За Ана Славковска, мајка на прваче, овој први септември не бил посебен и радосен ден, затоа што во училиштето во кое е запишана нејзината ќерка, се уште не е завршена реконструкцијата. И покрај сите убедувања од надлежните дека градежните активности во ОУ „Димитар Македонски“ во Лисиче ќе заврши до почетокот на учебната година, тоа не се случило, а според работите на терен, тешко дека истите ќе завршат во скоро време.
За учениците од петто до деветто одделение во ова училиште наставата продолжи онлајн, а родителите на децата од прво до трето одделение може да бираат дали децата ќе учат онлајн или со физичко присуство, ама во две други општински училишта.
Славковска вели дека онлајн не е пожелна опција за првачињата и токму затоа се одлучила својата ќерка да следи настава со физичко присуство, но во ОУ „Ѓоргија Пулевски“, едно од двете училишта кои се понудиле да им отстапат училници на овие деца.
„На денот пред први септември, бевме пречекани со соопштение дека децата ќе почнат со онлајн настава. Не бевме воопшто прашани дали имаме можности и дали сакаме, за да се подготвиме за онлајн настава. Бидејќи за прваче мора да има родител ако следи онлајн настава, ќе треба да се направи реорганизација на работното време, ние го немавме тој избор. Практично 1 септември беше ден на револт за нас, а не ден за радост“, раскажува Славковска.
Директорката на училиштето „Димитар Македонски“, Јулијана Тодоровска вели дека е неблагодарно да се даде проценка кога ќе завршат градежните работи на објектот.
„Како што гледате едно е што се договараше, а друго со кое темпо изведувачот ги изведува работите. Во моментот до 19 септември му е продолжен договорот со анекс, дали ќе се стигне до тогаш, искрено, не верувам. Но, се работи интензивно“, вели Тодоровска.
Кога ќе заврши реконструкцијата на училиштето прашавме во општина Аеродром, но оттаму ни одговорија дека тоа не е во нивна надлежност, туку на Министерството за образование и наука.
„Реконструкцијата на објектот на ООУ „Димитар Македонски“ е во надлежност на Министерството за образование и наука, кое е всушност инвеститор, така што оваа институција ги има сите детали за причините за незавршените градежни работи. Општина Аеродром пред почетокот на учебната година доби известување од МОН дека до 31 август училиштето ќе биде изградено и учениците ќе си одат во своето матично училиште“, одговорија од општина Аеродром.
Зошто не е готов објектот кога било најавено дека на први септември учениците ќе можат да се вратат во училиштето, прашавме и во Министерството за образование и наука, но до овој момент одговор од таму не добивме.
Во моментот 43 првачиња од „Димитар Македонски“ следат настава во ОУ „Ѓоргија Пулевски“, но проблемот е што таму немаат можност за целодневен престој, туку учат во смени.
„Ни понудија училници во две други училишта, а со тоа и организиран превоз за учениците. Меѓутоа по неколку дена ни кажаа дека нема да го имаме тој превоз, со што дополнително ни се искомплицира секојдневието, со тоа практично и работното место ни е загрозена, бидејќи не се знае до кога ќе биде готово училиштето, и не верувам дека некој родител ќе биде континуирано ослободуван за да го носи детето во смени на училиште“, вели Славковска.
Во делот на организираниот превоз, од општина Аеродром велат дека во предизборниот период не постојат законски услови за распишување на тендер.
„Што се однесува до превозот на овие ученици, во моментов нема законски услови, бидејќи за време на избори според позитивните законски прописи не смее да се врши пренамена на средства во ставките за јавни набавки. Доколку не биде изградено училиштето до крајот на изборите, општина Аеродром, веднаш ќе преземе мерки за обезбедување на превоз на учениците“, се наведува во одговорот од општина Аеродром.
Инаку, во мај годинава, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска извршија увид во градежните работи на новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ и констатираа дека тие се одвиваат според предвидената динамика и се наоѓаат во завршна фаза.
„Привршува изградбата на новиот објект, кој е од витално значење за учениците од овој дел на општината. Се радувам што населбата Лисиче, конечно, по речиси 60 години, ќе добие сосема нова и современа зграда. Еден од главните приоритети на Општина Аеродром е создавање квалитетни услови за образование на нашите ученици, бидејќи тие се нашата иднина, изјави тогаш градоначалникот Марин.
Инаку, новото училиште е со површина од 2840 квадратни метри и со капацитет од 700 ученици организирани во две смени. Според најавите треба да биде опремено со најсовремени кабинети, простории за дневен престој, кујна и простории за наставниците.