Достапни линкови

Тензии на северот на Косово, Србија ја подигна борбената готовност


Судир на граѓаните и полицијата во Звечан, Косово 26.05 2023
Судир на граѓаните и полицијата во Звечан, Косово 26.05 2023

Српскиот претседател Александар Вучиќ издаде наредба за подигнување на борбената готовност на војската на Србија, откако косовската полиција употреби солзавец и шок бомби за да ги растера граѓаните собрани пред општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. До ова дојде откако новоизбраните градоначалници се обидоа да влезат во службените објекти на општините, но наидоа на отпор од српските граѓани, вработени во привремените органи на тие општини.

И покрај отпорот на група граѓани, косовската полиција влезе во општинските згради Звечан, Зубин Поток, а потоа и во Лепосавиќ - општини во кои живеат мнозинство Срби.

Полицијата соопшти дека на овој начин им помага на новите градоначалници на општините во северниот дел на Косово - Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, да пристапат до официјалните објекти на тие општини, откако претходно дале заклетва.

Според претходните информации, градоначалникот на Зубин Поток Измир Зеќири веќе влегол во зградата на општината. Истрели се слушнале и во Звечан, а на местото на настанот била забележана и брза помош.

Косовските власти ги обвинија српските „криминални и нелегални структури“ за ескалација на ситуацијата.

„Насилството нема да надвладее. Србија сноси целосна одговорност за ескалацијата“, објави на Твитер шефот на кабинетот на косовската претседателка, Блерим Вела.

Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, рече дека мора да се обезбедат услови за вршење на должноста во јавните институции.

„Оние кои се избираат со гласови можат да бидат соборени (од власта) и со гласови. По правило ретко кој ја ужива поддршката од секој граѓанин. Но, тоа не значи дека незадоволните граѓани можат да ги блокираат избраните функционери да одат на нивните работни места, напиша тој на својот Фејсбук профил.

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, пак, ја осуди постапката на косовските власти за пристап до општинските згради на северот од земјата.

„Денешните насилни мерки мора веднаш да се прекинат“, напиша Ховениер на Твитер.

Вучиќ издаде наредба за подигнување на борбената готовност на српската војска

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 26 мај издаде наредба за подигање на борбената готовност на војската на Србија на највисоко ниво, дознава Танјуг.

На војската на Србија и е наредено „итно да се движи“ во правец на границата со Косово, изјави српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ во програма во живо за ТВ Пинк.

Тој рече дека настаните на северот на Косово „не се игра, туку дека тоа ја загрозува безбедноста на сите во регионот“.

Како што додаде, Армијата ќе ја исполни наредбата на Вучиќ и „ќе го брани суверенитетот на Србија и правото на живот на сите нејзини граѓани“.

„Јасно е дека се врши терор врз српската заедница на Косово“, рече Вучевиќ.

Претседателството на Србија и Министерството за одбрана на Србија не беа достапни за коментар за РСЕ.

Според информациите на новинарите од терен, косовската полиција веќе влегла во објектот на општина Звечан.

Во Зубин Поток ситуацијата во моментов е мирна, потврди за РСЕ поранешната пратеничка на тамошното собрание на општината, Милија Бишевац. Десетици граѓани се собраа пред општинската зграда, но ситуацијата е мирна.

Повредени полицајци, причинета материјална штета

Косовската полиција соопшти дека петмина полицајци се здобиле со полесни повреди при обидот да влезат во зградата на општина Звечан, при што е причинета материјална штета на четири службени возила, од кои едното било опожарено.

„Службениците за јавен ред во континуитет разговараа со насобраните граѓани, барајќи од нив да си заминат и да не ја попречуваат работата на државните службеници, да им го расчистат патот и да им овозможат влез на работните места, но тие континуирано одбиваа“, се вели во соопштението на полицијата.

Од полицијата велат дека нивните полицајци биле мета на тврди предмети и шок-бомби.

Според извештаите, припадниците на косовската полиција биле принудени да дејствуваат во самоодбрана и бил употребен солзавец за да се растера толпата и да им се дозволи на градоначалниците да влезат во општинските објекти.

Од полицијата наведуваат дека соработуваат со правосудните органи, кои случајот го окарактеризираа како „напад врз уставниот поредок“.

Красниќи: Новите градоначалници го презедоа мандатот

Камионите кои претходно беа поставени да го блокираат приодот кон општината се уште се таму, а присутна е и косовската полиција.

Министерот за локална самоуправа Елберт Красниќи на својот Фејсбук профил изјави дека новоизбраните градоначалници дале заклетва, го презеле мандатот и дека сега нивната работа е да им служат на граѓаните.

„Даваме целосна поддршка во исполнувањето на уставните и законските обврски на новите градоначалници.Како централни институции имаме обврска да обезбедиме и да го олесниме исполнувањето на овие обврски“, изјави Красниќи.

Шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, во четвртокот изјави дека нивната заклетва ја официјализира „окупацијата на четири општини“ на северот.

Сирените за тревога се огласија во петокот околу пладне во четири општини со српско мнозинство на север, а граѓаните се собраа и пред општинските згради во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ.

РСЕ дознава дека на влезот и излезот од Лепосавиќ среде патиштата се паркирани неколку камиони, а над Звечан бил забележан и хеликоптер на мисијата КФОР.

Новоизбраните градоначалници на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток положија заклетва на 25 мај, со што ја презедоа локалната власт во овие три општини со српско мнозинство на северот на Косово. Тие ги презедоа своите должности во јавни згради бидејќи во општинските згради се наоѓаат привремените општински тела кои работат во системот на Србија.

Само во Северна Митровица има општинска зграда која работи по косовски систем, а на 19 мај во неа функцијата ја презеде Ерден Атиќ од Самоопределување.

Нов претседател на општина Звечан е Илир Пеци од Демократската партија на Косово (ДПК), кој освои околу 114 гласа, во Лепосавиќ Љуљзим Хетеми од Самоопределување со освоени 100 гласа. На чело на општина Зубин Поток е Измир Зеќири, исто така од ДПК, кој на изборите во април доби околу 200 гласа.

Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер на 18 мај изјави дека не треба да се користи сила за пристап до општинските згради на север. Тој нагласи дека е важно да се избегнат конфликти или тензии на теренот.

Соединетите Држави, Франција, Италија, Германија и Обединетото Кралство изразија загриженост за локалните избори во април, со оценка дека тие не претставуваат долгорочно стабилно политичко решение за општините на северот, бидејќи беа бојкотирани од српската заедница.

Тие ги повикаа Косово и Србија „итно да работат на обезбедување стабилна, репрезентативна и партиципативна демократија во овие општини“.

Локалните избори на северот на Косово се одржаа на 23 април по оставката на градоначалникот од редовите на Српската листа - најголемата партија на косовските Срби, кој се спротивстави на одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.

Излезноста на изборите во април беше 3,47 отсто од вкупниот број запишани избирачи.

XS
SM
MD
LG