Достапни линкови

Серија оставки од морални причини за пожарот во Тетово


Министерот за здравство Филипче понудил пишана оставка на премиерот Заев по пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица. Претходно од функцијата се повлекоа и заменик министерот за здравство и двајцата директори на клиничката болница Тетово.

Од морални причини оставка по пожарот во ковид болницата во Тетово поднесоа министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, како и двајцата директори на болницата Фљорин Бесими и Артан Етеми. Во пожарот животот го загубија 14 лица, од кои 12 пациенти, а истрагата за причините за несреќата се уште е во тек.

Филипче на кратка прес- конференција во Владата порача дека од денот на почетокот на пандемијата до денес пред граѓаните секогаш стоел транспарентно соопштувајќи ги и добрите и лошите вести, а притоа никогаш не бегал од критика и не останал должен одговор. Никогаш, како што истакна не се откажал од битката да се победи пандемијата и сите одлуки биле донесени со една цел да се заштити здравјето на граѓаните.

„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што тоа може да го опишат ниту пак начин да се надомести загубата. Почитувани како лекар и министер имаме интегритет затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, порача Филипче на прес-конференција во Владата.

Заменик министерот за здравство Хасани порача дека оставката е чин кој треба да го направи во моментот.

„Во овие моменти толку тешки за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам ништо со процедурите за градењето на модуларна болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е чин за кој сметам дека треба да го направам во моментов, и со тоа да ги почитувам жртвите, повредените , јавноста и најмногу себе. Нема ништо над достоинството“, напиша Хасани.

Директорот на Клиничката болница Тетово, Фљорин Бесими истакна дека чувствува морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи и дека функцијата на е над достоинството.

„Почитувани, со голема тага за секоја жртва и за секој член на нивното семејство, Ве информирам дека, поради оваа морална одговорност која ја чуствувам, давам оставка од раководното место директор на Клиничката болница Тетово. После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна.“, напиша Бесими на Фејсбук.

На Бесими се надоврза и неговиот колега, економскиот директор на болницата Етеми.

„Чувствувајќи ја длабоката болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин. Јас верувам на принципот дека истражните тела и меѓународно ангажираните експерти ќе ја откријат вистинската причина за тоа како настана трагедијата што се случи во модуларниот центар и која ги скрши нашите срца. Ја споделувам болката со роднините на жртвите“, порача Етеми.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека дејствијата кои ги преземаат петтемина обвинители за утврдување на причината за настанување на пожарот во модуларната ковид болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, во континуитет продолжуваат.

Од ОЈО посочуваат дека биле донесени наредби за вршење на судско-медицинска обдукција и идентификација на телата на починатите до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје.

„Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани,“ се вели во соопштението од ОЈО.

Од Владата најавија дека експерти од германската криминалистика ќе се вклучат во истрагата за пожарот.

„Станува збор за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт или Федералната криминалистичка полиција, чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК-анализи, електронски истраги и идентификација“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Министерството за здравство претходно соопшти дека им стои на располагање на сите институции и дека ќе соработуваат и ќе ја приложат целокупната документација со која располагаат, за поставувањето на сите 17 регионални ковид центри во државата.



  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG