Достапни линкови

Уметникот Дарко Алексовски во обид да ги дофати пејзажите за кои мечтаеме


Дарко Алексовски, фото Милена Николовска
Дарко Алексовски, фото Милена Николовска

Замислена како комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, во МСУ– Скопје, од 8 април се одржува самостојната изложба „Пејзажи на восхитот“ на Дарко Алексовски, еден од тројцата наградени автори на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници.

„Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција) составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат. Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

Проектот е составен од три сегменти: „Мал прирачник за мечтаење“ (A Small Handbook for Daydreaming) – тековна серија која претставува самостојно печатено издание, потоа „Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат“ (Constantly Unfolding Scenes from Everyday Life) – серија дела (цртежи) кои се занимаваат со фрагментираноста и ефемерноста на пејзажите на секојдневието и „Хоризонт што не може да се види, но може да се замисли“ (A Horizon Which Cannot Be Seen, but Can Be Imagined) – серија колажи проектирани на аналоген проектор, кои се занимаваат со сеќавања поврзани со хоризонтот, како место кое е крајно недостижно.

Ова е текстот со кој ќе биде сторен воведот во „Пејзажи на восхитот“, актуелната самостојна изложба на Дарко Алексовски што од 8 април се одржува во Музеј на современа уметност – Скопје. Поставката како куратори ја потпишуваат Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, а авторот е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници.

Роден 1989 година, Дарко Алексовски е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите кои се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања.

Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Како уметник гостувал на неколку уметничките резиденции како bm:ukk Artist-in-Residence Program (Виена, Австрија), Deutsche Börse Residency Program во Франкфуртер Кунстверајн (Франкфурт, Германија), Програма за онлајн резиденции во КСП Центар-Јадро (Скопје) и CreArt Artist-in-Residence Program во Ателиерхаус Залцамт (Линц, Австрија).

Алексовски бил учесник и на повеќе групни меѓународни изложби од кои посебно се издвојуваат оние во Австралија, Австрија, САД, Јапонија...а моментално живее и работи во Велес.

Дарко Алексовски, фото Ивана Спироска

Алексовски, како еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, неодамна во МСУ го претставивте вашиот уметнички проект „Пејзажи на восхитот“. Што се крие зад овој наслов? Какви одговори се обидовте да најдете во трите негови засебни целини за кои ќе биде речено дека „меѓусебно наративно и формално се надополнуваат“?

- Насловот е преземен и директно цитиран од квир теоретичарот Хозе Естебан Муњоз, кој ја користи фразата “urban landscapes of astonishment” во релација со поезијата на Френк О’Хера. Поезијата на О’Хера е исто така една од почетните точки околу кои е изградена целата изложба, особено преку аспектите на воодушевување од неповторливоста и поетичноста на секојдневието. Трите засебни целини од изложбата одговараат на обидот да се дофати или прикаже онаа незабележлива страна на секојдневниот живот, пејзажите на стварноста во кои постојано се наоѓаме, или пак, пејзажите за кои мечтаеме. Идејата овие засебни целини да се постават во истиот простор беше да се конструира еден наративен тек во кој ќе бидат испреплетени границите каде што едно дело завршува, а друго почнува. Изложбата во таа смисла не почнува или завршува во едно дело, туку е отворена за постојано навраќање и одново исчитување на нејзините поединечни елементи.

Од каде инспирацијата, па ако сакате и потребата за „Пејсажи на восхитот“, како „збир од дела настанати во изминативе неколку месеци, чии почетни точки се литературни и визуелни референци, но се надоврзуваат на дела кои ги работи уште од 2020 година? Каде вие со нив стремите како творец? Каде тоа творечки талка Дарко Алексовски?

- Дарко во моментов творечки талка некаде помеѓу интересите за визуелни уметнички дела и креативно пишување. Креативното пишување сè почесто го користам во мојата практика како продолжување или проширување на моите интереси за слики, прикази и визуелни истражувања. Ова делумно произлегува од литературните референци кои често се појавуваат низ методите кои ги користам во мојата практика, но во еден момент мислам дека пишувањето произлезе и како нужност. На почетокот на пандемијата бев во креативна блокада, па наместо визуелни истражувања, почнав да користам пишување како метод за доловување слики, или уште повеќе и како метод за доловување време – нешто што ми недостасува кога работам исклучиво со визуелни практики.

Владимир Јанчевски, како еден од кураторите на поставката, смета дека делата од оваа ваша изложба „отвораат можност за повеќенасочно и подлабоко исчитување на релацијата меѓу имагинацијата на уметникот и стварноста во која таа се реализира“. Како вие ја поимате и појаснувате оваа негова констатација?

- Релацијата на имагинацијата со стварноста е нешто што е интегрално не само во мојата практика, туку и во визуелните уметности, па и во сите различни видови уметност воопшто. Темите и мотивите со кои работам, се на некаков начин постојано филтрирани преку фантазирањето и мечтаењето – преку замисленото, претераното или метафоричкото. Мислам дека приказите на стварноста без релација со имагинацијата се поблиски до документарното, отколку уметничкото, така што оваа констатација е многу соодветна за мојот начин на размислување и работа.

Колку „Пејсажи на восхитот“ се надоврзува на вашите претходни авторски проекти? За какво визуелно, па ако сакате и лирско писмо можеме да говориме кога говориме за уметноста на Алексовски?

- „Пејзажи на восхитот“ е изложба составена и изградена од серии дела кои ги развивам уште од минатата година. Во нив се појавуваат формални и наративни елементи кои ги преземам и од претходни дела со слична тематика. Во некои случаи тоа е изборот на форматот и медиумот, во други тоа е содржината или приказната која делото ја обработува. Визуелно, би рекол дека сите поединечни серии дела се надоврзуваат не само на мојата практика, туку и на референци од современата уметност, особено од втората половина на 20 век. Лирското писмо кое го спомнувате во прашањето е нешто што од една страна јас го избирам како најсоодветно во однос на темите со кои работам, но од друга страна е и писмо кое е изградено преку влијанија од дела на многу други уметници.

Погоре забележавме дека Алексовски е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници. Кој е вашиот став кон наградите и признанијата? Колку тие можат да (де)стимулираат во средина со изместени вредносни критериуми и во држава како нашава каде културата е заложник на политичките пазарења?

- Моето лично доживување е дека наградите се одлична прилика кога се генеративни, односно кога тие се повод и поддршка за нова продукција, изложба или некаков резиденциски престој во странство. Најдобро е кога нам како млади уметници овие награди ни овозможуваат да одвоиме временска рамка во која можеме да се фокусираме на уметничката практика и кога таа практика можеме да ја претставиме пред публиката – нешто што е навистина тешко да се постигне самостојно во општествената стварност во која се наоѓаме.

Каде натаму ќе се движи, ќе се стреми вашата творечка практика? Што да очекуваат публиката и критиката од вас како уметник во догледно време со оглед на тоа дека во долгорочните творечки проекти користите различни визуелни јазици и вештини?

- Ова е прашање на кое не можам да дадам дефинитивен одговор. Точна е забелешката дека работам на догорочни проекти кои вклучуваат различна истражувачка методологија во полето на визуелните јазици, но е речиси невозможно да се испланираат или предвидат следните насоки на ваков тип проекти. Сè зависи од контекстот во кој работам (тука мислам и на културниот, но и општествениот и финансискиот), па една изложба или истражувачка фаза во еден проект не е производ само на некои мои опсервации и замисли, туку и на условите во кои е реализирана. Голем дел од делата на оваа изложба беа продуцирани во Линц, Сплит и Дубровник, така што сметам дека патувањето и резиденциските престои на различни места и во различни градови имаше исклучително важен уддел во начинот на кој размислував и работев.

И, конечно, размислува ли Дарко Алексовски со универзалниот јазик на уметноста да тргне „пеш по светот“? Да ги надмине локалните рамки и премости границите? Може ли да размислува за сериозна размена на идеи и енергии глобално во ова време на скудност, воено лудило и глад за владение? Уметноста не може да го спаси светот, но може ли да го направи за нијанса подобар, почовечен?

- Историски гледано, ниедно време немало идеални услови за создавање уметност, но затоа има уметнички правци и школи, уметнички движења и групи, кои и покрај несигурноста и неизвесноста, успевале во време на локални и глобални кризи да ја користат уметноста како начин за одговор на условите во кои се појавиле. Некогаш уметниците ги создавале делата како директен одговор на општествените пресврти, некогаш ги создавале како поддршка за истите, а некогаш на субверзивен начин и ги антиципирале овие пресврти. Без оглед на тоа дали уметноста експлицитно се спротивставува, или на тивок и субјективен начин се справува со општествената стварност, таа со себе инхерентно ја носи идејата за комуникација и дијалог. Од утописки аспект ми се допаѓа идејата за универзалниот јазик на уметноста, иако уметноста денес ми изгледа како мноштво индивидуални јазици кои повеќе или помалку успешно комуницираат помеѓу себе и публиката. Се надевам дека моите дела имаат барем малку од тој универзален јазик што би значело дека нивното гледање и исчитување ќе може да ги надмине локалните рамки.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG