Достапни линкови

Сиромаштијата ќе расте и ќе ја топи средната класа


илустрација
илустрација

Високата стапка на инфлација, од 18,7%, најмногу ќе ги погоди ранливите категории граѓани, оти тие најголемиот дел од парите го трошат за храна, велат економистите. Во економската „бура“ која ни се случува, сиромаштијата ќе се продлабочува, прогнозираат аналитичарите.

Од еден маркет во друг. Од една продавница до друга во која кашкавалот или јогуртот се поевтини за неколку денари. Пензионерката Лилјана Настева пешачи и по неколку километри кога треба да го наполни фрижидерот со храна. Таа вели дека не и е сеедно дали некој производ е десетина денари поевтин или поскап. Пред да оди да пазари редовно ги споредува цените и е убедена дека колку толку, успева да заштеди.

„Ако производот го купуваш само еднаш, ајде па да не внимаваш, ама ако редовно го купуваш истиот, тогаш не е сеедно дали е неколку денари поевтин или поскап. Ќе прошетам, ќе ги разгледам убаво цените и ќе отидам до продавницата или маркетот каде што ми се поевтини продуктите што ги користам“, вели Настева.

Со список во рака на кој се напишани продуктите што треба да се купат, пред Зеленото пазарче во Скопје ја сретнавме Лидија Симиџиоска. Таа вели дека се почесто се враќа дома со половина од производите што се наведени на списокот. Раскажува дека го купува само она што најмногу и треба, бидејќи високите цени не и дозволуваат да купи се што ќе посака.

„Ќе си направам список со пет, шест работи што ми се најнеопходни и само тоа купувам. Приметувам големи разлики во цените. Порано ми остануваа повеќе пари, сега или ми остануваат малку или воопшто не ми остануваат,“ ни изјави Симиџиоска.

Во еден од локалните дуќани на пазарчето веќе некое време не дозволуваат купување на вересија. Продавачката Снеже вели дека порано давала вересија, ама многу често купувачите не и го враќале долгот.

„Ќе дадеш вересија, ама после парите не ги гледаш, ептен треба да е некој што добро го познаваш, па да бидеш сигурен дека ќе дојде да си го плати долгот. Постојано ги бркав оние кои земаа на вересија. Сега веќе не можам да го правам тоа и јас треба да живеам од нешто,“ вели продавачката.

Неколку метри до продавничката има месарница. Со полупразна кеса од неа излезе скопјанецот Владимир Ѓоковиќ. Признава дека откако се зголемиле цените сѐ поретко купува месо, ама и зеленчук и овошје.

„Ненормално е скапо. Во европските земји не е толку поскапено како тука. Јас не знам што направија кај нас со инфлацијата и ако вака продолжи ќе биде голема сиромаштија“, вели Ѓоковиќ.

Инаку, според извештајот на Светска банка, Северна Македонија е лидер во регионот по раст на инфлацијата. Во декември таа изнесувала 18,7 %, што значи дека на 100-те денари што ги имаме во џебот, реалната вредност им станала 81,3 денари. За споредба со регионот, инфлацијата во Црна Гора е пониска и изнесува 17,5 %, во Србија 15,1 отсто.

Савески: Бројот на корисници на социјална помош пораснал колку еден средно голем град во државата

Кризата која започна пред две години ќе продолжи со осиромашување на средната класа, предупредува Здравко Савески, активист за социјална правда.

„Веќе втора година по ред, ни се случува зголемување на бројот на приматели на социјална помош и тоа за две години, тој скок е околу 50 проценти. Се работи за 40 000 нови приматели на помош или тоа е големина на еден средно голем град во Македонија. Има сериозен процес на осиромашување и кај средниот слој. Реалните плати се намалуваат и тоа ќе трае“, вели Савески.

Неодамна објавените податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2020 и 2021 година бројот на корисници на социјална помош е во пораст. Притоа податоци за минатата 2022 година, сѐ уште нема.


Ако ударот од инфлацијата се прелее во подлабока економска криза, можно е да се зголеми и невработеноста, вели Савески.

„Ако инфлацијата е лоша тогаш кога работниците имаат редовни примања, тогаш таа е драстично лоша кога тие би останале без работа и кога ќе ги немаат тие примања“, вели Савески.

Економистите очекуваат конкретни мерки од државата, Владата уверува дека се грижи за граѓаните и за компаниите

Според проценките на економските аналитичари, високите цени за граѓаните ќе бидат реалност и годинава. Високата стапка на инфлација само ќе ја продлабочува сиромаштијата, а најмногу погодени од кризата ќе бидат најранливите категории граѓани. Затоа апелираат државата да интервенира преку директни мерки кои би ги ублажиле последиците од кризата.

Нам ни се случува „економска бура“ на која треба да се трудиме да останеме колку што може поотпорни, вели универзитетскиот професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје.

„Кај најсиромашните, пензионерите, кај оние со минимална плата, учеството на храната не е 53 проценти, туку тоа стигнува до 80, 90 проценти. Тие најголем дел од доходот го трошат за храна. Во услови на енормно зголемување, кога пензиите и платите и капацитетот и во приватниот и во јавниот сектор, се ограничени, граѓаните ќе се соочени со намалување на нивниот животен стандард и тоа тешко може да се спречи. Се надеваме дека барем за најранливите категории граѓани државата ќе се обиде преку директна поддршка, ваучери или нешто слично да помогне, или преку мерки на контрола да нема енормно зголемување, барем на основните прехранбени производи“, вели професорот Треновски.

Савески пак смета дека освен замрзнување на одредени стоки, треба да се промени и даночната политика. Владата пак, најави дека ќе воведе данок за компании за екстра профит, но засега нема ништо конкретно од оваа реформа.

Од Владата велат дека 760 милиони евра од Буџетот се насочени кон граѓаните, како дел од пакетот антикризни мерки. Мерките вклучуваат помош за социјални случаи, пензионери, студенти, невработени, субвенционирање на струја за граѓани, но и за компании кои произведуваат основни прехранбени продукти, 80% субвенционирана струја за компаниите, како и враќање на општините и училиштата на регулираниот пазар на струја.

Деновиве почна исплатата на паричната помош согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза. Со владината помош за ранливите категории граѓани опфатени се околу 180 илјади граѓани или 10 отсто од популацијата. Финансиската поддршка за овие корисници изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци и го исплаќа Агенцијата за вработување.

Сега со мерките се опфатени самохраните родители, примателите на гарантирана помош, децата со попреченост и лицата со попреченост над 26 години, пензионерите со минимална пензија, примателите на туѓа нега и лицата со надомест за телесно оштетување. Но, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска најави дека не е исклучена можноста да се прошири опфатот на граѓани кои ќе добијат финансиска помош од антикризните мерки на Владата.

Последната анализа на Националната федерација на фармери покажа дека сиромаштијата во земјава бележи зголемување во последните пет години и дека таа ситуација нема да се подобри во блиска иднина. Кога се прави споредба помеѓу селски и градски средини, најпогодени се селата од сиромаштијата, се наведува во анализата. Како најголеми слабости се нотирани инфраструктурата, ограничените пристапи кон социјални, здравствени и образовни услуги, социјалниот живот, ниските откупни цени на земјоделските производи, ниските доходи и климатски промени, кои според заклучоците во истражувањето, ги втурнуваат во поголема сиромаштија лицата кои живеат во руралните средини.

Инаку на едно четиричлено семејство претходниот месец му биле потребни 51 235 денари за задоволување на минималната синдикална кошничка, а годината заврши со висока инфлација од 14, 2 проценти.

Државниот завод за статистика објави дека во 2022 година, најмногу поскапела храната, односно за 21 отсто. Цените на мало пак, се зголемиле за 12,6%. Во декември, лебот бил поскап за дури 40,1 отсто споредено со истиот месец во 2021 година. Млекото, сирењето и јајцата се продавале за 36,4% поскапо. Месото поскапело за 28%, маслото за 23,7%, рибата за 16,6%, овошјето и зеленчукот за приближно 14 отсто. Во последниот месец од годината, поскапување имало кај кафето, чајот, какаото, соковите, јајцата, шеќерот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG