Достапни линкови

Унгарска помош и посета во време на пандемија на коронавирус


Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто
Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто е прв странски политичар кој ја посети Македонија, откако стапија на сила мерките за заштита од пандемијата на коронавирусот. Тој одржа заеднички прес-конференции со неговиот македонски колега Никола Димитров, но и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сијарто донесе унгарска медицинска помош.

Освен кризата со пандемијата на коронавирусот, огромен предизвик е и мигрантскиот бран на турско-грчката граница, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Никола Димитров во Скопје. Сијарто во земјава донесе помош за справување со пандемијата – 100 илјади маски и 5 илјади заштитни комбинезони. Тој ја критикуваше координацијата меѓу земјите од ЕУ во борбата против коронавирусот.

Унгарскиот министер рече дека неговата земја им пружила помош на сите соседи за борба против коронавирусот, а сега донеле помош и во Македонија.

„Ако овие држави ослабнат, во кој било поглед, тогаш и нивните капацитети за одбрана се намалуваат и доколку во таква состојба се соочат со еден мигрантски притисок, тогаш, во таков случај, нема да може да го запрат тој притисок, а ние имаме огромен интерес со тој мигрантски притисок да се справуваме што пониско, што подалеку од нас“, рече Сијарто.

Сијарто го честиташе членството во НАТО и добивањето согласност за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тој рече дека Унгарија ќе се обиде да издејствува најдоцна до мај да се затвори рамката за преговорите и најдоцна во јуни да почнат самите преговори.

Сијарто ја критикуваше бавноста на координацијата меѓу земјите од ЕУ во борбата против коронавирусот и рече дека сите земји-членки биле оставени сами да се борат.

„По совладувањето на вирусот ќе мораме да извлечеме поуки за тоа како тоа функционираше и дали функционираше или не солидарноста на ЕУ“, рече Сијарто.

Димитров се заблагодари за помошта, но и за унгарската поддршка за македонските евроинтеграции. Димитров рече дека помош за справување со кризата е најавена од ЕУ, Норвешка, Холандија, Турција и од Кина, а веќе стигна помошта од Словенија и сега од Унгарија.

„Вирусот нема национална припадност, не може да го поразите во една земја, а да остане пандемијата во соседната, па дури и во некоја подалечна земја. Ќе мора да научиме да работиме заедно, да ставиме точка на овој огромен предизвик, веројатно најголем од Втората светска војна“, рече Димитров.

Мицкоски, пак, на заедничката прес-конференција со Сијарто пред партискиот штаб, се заблагодари за брзата реакција од Унгарија откако побарал помош и од нив.

„Не е важно кој побарал помош, важна е помошта. Важно е дека помошта денес ќе спаси животи и ќе го заштити здравјето на оние кои спасуваат животи. Истовремено ќе продолжам да лобирам, остварувам контакти и во рамките на можностите да барам помош за нашата земја“, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по средбата со Мицкоски, Сијарто рече дека е сосема нормално, освен со министерот за надворешни работи, кој е негов домаќин, да се сретне и со лидерот на сестринската партија.

„Се прашувам дали ќе го поставевте истото прашање ако ситуацијата беше обратна, и ако социјалдемократски лидер дојдеше тука и одржеше заедничка прес-конференција со социјалдемократска опозиција. Мислам дека е многу нормално, ние никогаш не се чувствуваме фрустрирани или навредени ако странски гости го направат истото во Унгарија“, рече тој.

Унгарската помош на скопскиот аеродром ја пречекаа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Претходно, помош во медицински средства за Македонија испрати и Словенија. Словенечката влада соопшти дека со воен авион испорачала лична заштитна опрема за МВР во вредност од 110 илјади евра. Беа испорачани 100 илјади маски и исто толку ракавици.

„Словенија одговори во духот на меѓусебната солидарност на барањето на Северна Македонија, за кое се обрати преку механизмот за цивилна заштита на Европската унија, со цел да се спречи ширењето на Ковид-19“, стои во соопштението објавено на веб-страницата на Владата на Словенија.

Власта и опозицијата се препираа кој ја обезбедил помошта од Словенија. Словенечкото Министерство за одбрана соопшти дека македонската влада побарала помош преку механизмот на ЕУ за цивилна заштита, но премиерот Јанез Јанша на Твитер напиша дека решил да испрати помош во земјава, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го известил дека ситуацијата е исклучително сериозна.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG