Достапни линкови

Учебниците бесплатни, ама дотраени, а нови нема


Илустрација - Ученици со книги
Илустрација - Ученици со книги

Во Сојузот на средношколци ученици пријавуваат дека добиле учебници кои се неупотребливи, а се очекува да учат од нив. Пред нашата камера, дел од нив ги прелистуваа и составуваа делови од примероците кои се „распаѓаат“

Ученици пријавуваат дека добиваат многу оштетени учебници кои речиси и не можат да ги користат, а во најлош случај, недостасуваат и делови од учебниците или воопшто немаат учебници за одделни предмети, алармираат од Сојузот на средношколци.

Дел од нашите следбеници на Инстаграм ни испратија фотографии за да ја видиме состојбата на учебниците.

Тројца средношколци ги покажаа нивните учебници пред камерата на РСЕ.

„Јас имам учебник од кој изгледа само во второ полугодие ќе треба да учам. Од 141-ва страница почнува. Така што, топ! Ќе одмарам во прво полугодие“, изјави средношколката Теодора Томашевска за РСЕ.

Ако учебниците се стари со децении, не може ни да се очекува да се во добра состојба, заклучи средношколецот Леонардо Змајшек.

„Генерацииве пред нас, колку може да ги оштетат? Секоја една до друга, ама ако не ги смениме 30 години учебниците, не знам што очекуваме“, вели Змајшек за РСЕ.

Некои од книгите се исти како оние од кои учеле нивните сегашни професори, истакнаа младите.

„Баш денеска зборувавме со професорот по математика, нешто споменавме за филозофија. Побара да го види учебникот, и вели: 'Еј, па истиот е. Можеби веројатно нешто е сменето, некоја содржина, ама истиот учебник е'“, вели средношколката Иларија Димулкова за РСЕ.

Средношколците се согласија дека не се сите учебници подеднакво „трагични“, но во добра состојба како понови, се само три од цел комплет.

Споделија и дека кога недостасува некој дел, прават копии од учебник на соученик, или пак, од пријателите бараат да им ја фотографираат страницата која недостасува. Taка се снаоѓа и Змајшек, кој е и дел од Сојузот на средношколци од каде испратија соопштение до медиумите за да алармираат за проблемот кој велат дека е пречка во ученичкото секојдневие.

„Консензусот во Сојузот е многу јасен и гласен и сите ја делиме истата мисла - дека ситуацијата е апсолутно неприфатлива. Нешто што ни е ветено како пристапно и бесплатно, особено на важна тема како што е образованието, кое е иднината на нашата генерација, не смееме да си дозволиме да е во оваа состојба. И поради тоа и Сојузот всушност го прави тоа што може, го претставува гласот на учениците и го испративме токму тоа соопштение до сите медиуми и ќе продолжиме во насока на решавање на проблемот“, истакна Змајшек како член на Сојузот на средношколци.

Од Сојузот велат дека проблематични ситуации со учебниците има во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево и други градови, дури и во некои од најголемите средни училишта, а проблемот е особено изразен во стручните училишта.

Како да учиме од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Што вели МОН?

Во моментов има повеќе постапки за издавање и дистрибуција на нови учебници и тие се во различна фаза, велат од Министерството за образование и наука.

За средно гимназиско образование, спроведена е јавна набавка за откуп на тиражи согласно потребите и голем број од учебниците се дистрибуирани до училиштата, додаваат од таму. Според нив, издавачката куќа „Просветно дело“ треба да заврши со дистрибуција на учебници до денеска.

„Во делот на средното стручно образование исто така има повеќе постапки за нови учебници кои се однесуваат на стручни предмети. Постапките навремено и транспарентно се објавуваат преку веб страницата на МОН како и е- верзии на сите одобрени, технички уредени и преведени учебници за стручно образование. Но се случува за одреден предмет да нема интерес за доставување на ракописи (предлог учебници) од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите“, стои во одговорот од МОН.

Во делот на основното образование, пак, во тек се постапки за одобрување на нови учебници за прво, второ, четврто и петто одделение, а во меѓувреме учениците учат од наставни материјали кои ја обработуваат материјата од првото тримесечје. По завршување на постапките, новите учебници ќе се достават до сите основни училишта, додека учебниците по сите останати предмети за трето, шесто, седмо, осмо и деветто се веќе испорачани до училиштата, истакнува министерството.

Тие додаваат дека станува збор за гломазен процес за кој е потребно повеќе време со оглед на роковите за постапките утврдени во актуелните законски решенија, а според нив, оваа учебна година е започната далеку подобро и поподготвено во однос на некои минати кога е во прашање изработката и испораката на учебниците, особено во основното образование.

Ова е објаснувањето зошто доцнат или нема нови учебници. Но објаснување зошто учениците мора да учат од многу стари и речиси неупотребливи учебници, кои според учениците се поголем дел од оние што ги добиваат за една учебна година, од Министерството за образование до моментот на објавување на овој текст не добивме.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG