Над две децении една рекламна табла служи како патоказ до менувачницата Бис, која иако се наоѓа во центарот на Скопје е скриена во преминот меѓу блокот згради познати како градски ѕид. За муштериите полесно да ја пронајдат менувачницата, нејзиниот сопственик Бранислав Петровски рекламната табла ја поставил каде што се движат пешаците на улицата Даме Груев. Но, никогаш Петровски не помислувал дека таа за малку ќе го чини неговиот живот.
„Познат скопски бизнисмен крвнички претепал газда на менувачница“ е еден од насловите кои се најдоа во медиумите. Петровски се здобил со тешки телесни повреди откако на 18 мај 2019 година физички бил нападнат од Спиро Чорогунов, сопственикот на хотелот Александар 2 кој се наоѓа спроти менувачницата на неколку метри оддалеченост.
Чорогунов е неизвршен директор на Акционерското друштво Караорман под чија капа се хотелите Александар Сквер, Александар 2, мебел центар Биг Бокс, Ројал Хаус и брендот за накит Сваровски.
Два дена по инцидентот Петровски завршил во болница со скршеница на череп, неколку скршеници на вилицата, скршеница на нос, крвен подлив на окото и како што вели, бил во критична состојба и се борел за неговиот живот.
„Се работи за тешка телесна повреда со витална загрозеност“, е заклучокот од лекарското уврение издадено од Клиниката за неврохирургија.
Но, рекламната табла не била вистинската причина за тепачката, како што вели Петровски и на неа и претходеле низа настани и средби со Чорогунов кој барал да му го откупи бизнисот.
„Чорогунов уште пред да започне со реновирање ми пристапи со адвокат да ме праша за која цена би го отстапил мојот дуќан бидејќи веќе испланирал дека може да го спои со хотелот и да направи голем ресторан. Откако одбив почнавме јас и моето семејство да му пречиме буквално за се. Тој испраќаше луѓе од персоналот да не опоменуваат за неважни работи за кои не се ни надлежни и испраќаше полиција за се и сешто. Последна беше таблата која имаше стрелка со насока кон нашиот дуќан. Таблата 22 години денски се истакнуваше, а навечер се собираше но на Спиро му пречела сметајќи дека го нарушува угледот на хотелот па одлучи да ја земе правдата во свои раце“, вели Петровски.
За инцидентот, било покренато обвинение, а Чоронгунов пред Кривичниот суд ја признал вината за делото и во февруари 2020 година е осуден на казна затвор од траење од 1 година, која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 3 години не стори ново кривично дело. Чорогунов во завршниот збор пред судот изјавил дека „се кае и криво му е што дозволил да се вовлече во ваква ситуација.
Видот и висината на казната, како што се наведува во пресудата, се должи на личните прилики на Чорогунов, односно дека тој е зрел човек, татко е на две деца од кои едно малолетно за кои треба да се грижи и дека е вработен и досега не бил осудуван.
Осуден, па тужител
Но, Чорогунов и покрај каењето што го изразил пред судот, поднел приватна тужба за нанесени телесни повреди од страна на Петровски за време на тепачката. Судијка во случајот е Билјана Коцевска, а Петровски сега се наоѓа на спротивната страна каде треба да докажува дека не го повредил Чорогунов.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека судијката требало да ја отфрли приватната тужба и таа не треба да пресуди во корист на Чорогунов.
„Бидејќи е осуден за настанот како обвинет кој нанел тешки телесни повреди неговата тужба за телесни повреди од тој што добил телесни повреди е ирационална. Тоа е ретко во праксата. Нема основ тужбата. Овде се гледа дека адвокатата и судијката се блиски. Тој е прогласен за виновен и не може да биде и оштетен“, вели Илиев.
Петровски вели дека причината за приватната тужба е со цел да му се изврши притисок.
„Тој со години сака да го земе нашиот дуќан, луѓето што го познаваат лично знаат дека е "болен" за местото. Впрочем тој тоа не го ни криел до сега. Тужбата за гребаница е само обид за психолошко малтретирање врз она физичкото кое веќе ми го нанесе“, смета Петровски.
Лекарско уверение од детска хирургија
Како доказ за повредите на Чорогунов му е лекарското уверение од детска хирургија издадено 4 месеци по тепачката.
Во тужбата Чорогунов тврди дека тој бил физички нападнат од Петровски, при што му биле нанесени повреди во делот на вратот и главата. Чорогунов на денот на тепачката бил на преглед, а извештајот од радиодијагностичкиот наод, како што се наведува во документацијата, покажува дека имал оток и набиеници на вратот.
Лекарско уверение од страна на универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, Чорогунов го извадил на 23 септември 2019 година, а на него е потпишана докторката Илирјана Шеху која е специјалист по детска хирургија.
РСЕ беше на едно од рочиштата за случајот каде докторката Шеху кажа дека не познава никого присутен во судницата.
На адресата на Лекарската комора, Министерството за здравство, универзитетската клиника и Државниот санитарен и здравствен инспекторат Петровски испратил претставка за работењето на докторката Шеху за како што се вели во неа, сериозни индикации и сомнеж за злоупотреба на својата позиција преку издавање на лекарско уверение под сомнителни околности, како и сомнежи за лажирање на медицинска документација. Но, за возврат добил само молк од сите институции.
Хелсиншкиот комитет за човекови права го мониторира случајот уште од првите рочишта по поднесената приватна кривична тужба. Првата спорна работа, според нив е медицинскиот извештај на Чорогунов.
„Она што е карактеристично за постапка која е во тек, се две работи кои ги констатиравме при мониторирањето на досега одржаните рочиште, и тоа:
Прво, приватната кривична тужба е процесуирана како реакција на постапувањето на обвинителството кое покрена судската постапка против сега осудениот сторител на тешки телесни повреди. Во оваа насока се потенцираше медицинскиот извештај кој е изготвен неколку месеци после настанот, поради што за одбраната истиот има спорна доказна вредност“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во лекарското уверение се наведува дека Чорогунов се жалел на обид за давење и дека бил вознемирен и блед и притоа имал уредни движења на вратот и без болка при голтање. Притоа на него му биле препишани апчиња за болка Дикло дуо и Бедоксин, како и да става облози на отокот,
Петровски вели ако после тепачката Чорогунов не се чувствувал добро, тогаш зошто, како што посочува согласно неговите сознанија, тој бил на свадба.
„Јас бев веднаш по нападот префрлен во ургентниот центар во 8ми септември, таму дојдоа инспектори од крвни деликти и му кажаа на мојот син дека Спиро одбивал да тргне во полициска станица со нив бидејќи вечерта бил на свадба. Тоа се потврди и ноќта кога Спиро закачи слика на својот Фејсбук профил со неколку свои пријатели како наздравуваат на свадба. Откако му пративме фотографија од моето лице кое целосно беше деформирано од повредите кои ми ги нанесе, Спиро го заклучи профилот“, вели тој.
Тужбата запрена, па вратена постапката
На главната расправа за приватната тужба на 11 јуни минатата година Чорогунов и неговата адвокатката Светлана Савиќ не се појавуваaт во судницата. Тогаш судијката Билјана Коцевска ја запира кривичната постапка. Чорогунув преку неговата адвоката дури после две недели поднесува молба до судот за враќање на постапката, иако рокот е 8 дена.
Образложението е дека адвокатката на денот на судењето се обидела да го извести судот дека не може да присуствува, бидејќи имала рочиште за друг предмет. Барањето е прифатено, од како што се наведува оправдани причини. Во самиот документ се наведува дека правото на жалба е 8 дена, но се повикува и на членот од законот дека по истекот од три месеци не може да се бара враќање на предметот.
Дане Илиев вели дека нема логика зошто судијката донела одлука за враќање на постапката.
„Рочиштето друго на адвокатката не ја оправдува. Адвокатата дека била спречена заради присуство на друго судење морала да ја извести судијката многу порано“, вели Илиев.
Втората спорна работа во приватната тужба, според Хелсиншкиот комитет за човекови права е токму тоа што тужителот во оваа постапка, Чорогунов и неговиот адвокат не го оправдале своето отсуство.
„Сепак, после неколку месеци прифатен беше предлогот за враќање во поранешна состојба, со објаснување дека адвокатот истиот ден имал друго судење во ист термин, но остана нејасно зошто за тоа навремено не го известил судот. Конечно, укажуваме на фокусот на мониторингот на судските рочишта од процесен аспект, односно за утврдување дали судот на странките во постапката (обвинет/оштетен) им ги овозможува правата и просецните дејствија предвидени со Законот за кривичната постапка. Во овие рамки- Хелсиншкиот комитет за човекови права продолжува да ја следи постапката“, додаваат оттаму.
Воедно во решението за враќањето во поранешна состојба на постапката е наведено и дека не е дозволена жалба.
Петровски тогаш до претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев поднел барање за изземање на судијата поради пристрасност, незаконско одлагање на расправите и незаконско враќање на предметот. Барањето за изземање на судијката е одбиено како неосновано.
„Јас бев претепан од Чорогунов речиси до смрт. Имав повреди кои можеа да донесат последици во животот. 14 дена лежев на дренажа во одделот за Неврохирургија, имав скршен череп, вилица, нос.. како можам да се чувствувам кога после вакви повреди одам во суд и се претставувам дека доаѓам во својство на обвинет.. чувството е одвратно, се молам само да го издржиме сето ова психички и да излеземе како нормални луѓе после сите овие притисоци“, вели Петровски.
На секое рочиште Петровски на спротивната страна од него очи во очи мора да го гледа, како што вели, неговиот напаѓач и ги дели само едно биро. Тој, како што вели, повторно го живее инцидентот, а ниту тој, ниту неговото семејство повеќе немаат доверба во судството.
„Преживеавме тешки моменти, претешки и преболни за било кој. Можеме само да имаме надеж бидејќи сметам дека надежта единствено може да згасне со душата на човекот. Но, доверба, не“, порачува Петровски.
Ниту Чорогунов, ниту неговата адвокатка не одговорија на прашањата кои им беа испратени по електронска пошта.
Рекламната табла пред менувачницата Бис е минато и сега е заменета со светлечка табла поставена на ѕидот, но, сагата за правда на Петровски продолжува, а наредното рочиште за случајот е закажано на 10 март.