Постојат уредувачи на текст, тоа е Ворд. Се користи за изработка на документи со внесување на текст преку тастатура, а уредувањето е определување на конечниот изглед на текстот. Ова одделенските наставници во основното образование им го диктираат на третооделенците кои имаат наставен предмет работа со компјутери и основи на програмирање.
Проблемот е во тоа што децата на овие часови наместо да практикуваат работа на компјутер, тие си запишуваат во тетратка. Компјутери за нив нема.
Ученичка во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром вели дека предметот го учат само преку теорија. Признава дека има потешкотии во совладувањето на материјалот.
„Еднаш ни донесоа некои компјутери во училница, ама тие не работеа и пак продолживме да пишуваме во тетратките. Понекогаш ни покажува наставничката на нејзиниот компјутер како некои деца напишале текст. Инаку сега само ни читаат и ни објаснуваат дефиниции, ама тоа е многу тешко за учење, вели ученичката.
И ќерката на Марина Наумоска е ученичка во трето одделение во основно училиште во скопската општина Карпош.
„Сето тоа е многу сувопарно. Има само еден компјутер кај наставничката и таа покажува на него. Во одделението се 29 деца, кое видело, кое не видело. Јас прашав зошто учат на ваков начин, а наставничката ми објасни дека во училиштето има само еден кабинет со компјутери кој пак го користат учениците од повисоките одделенија кои имаат предмет информатика. Не разбирам, жално е во 21 век, во ера на дигитализација, децата да учат за компјутери, ама во тетратка,“ коментира Наумоска.
Состојбата не е поразлична и во училиштата низ Македонија. И во основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп нема доволно компјутери за следење на овој предмет. Наставникот Гоце Бумбароски вели дека реализацијата и оценувањето на учениците за овој предмет е бил вистински предизвик.
„Да бидам искрен мене ми е тешко овој предмет да го предавам како што е замислен, затоа што во училница имам еден компјутер и тој треба да им послужи на сите ученици. Имате тема работа со текст и секој ученик треба да седне и да напише текст. И замислете како изгледа тоа со 25 ученици со еден компјутер да им дадеш простор од 2, 3 минути за да напишат текст и да го коригираат, па да сменат фонт итн. Тоа е една постапка која трае со денови. Имам и колеги кои тие часови ги користат за надополнување на знаењата од други предмети бидејќи немаат услови за предавање на овој конкретен предмет“, раскажува Бумбароски.
Во наставната програма за учениците од трето одделение, конкретно кај овој предмет има наведено неколку цели кои треба да се усвојат. Меѓудругото се наведува дека учениците треба да научат што се алгоритми, да креираат и дебагираат програми, да ја користат технологијата за креирање и зачувување дигитална содржина итн. Имајќи предвид дека учениците немаат компјутери, тешко веројатно е дека ќе можат да ги совладаат предвидените цели во програмата за овој предмет.
Проектот за дигитализацијата доцни повеќе и од учебниците кои се уште им се доставуваат на основците. Дигитални форми и содржини во образованието беа приоритет во Националната стратегија за дигитализација на образованието 2020 – 2024 година. Таблети и смарт табли беа дел од алатките за дигитализација во училиштата. Но, на терен само малку училишта во земјава располагаат со овие алатки и тоа не за сите училници.
Министерот за образование Јетон Шаќири, неодамна во интервју за Радио Слобода Европа рече дека не очекува дигитализацијата да се одвива брзо.
„Сега сите се согласуваме дека многу се важни и учебниците и процесот дигитализацијата. Во векот во кој зборуваме, односно во периодот во кој зборуваме, ако се прашаме дали сме за дигитализација или за принтани учебници, сите сме за едното и за другото. Во овој период е изработена студија со Светската банка за тоа каква е ИТ инфраструктурата во училиштата и во каква состојба. Знаете дека минатата година се доставија таблети кои не се доволни за целокупниот образовен процес“, изјави неодамна Шаќири.
Но тој додава дека барал поддршка од меѓународните институции за, како што вели да се зголеми придонесот во дигитализацијата. Шаќири останува на ставот дека дигитализацијата продолжува за учениците од четврто одделение, па нагоре.
Претставници на информатичкиот сектор признаваат дека дигитализацијата како концепт најмногу потфрлила во образованието.
„Во минатото имало повеќе иницијативи за опремување и подобрување на дигиталниот пристап. Некои од овие иницијативи се уште опстојуваат. Пред повеќе од 15 години постоеше една национална иницијатива за компјутерско екипирање на сите основни училишта во Македонија. Дел од таа опрема треба да се надгради, дел од неа беше уништена или украдена. Јас сметам дека на оваа тема треба да гледаме проактивно, а тоа значи со капацитетите што сега ги имаме на државно ниво и на ниво на приватен сектор да се врземе најдобро што можеме и да го искористиме капацитетот на нашите деца на најдобар начин“, вели Илија Господинов од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, МАСИТ.
Иницијативата за која зборува Господинов е „Компјутер за секое дете“ која беше реализирана во 2007 година во времето кога на власт беше партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш биле набавени 17. 818 персонални компјутери и компјутерска опрема за основните и средните училишта. Во 2009-та проектот беше проширен и надграден со набавка на плус 22.000 лаптопи за наставниците во основните училишта.
Бумбароски вели дека тие компјутери се или неупотребливи или уништени. Дури и да има некој што не е функционален, новите програми не се компатибилни со моделите што ги имаат.
Дигитализацијата на четвртоодделенците е дел од новата концепција за образование која ја воведе поранешната министерска за образование Мила Царовска. Освен учениците во четврто одделение, новата концепција за учење ги опфати и првачињата.
Двете клучни реформи требаше да помогнат децата полесно да го совладаат материјалот, да го поврзуваат наученото и користат во пракса. Реформите се правдаа со поразителните резултати од меѓународните тестирања кои покажаа дека македонските ученици не знаат критички да размислуваат, ниту да го користат она што го научиле. Дигиталните учебници пак беа претставени како придобивка на новото време, поттикнати и од онлајн наставата што мораше да биде воведена поради пандемијата.