари учебници треба да се модернизирааат, во новите има бројни пропусти. Некои учебници доаѓаат на крајот на годината, други се повлекуваат, а останува прашањето како ќе започне следната учебна година?   

Со повлекувањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение, учениците до крајот на школската година, уште само две недели, ќе следат настава без уште еден учебник, а неизвесно е дали ќе добијат нов учебник до почетокот на следната.

Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири неколку пати ветуваше дека ќе се реши проблемот со учебниците, учениците во основно, но и во средно образование цела година следат дел од предметите без учебници.

Учебници по англиски јазик не се одобруваат веќе три години. Учениците од шесто одделение, освен што немаат учебник Историја и општество, немаат ниту наставна програма за предметот. Во средните училишта најчесто недостасуваат учебници по стручните предмети. Учениците од петто одделение на речиси две недели пред крајот на годината добија учебник по македонски јазик, но сега се повлекува учебникот по Историја и општество.

Од Министерството за образование и наука (МОН) за Радио Слободна Европа велат дека во тек е јавен повик за нов учебник по Историја и општество за петто одделение, но институцијата не дава конкретен одговор дали учениците до 1 септември ќе добијат нов учебник. На Бирото за јавни набавки е објавен оглас со рок до 14 јуни на кој треба да се пријават за печатење на учебници за наредните две учебни години 23/24 и 24/ 25 учебна година.

Тука се отвара прашањето дали тие навреме ќе стигнат до учениците во септември ако се земе предвид дека претходните години овие огласи се објавуваа во февруари, за да има доволно време да се испочитуваат законските рокови за јавната набавка. За дел од предметите по новата концепција се уште не се изработени во целост програмите по кои ќе се пишуваат учебниците.

Просветните работници со кои разговаравме се скептични дека процесот може да заврши во период од три месеци, до почетокот на новата школска година. Според историчарот Васко Гичевски, ќе биде тешко изработката да заврши во овој рок, како што вели, од научен, педагошки, но и од законски аспект.

„Вие не можете за толку кратко време да изработите учебник. Истата приказна беше и со овој учебник, програмата беше многу доцна донесена, учебникот се направи набрзина и со многу грешки. И тука повторно има закана дека ќе ни се повтори истиот случај, бидејќи вие во три месеци не можете да објавите конкурс, да одберете автори, да се прегледа ракописот и да се рецензира како што треба. За рецензија на учебник Министерството отстапува 14 дена. Јас не знам човек кој за 14 дена ќе може да се нафати и темелно да прегледа учебник’, вели Гичевски.

Ако е во тек јавен повик за нов учебник по Историја и општество за петто одделение, тоа значи дека досегашниот ќе биде целосно повлечен и дека за нов учебник повторно ќе треба да се исплатат стотици илјади евра од државната каса. За печатењето на повлечениот учебник, беа потрошени над 235 илјади евра, според податоците од Министерството.

Учебната 2022 – 2023 година започна без дел од учебниците поради доцнење. Учениците добија привремени материјали за учење за кои Министерството за образование и наука потроши 640 илјади евра, пари добиени како заем од Светската банка кој ќе треба да се врати.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на почетокот на минатата школска година зборуваше дека проблемот со учебниците во основното и во средното образование трае подолг период, велејќи дека очекува до крајот на октомври, почетокот на ноември 2022 година да добијат учебници учениците од прво, второ, четврто и петто одделение. Но, дел од учебниците се уште не се готови.

Учениците од петто одделение, учебникот по Историја и општество го добија во декември според новата програма и за неполна школска година тој сега се повлекува поради низа пропусти, како погрешна историска периодизација, лажни факти, нејасни фрази и недостаток на историски наратив, како што алармираше Здружението на историчари. Во овој учебник има грешки од типот дека Северна Македонија на запад се граничи со Бугарија, а на исток со Албанија, а дека Врвот Монт Еверест е висок 20 000 метри.

Во основното и средното образование дел од учебниците се застарени и треба да се модернизираат, а новите изобилуваат со грешки бидејќи се правени набрзина – таква е состојбата, вели историчарот Васко Гичевски.

„Ова е една класична појава во македонското општество, а тоа е неодговорност и непрофесионалност во вршење на службена должност. Вие да изгорите во оган над 200 илјади евра, тоа е несериозно и е директна штета, но и своевиден криминал, бидејќи тие се пари на граѓаните и за жал тоа ни се случува во континуитет. Ова не е нова појава, а не сум уверен дека и понатаму ќе ја нема. Се се работи на брза рака, на сила и тоа резултира со вакви последици. Финансиските последици се огромни, но пострашни се последиците врз децата. Ова е еден постојан вртлог кој генерира неквалитетно образование“, вели Гичевски.

Вкупно 60 пропусти детектира Здружението на историчари во учебникот кое посочува дека вакви пропусти и неверодостојни информации ќе резултираат со искривена претставата кај учениците за минатото и за сегашноста.

„Како Здружение на историчарите на Република Македонија бараме и Концепцијата за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе јавна дебата“, велат од Здружението на историчари на Македонија.

Минатата година започна со речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи на 1 септември минатата година не беа готови нивните нови учебници.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG