Во времево на општа грубост и посебно во срединава во која разбирањето и човечноста се категории кои генерално се избркани од општеството, за среќа сеуште има искри кои знаат силно да светнат во тунелот каде забрзано се движиме. И, се разбира да не тргнат за кратко и да ни ја вратат мислата дека промени се можни. Само ако се сака, ако се има идеја, ако се има најмногу инает и мускули да се заврти сопствениот филм.
Еден од таквите убави примери е „Три“, првата професионална претстава на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица во нашата земја. Зад неа простум застанаа режисерот Јован Ристовски, актерите Никола Пројчевски, Маја Андоновска Илијевски, Анастазија Христовска и Сандра Грибовска, костимографката Марта Дојчиновска , Симона Ристевска задолжена за шминката, Димитар Ристовски – авторот на дизајнот на плакатот и толкувачот на знаковен јазик Сузана Станоевска.
Претставата е во продукција на АТО – Центарот за современа култура од Битола и говори за еко-катастрофата, за нехигиената, недисциплиата и некултурата на поголемиот дел од населението во нашата земја. Наменета е за широката детска публика и истовремено за децата кои се глувонеми и наглуви. Актерите паралелно зборуваат говорно и на знаковен јазик.
Проектот беше поддржан од Германската интернационална агенција за соработка и Министерството за култура, а по успешното премиерно претставување во Битола во втората половина на октомври годинава и потем репризата во Крушево во ноември, деновиве тргна на пат по Македонија. На 2 декември ќе се игра во Центарот на култура „Глигор Прличев“ во Охрид, два дена подоцна во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 5 на Млад Отворен Театар во МКЦ Скопје, а потем и пред публиката во Струмица и Кичево.
Инспирацијата за претставата потекнува уште од 2010 година, значи точно пред 11 години, кога го режирав интернационалниот музички фестивал „Тра ла ла“ во Битола. Две - три недели пред музичкиот фестивал дојдов до идеја да поканам глувонемо дете кое на крајот од Фестивалот на знаковен јазик ќе го интрпретира монологот кој беше на тема Вселена со порака дека ние сите сме поврзани едни со други. Некои соработници коментираа дeка е луда идеја на музички настан да настапува глувонема особа, но бев истраен и останав со идејата до крај. Беше сензација за сите. По завршувањето на фестивалот, дознав дека соучениците на глувонемото девојче биле исто така во публиката…. Тие едноставно уживале, билее пресреќни што присуствуваат на таков настан. Бев шокиран, збунет, фасциниран од нивните реакции и емотивно погоден од фактот дека глувонеми деца беа пресреќни на музички настан кој не го слушаат. Тоа ме донесе до идеја, и до прашањето - „Што ако им направам претстава на тие деца со оштетен слух на знаковен јазик!? Ако се среќни со музички настан кој не го слушаат, тогаш театараска претстава на знаковен јазик за нив би била вистинска сензација за доживување, вели режисерот Јован Ристовски.
Во својата експликација тој и со објаснување дека нашата земја и култура генерално биле и сеуште се заинтересирани за проекти на тема сплотување на етничките разлики“. Дека се правеле проекти, претстави на сите јазици кои се говорат во земјава, но дека никогаш до сега на знаковниот.
Глувонемите лица - знаковниот јазик го третираат за мајчин јазик. Тој факт ме донесе до ниво да размислувам дека и знаковниот јазик е дел од нашиот идентитет, како што македонскиот јазик е битна одлика на идентитетот на нашиот народ. Ако за некој граѓанин мајчин јазик е турски, или македонски или влашки, така и знаковниот јазик за друг е мајчин јазик. Ова се сериозни прашања кои допрва ќе се обработуваат во контекст на обогатување на знаковниот јазик бидејќи секој јазик е жива материја која се развива, истакнува режисерот.
Тој пишува дека така сосема случајно од монологот на знаковен јазик на музички детски фестивал стигнал до реализација на идејата за претставата „Три“ во која актерите зборуваат говорно и во исто време го изведуваат говорното дејствие на знаковен јазик.
Како театарска екипа се судривме со една многу непозната материја која требаше и сакавме да ја совладаме. Театарската уметност познава и негува различни методи на работа, од актерски жанрови до стилска игра и тн. Но оваа материја, знаковен јазик, говор во исто време, експресија на емоции, патот на мислата и нaмерата на ликот, па се до актерската игра, реакциjaтa, мизансценот и тоа да се одигра паралелно, колку и да изгледа во претставата нормално и речиси воопшто не делува ни чудно или наметнато… е напорно и тешко за еден актер. Умот не мисли исто како што актерот е едуциран да мисли и да работи, ќе рече Ристовски.
Режисерот и со податок дека проектот го работеле два месеца, дека фондот на зборови што го користеле бил мал за да може да биде претставата разбирлива и за оние со хендикеп, но и за пошироката публика, дека на сцените и на репликите работеле со посебно внимание и дека ги адаптирале во текот на процесот на подготовка...и конечно дека така стигнале до убавите реакции на присутните од кои едноставно зрачело „љубов, радост и исполнетост“.
Инаку, кога сме веќе кај Јован Ристовски, само уште информацијата дека неговата претстава „Луди за љубов“, работена по текстот на Сем Шепард и во продукција на Народниот театар-Битола, го доби признанието за најдобра претстава на годинешното петто издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ кој се одржува во Гостивар.