Достапни линкови

Средношколците и натаму во клинч со МОН, бараат поддршка од пратениците


Илустрација - средношколци полагаат матура во 2014 година
Илустрација - средношколци полагаат матура во 2014 година

Сојузот на средношколците вчера испрати писмо до пратеници со кое бараат Собранието да ги поддржи нивните барања за матурскиот испит, истакнувајќи дека ако е потребно да направат и законски измени за Министерството за образование и наука да биде обврзано да постапи.

Матуранти и денеска продолжија со бојкот на наставата. Со бојкотот, кој го спроведуваат преку Сојузот на средношколци, тие бараат измена на матурскиот испит поради онлајн наставата. Конкретно, бараат да полагаат два предмети, едниот да е задолжителен мајчин јазик, а вториот да е изборен, како и проектна задача. Меѓутоа, Министерството за образование и наука не отстапува и вели дека измени во матурскиот испит ќе има од наредната година.

„Бојкотот ќе продолжи дури и ако заканите не престанат, бојкотот престанува кога ќе бидат прифатени барањата“, изјави Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци, на вчерашната прес конференција пред МОН.

„Ние како држава, доколку не обезбедиме полагање на матура, им го ускратуваме правото на учениците да се запишат во високо образование. Она коешто е дадено како опција во концепцијата за државна матура, е право на училишна матура и право на стручен испит, за сите оние коишто не сакаат да полагаат државна матура. Средното образование е задолжително по Закон, но, државната матура е избор“, изјави министерката за образование, Мила Царовска одговарајќи на пратеничко прашање на собраниска седница.

Двете страни со денови ги истакнуваат истите ставови и ситуацијата тапка во место, а второто полугодие си тече.

„Ако повеќе од една недела биде испуштена во бојкотирањето, часовите ќе бидат надокнадени така како што предвидува законот, односно би имало работни саботи. Само за потсетување, во првото полугодие наставниците ги задолжија учениците да имаат часови во саботите. Оттука, ние не губиме часови поради бојкотот, туку си надополнуваме за саботите од првото полугодие“, велат средношколците за испуштената настава.

Матурантите со писмо до 85 пратеници

Поради непоместливиот став на МОН, Сојузот на средношколци вчера испрати писмо до 85 пратеници во кое бараат поддршка од Собранието.

„Искрено сметаме дека Вашата поддршка во оваа борба ќе резултира со успех за сите средношколци ширум земјата. Ако дури и Вашата поддршка се покаже како залудна, единственото преостаното решение е Собранието да го измени Законот за средно образование, којшто МОН мора да ги почитува. Правото да предлага донесување на закон, Уставот го доделува на секој пратеник во Собранието (член 71). Оттука, дополнување на Законот за средно образование каде што јасно ќе биде наведено дека одредбите се привремени, т.е. се однесуваат само за учебната 2020/2021 година, е последниот демократски чекор“, стои во писмото до пратениците.

Средношколците, пред се, бараат пратениците да го повикаат МОН да ги исполни нивните барањата искористувајќи го нивното влијание како државни службеници. Но, доколку и тоа не го промени ставот на МОН, тие бараат донесување на законско решение со нивните две барања.

„Всушност ние го следиме примерот на Франција која реши нејзините ученици да полагаат само еден испит по нивен избор. Сојузот ја модифицираше одредбата за да биде испочитуван Уставот, односно задолжителното континуирано изучување на мајчиниот јазик. Матурантите сами ќе си го изберат вториот испит, кој сметаме дека ќе биде нивното планирано поле за студирање. Во тој поглед, барањата го тргаат бремето од плеќите на матурантите бидејќи тие би го полагале својот омилен предмет и мајчиниот јазик (писменоста е есенцијална за успехот на едно општество)“, се вели во писмото.

Утрово пак, опозицијата преку соопштение застана на страната на средношколците.

„ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува барањата на матурантите и тие се основани. Кога оваа година, година на епидемија поголем дел од учениците следеа онлајн настава, дел од нив немаа услови за следење на наставата и наставата се одвиваше во тешки услови, министерката Царовска треба да ги прифати овие основани барања на матурантите.

Доколку матурантите испратат писмо со барање за дискусија за државната матура во Собранието на Македонија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат матурантите во нивните барања“, стои во соопштение на опозицијата.

Царовска обвини за сајбер булинг, за ширење дезинфорамции

Неделава одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира обвинувањата на дел од средношколците дека се соочуваат со притисоци од наставници за да го прекинат бојкотот, министерката Царовска рече дека има информации за притисоци од страна на средношколци врз нивни соученици за да се вклучат во бојкотот.

„Она што во последно време многу поинтензивно го слушам е дека има сајбер булинг од страна на врсници и повикувам училиштата и родителите да поразговараат со своите деца и да пријават доколку има вршење на врсничко насилство и притисоци за влегување во бојкот“, рече Царовска.

Но, средношколците не се согласуваат со оваа изјава.

„Како организација која активно се бори за правата на средношколците може да биде силеџиска, навистина не разбираме. Во најмала рака тврдењето на министерката е тежок парадокс. Впрочем, што е тоа „сајбер булинг?“ На македонски, се нарекува меѓуврсничко насилство на интернет. Или пак меѓуврсничко насилство преку средствата за електронска комуникација. Уште една причина зошто е потребно мајчиниот јазик да биде задолжителен испитен предмет годинава. Шегата на страна, единствените ученици кои трпат закани и притисоци се тие кои собраа храброст да ја бојкотираат наставата“, велат од Сојузот на средношколци.

Царовска претходно тврдеше дека станува збор за мал изолиран број на матуранти кои бојкотираат, односно дека барањата на Сојузот на средношколци не ги поддржуваат поголем дел матуранти.

„Среде пандемија, министерката придонесува и ѝ служи на инфодемијата, шири дезинформации и неточни информации. Вистината е ова – наставата ја бојкотираат 78 проценти од матурантите во земјата. Ако се чини малку, тоа ќе биде уште повеќе од толку, бидејќи од нималку станаа толку, а од толку ќе станат дури 100 отсто кога погрешно информирате и се заканувате“, рече Ходаи на прес конференција.

Државната матура во македонскиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Првпат лани не беше реализирана поради пандемијата. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.

XS
SM
MD
LG