Достапни линкови

Слаб одзив на вонредните избори во северно Косово


Гласање во Северна Митровица во Косово
Гласање во Северна Митровица во Косово

Во четири општини во северно Косово, со мнозинство на српско население денеска се одржaa вонредни локални избори. Oдѕивот на гласањето беше слаб. Додека косовските власти ги повикаа граѓаните да гласаат, оние во Србија апелираа на бојкот.

Над 45.000 граѓани кои живеат во северот на Косово денеска можат да го остварат своето право на глас за да изберат градоначалници на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Но, мал дел од нив излегоа на гласање. Граѓаните гласаа и за општинските собранија во Звечан и Лепосавиќ. Сите овие општини одржуваат многу блиски врски со официјален Белград.

Одѕивот беше низок со оглед на тоа што главната српска партија поддржана од Белград, Српска листа ги бојкотира изборите и ги повика и граѓаните да не гласаат.

Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека на изборите гласале 3,47 отсто од гласачите или 1.567 граѓани.

Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи изјави дека изборниот процес поминал без нерегуларности.

Во општина Лепосавиќ излегле 141 гласач или 1,06 отсто од запишаните избирачи. Во Зубин Поток 385 гласачи или 5,78 отсто. Во Звечан 204 гласачи или 2,92 отсто. Во Северна Митровица 837 гласачи или 4,62 отсто.

Гласачки центар во Звчеан
Гласачки центар во Звчеан

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ изјави дека на изборите на северот на Косово на гласале 13 лица од српска националност.

„Победник на овие избори е српскиот народ во Косово, кој ги бојкотираше затоа што не сака окупација“, рече Петковиќ на прес-конференција во Белград.

Тој оцени дека и косовските Албанци ги бојкотирале изборите, истакнувајќи дека гласале за 449 помалку отколку на изборите одржани во 2021 година.

„Ова е пораз и за оној дел од меѓународната заедница што најави дека ќе ги признае резултатите од овие избори“, додаде Петковиќ.

Тој ја критикуваше Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) дека, како што рече, дозволила изборите да се одржат во контејнери обезбедени од косовската полиција.

„Ваквите избори се антидемократски и нелегитимни“, рече Петковиќ.

Српска листа одби да учествува на изборите бидејќи не се исполнети два услови: формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население и повлекување на специјалните единици на косовската полиција од северот на земјата.

Во трката се натпреваруваа вкупно 10 кандидати од кои само еден беше од српската заедница - Слаѓана Пантовиќ како независен кандидат за градоначалник на Звечан.

Другиот српски кандидат од Лепосавиќ, Александар Јаблановиќ од Партијата на косовските Срби, се повлече од изборите пред три дена , тврдејќи дека нема „соодветни услови“ за гласање.

Останатите кандидати беа од албанската заедница - од Граѓанската иницијатива Митровица, Демократската партија на Косово и движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.

Овојпат Централната изборна комисија на Косово мораше да организира отворање на алтернативни избирачки места, бидејќи образовните институции, каде што претходно се одржуваа избори, работат во системот на Србија, која се противи на овие избори.

Отворени се 19 гласачки центри од кои 12 се во контејнери поставени неколку дена пред изборите од страна на косовските власти.

Општините на северот на Косово останаа без градоначалници од ноември минатата година, кога српските претставници во таа област поднесоа оставки од своите работни места, поради одлуката на косовската Влада која бараше замена на српските автомобилски таблички со косовски.

Во пресрет на изборите, Централната изборна комисија ги повика граѓаните на северот на Косово да го остварат своето избирачко право. Истото го направи и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која изјави дека денот на изборите е моментот кога треба да се слушне гласот на граѓаните. Таа порача дека косовските институции гарантираат безбедност на сите гласачи.

Меѓународната заедница претходно го изрази своето жалење што водечката партија на косовските Срби - Српска листа - не учествува на изборите и ги повика сите страни на воздржаност.
Косовскиот премиер Албин Курти оваа недела рече дека Белград ги заплашува Србите од северот да не учествуваат на изборите. Српскиот претседател Александар Вучиќ во саботата изјави дека по 23 април ќе има „окупација“ на северот.

Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер во петокот за РСЕ изјави дека граѓаните на северот на Косово и сите политички партии „имаат одговорност да го почитуваат демократскиот процес, признавајќи дека сите имале можност да се регистрираат и да учествуваат“.

„Напорите за попречување на спроведувањето на овие избори, преку заплашување или каква било закана или употреба на насилство, ќе бидат дочекани со силна осуда од меѓународната заедница“, изјави тој.

XS
SM
MD
LG