Израснат од идејата на една дружина млади стружани нивниот град да се разбуди од провинциското мртвило во кое со години и децении тонел, Drim Short во само неколку години и исо исто толку изданија од длабоко умна манифестација носена на мускули израсна во интернационален и не само филмски фестивал чија видливост е бележита не само на македонската културна сцена, туку и малку пошироко. Во регионот и во Европа. Нималку стандарно и за условите на опстојба и за средината која ја претпочита просечноста и улулкувањето во еднаш даденото, неговото конзервирање.
А, по нултото и трите повеќе од успешни претставувања, четвртото годинава, или ако милувате претстојното што изместено ќе се одржи од 13 до 15 ноември ќе биде и првото онлајн. Првото принудно потпишано во време на светска пандемија и неопходни мерки за заштита и превенција од вирусот Ковид-19.
Од таму нималку не чуди кога екипата што стои зад организацијата на случувањето во своето писмено обраќањње до публиката, до јавноста, ќе забележи дека „соочени со секојдневните промени кои ги наметнува пандемијата, а оттука и неможноста човекот да се прилагоди на сите невидливи бариери и опасности“ тие едноставно биле принудени како сигурна варијанта да го одберат овој пат и на сите проследувачи на Drim Short да им остават можност преку нивната бев страница да присуствуваат на Фестивалот.
-Ние не сме (анти)хероите кои ќе пркосат на реалноста, ние не сме единствениот фестивал кој ќе се спротистави на короната, но за нас мала, но многу важна победа е задржаниот континуитет на фестивалот, кој ќе му овозможи да расте и да станува неминовност, белег и потреба, каде секоја година струшката реалност ќе се судрува со магијата на филмот. И успеаевме да испланираме и изрежираме уште еден фестивал, кој на едно виртуелно место ќе ги собере најдобрите кратки филмови од изминатата година, кои во себе носат пораки од целиот свет дека сепак сечија животна приказна е борба вредна за раскажување. Во време кога просторот помеѓу нас значи безбедност и начин на борба против светската пандемија, а физичката блискост опасност, останува уметноста да го поврзе светот на ниво повисоко од физичкото, да создаде поле од вредности кое слободно ќе ги облагородува луѓето и ќе им ја исполнува оставената празнина. Една од тие уметности е секако филмот, медиумот на кој ние ги модулираме нашите пораки, спакувани во приказни, спакувани во новосоздадени виртуелни светови кои по којзнае кој пат ќе не’ научат да бидеме луѓе, вели Јаков Попоски, еден од продуцентите на Drim Short.
Никола Матоски, пак со појаснување дека како и секоја година, се фокусирале на кратката филмска форма на која и’ го даваат просторот кој го заслужува, „затоа што е директна, затоа што е силна, затоа што на филмските уметници им овозможува да бидат почесто присутни на големото филмско платно“.
Времето во кое живееме не е само причина за новата реалност. Времето во кое живееме е и последица на генералниот светски поредок во кој светот е длабоко вовлечен. Кога вирусот ќе биде совладан, важно ќе биде дали ќе извлечеме поука или едноставно ќе ја турнеме пандемијата во минатото, како уште една заборавена криза. Секој филм започнува со минатото, она што го гледаме во секој од карактерите е последица на неговото минато, секоја постапка, секој подвиг, секој успех или пораз. Но до крајот на филмот, секој добро изграден карактер расте, созрева, се менува, се соочува со минатото, за да може да зачекори во иднината. Минатото како и филмот има почеток, кулминација и крај. И токму соочувањето со минатото општо како концепт, во реалноста и филмот, е темата која е во фокус на годинешното издание на Drim Short 2020. Оттука произлегува и мотото на фестивалот „Минатото мора да заврши“.
Инаку, според организаторите годинешнава програма на Drim Short е најбогата досега.
Ќе бидат прикажани преку 50 филмови, распределени во стандардните три секции интернационална, национална и студентска. Како новина на ова издание на Фестивалот ќе бидат промовирани три нови програми, со филмови кои третираат специфични теми, а тоа се програмата Dealing with the past, потем детската програма на анимирани филмови која ќе се одвива во соработка со фестивалот на детски филмови Kuki Festival од Берлин, како и специјалната програма со шест избрани филмови од нашите драги соработници и партнери. Секако во програмата на фестивалот е и неизбежниот мастерклас со режисерката Тамара Котевска, насловен како „Основите за правење документарен филм“ или „Basics of making a documentary” на кој ќе имаат можност виртуелно да присуствуваат сите заинтересирани млади од нашата држава.
Згора на тоа, според потписниците, важно да се спомене е и одржувањето на вториот дел од работилницата за кратки сценарија „Drim Short Script Development Workshop“. И во дополна дека првиот дел од работилницата успешно се одржа во месец април, под менторство на познатиот сценарист и скрипт доктор Вим Ванакер, во соработка со NISI MASA – European Network for Young Cinema.
Избраните учесници во првиот дел имаа прилика да го развијат своите сценарија, а во вториот дел од работилницата која ќе се одржи после завршувањето на Фестивалот, тие ќе имаат можност за претставување на своите сценарија пред продуценти и професионалци од филмскиот свет.
Партнер на oвогодинешното издание на Drim Short 2020 e Forum ZFD, а фестивалот е поддржан од Германска Амбасада Скопје.