Додека доцнеше испораката на трансформаторот за пуштање во употреба на третиот блок во РЕК Битола, Македонија потроши над 40 милиони евра за увоз на струја, а ќе наплати пенали за доцнењето од околу 200 илјади евра.
Во државниот производител на струја ЕСМ велат дека парите за набавка на струја не биле потрошени поради Блок 3, туку биле „во планот за набавка на ЕСМ“. Сепак, официјалните податоци за производство и увоз на струја покажуваат дека по пуштањето во употреба на третиот блок, домашното производство на струја значително се зголемува, и земјава не само што не увезува струја, туку има и скромна продажба на ноќни вишоци.
РЕК Битола е најголемиот производител на струја во земјава. Комбинатот, кој работи на јаглен, има три блока со инсталирана моќност од по 233 мегавати. Доколку еден блок работи 24 часа со полн капацитет, може да произведе над 5000 мегават часа струја. Во ноември и декември, Македонија увезуваше меѓу 1000 и 4600 мегавачаса струја дневно. Откако беше пуштен третиот блок, Македонија не увезува струја.
На 29 јули минатата година, ЕСМ склучи договор со бугарската фирма „Actael N Ltd“ од Софија за набавка на блок трансформатор од 425 киловолти за скоро 6,5 милиони евра. Подизведувач на договорот е турската фирма Astor Energi од Анкара.
Договорот беше склучен со директно преговарање без објавен оглас, по претходно добиено позитивно мислење од Бирото за јавни набавки поради итноста на потребата. Имало три понуди, а разликата меѓу најскапата и најевтината била околу 460 илјади евра.
Трансформаторот требаше да биде монтиран и пуштен во употреба за 110 дена од потпишувањето на договорот, односно на 16 ноември. Рокот беше значително пробиен, па Блок 3 беше пуштен во употреба дури на 10 јануари. Според договорот, пеналите за доцнењето не може да бидат повеќе од 5 отсто од вредноста на договорот, односно 322 илјади евра.
Сепак, во договорот се наведува дека „ако штетата што ја претрпел Договорниот орган е поголема од договорената казна, тој има право да ја бара разликата до целосниот надомест на штетата“.
Во ЕСМ велат дека според досегашните пресметки, тие ќе треба да наплатат казнени пенали од 11,7 милиони денари, односно околу 190 илјади евра, но оти ова не се конечни бројки затоа што пресметките сè уште се прават.
Трансформаторот тежок 240 тони тргна од фабриката во Турција на 14 ноември, а се превезуваше со специјална композиција долга 60 метри. Ваквиот транспорт побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина, соопшти тогаш ЕСМ, и оти поради тоа се доцни една недела.
Стариот трансформатор изгоре во ноември 2021 година. Тој беше однесен на поправка во Србија и ќе се чува како резерва, а раководството на ЕСМ одлучи дека треба да се купи нов.
На почетокот на декември пишувавме дека термоцентралите работат со помалку од половина од инсталираниот капацитет, а Македонија троши милиони евра за увоз на струја. Кога сите електрани би работеле со полн капацитет, нема да има потреба од увоз, но никогаш не работат. Еднаш се расипал генератор, другпат трансформатор, па проблеми со котелот, па пукнала цевка, па се прави ремонт во среде грејна сезона.
По ремонтот кој траеше неколку месеци, ТЕЦ Осломеј, која произведува струја од јаглен, беше пуштена во употреба на почетокот на декември. Првиот котел од ТЕЦ Неготино, која произведува струја од мазут, беше пуштен во употреба на 6 декември, а вториот на 12 декември. Блок 1 од РЕК Битола неколку пати беше во дефект оваа грејна сезона, а Блок 3 беше пуштен дури на 10 јануари.
ЕСМ ги снабдува домаќинствата и малите фирми со субвенционирана струја. Големите потрошувачи набавуваат на слободниот пазар. Поради високите цени на струјата на берзите, владата од 1 декември донесе одлука, ЕСМ да ги снабдува со поевтина струја училиштата, болниците, фирмите од прехранбената индустрија и водоводните претпријатија. Во моментов има 675 такви правни субјекти.
Владата се пофали дека во 2022 година домашното производство на електрична енергија било за 27 отсто поголемо од претходната година.