Достапни линкови

Странците треба да ни кажат дека си ги уништуваме природните богатства


Македонија - „Св. Јован Канео“ - Охрид.
Македонија - „Св. Јован Канео“ - Охрид.

Продолжува влошувањето на состојбата на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица под притисок на урбанизацијата и дивоградбите, додека македонските власти продолжуваат да ги игнорираат обврзувачките меѓународни правни инструменти за заштита на природата.

Ќе запре ли привремено урбанизацијата и легализацијата на дивоградбите во Охрид и во Националниот парк Галичица, од македонските Власти засега нема конкретен одговор.

Прашањето повторно се актуелизира, откако постојниот Комитет на Бернската конвенција одново ѝ порача на државата сериозно да го сфати случајот со континуираното влошување на состојба на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.

Странските експерти бараат напролет заедно со УНЕСКО и Рамсарската конвенција да направат нов увид на состојбата и потоа да дефинираат нови препораки.

Дотогаш се бара властите да запрат со легализација на дивоградбите и со сите активности за понатамошна урбанизација на територијата на Охридскиот регион. Ова е последно од бројните слични укажувања на Бернската конвенција и УНЕСКО последниве години.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека ги поканил експертите на Бернската конвенција и УНЕСКО да дојдат во земјава и заедно со граѓанските организации и утврдат кава е состојбата и потоа да донесат одлука.

„Мора да имаме добра соработка со централната и локалната власт. Состојбата што ја имаме не е од денес, ние треба да седнеме со градоначалниците од Охрид, Струга и Дебарца и да направиме еден долгорочен план“, вели Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Граѓанските организации кои активно ја следат ситуацијата во Охридскиот регион и Националниот парк Галичица посочуваат дека на потег е Владата.

Тие велат дека таа треба да ја исполни својата меѓународна обврска како што ѝ налага Уставот и итно да усвои Одлука за запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација и легализација на дивоградбите, додека не бидат усвоени препораките на мисијата на Бернската конвенција и УНЕСКО.

„Како организација која го поднесе и води овој случај сметаме дека е поразително тоа што меѓународната заедница има неспоредливо поголема почит и грижа за нашето најголемо природно богатство отколку домашните институции на кои тоа им е должност“, велат активистите од граѓанската организација „Фронт 21/42“.

Постојниот комитет на Бернската конвенција на 42-та сесија го разгледуваше отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.

Претставници на Германија, Австрија, Полска, Словачка и Шведска особено изразиле загриженост за влошената состојба на подрачјата и испратиле порака државата сериозно да ја сфати сериозноста на случајот, велат од „Фронт 21/42“.

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

Министерот Нуредини вели дека таквата состојба не од сега, туку од изминатите декади, но и дека е направен делумно напредок околу спроведувањето на препораките на УНЕСКО.

За дивоградбите, Нуредини вели дека има едноставен став, односно дека не смее да се гради без дозвола.

„Тоа е надлежност и на општините, да разгледаат кои згради и домови имаат дозволи или не. Јас не можам да кажам дека се дозволени дивоградби, никој не може да каже дека е дозволено. Штом е дивоградба, значи дека е незаконски. Јас постојано велам: ве молам не дозволувајте диви градби“, вели Нуредини.

Бернската конвенција во мај годинава упати слично барање до македонските власти да ги запрат сите проекти во Охридскиот регион, додека не биде направена теренска проценка за влијанието на урбанизацијата врз природните вредности, но и дека македонската Влада не ѝ доставува навреме извештаи и ажурирани податоци во врска со заканите врз природните вредности на Охрид и Галичица.

Властите и натаму ги игнорираат овие барања, а Бернската конвенција е обврзувачки меѓународен правен инструмент за заштита на природата и природното наследство на европскиот континент.

Охридско Езеро: Лево - девет „жешки точки“ на биолошка разновидност на брегот. Десно-планови за понатамошна урбанизација и трансформација. Фото: „Фронт 21/42.“
Охридско Езеро: Лево - девет „жешки точки“ на биолошка разновидност на брегот. Десно-планови за понатамошна урбанизација и трансформација. Фото: „Фронт 21/42.“

Македонија е меѓу 51 земја потписничка која ја ратификуваше Конвенцијата во 2002 година.

19- те препораките на УНЕСКО исто така долго време остануваат нереализирани, меѓу нив воспоставување на мораториум на било каква крајбрежна и урбана трансформација додека не се усвојат релевантна и ефикасна законска заштита, изработка на регистар на дивоградби, одлуки за рушење на дивоградби, затворање на илегалните депонии и решавање на проблемот со отпадот и така натаму.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG