Достапни линкови

Сè повеќе граѓани бараат помош за да се прехранат


Делење храна во Народна Кујна во Општина Чаир
Делење храна во Народна Кујна во Општина Чаир

Еден оброк дневно за многу граѓани почнува да станува недостижно. Податоците од Црвениот крст покажуваат дека за 30% е зголемен бројот на корисници на услугите на оваа хуманитарна организација, а редиците стануваат се поголеми и во народните кујни, каде се делат бесплатни оброци.

Секој ден од 9.30 часот наутро во основното училиште „Имри Елези“ во скопската општина Чаир се делат оброци за социјално ранливите граѓани. Тука е сместена една од 48-те народни кујни во државава.

Десетици граѓани секое утро уште пред 9.00 часот доаѓаат и чекаат за да си го подигнат оброкот со кој ќе треба да го преживеат денот. Меѓу нив е и едно многудетно семејство од Шуто Оризари. Таткото на петте деца вели дека социјалната помош не стигнува за да го прехрани семејството, па поради тоа се приморани да се хранат во народната кујна.

Народни кујни: Добро е што има кој да даде
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

„Скоро три години сме корисници на кујната. Од големо значење е, што ќе правиме инаку, под кирија сме, парите не стигаат за ништо, пет дечиња имаме, никаква помош не добиваме од државата“, вели тој.

Леб, макарони, јогурт и колачи, ова денеска го добија од народната кујна и тоа ќе им биде ручекот за денешниот ден.

„Колку за еден ден да преживееме, после другиот ден здравје. Овие лепчиња ќе ги поделиме со децата и ќе ручаме сега“.

Заедно со него беа и сопругата и ќерката, која пак вели дека најмногу се радува кога од кујната ќе добие чоколади и сок.

„Децата се си јадат, а најмногу се радуваат петок кога даваат сокчиња и чоколади“.

Народните кујни за жал стануваат се повеќе посетени. За повеќе од 3.000 граѓани во Македонија овие кујни се местото каде што се прехрануваат, а податоците од Министерството за труд и социјала покажуваат дека бројките на корисници изминатиов период се зголемуваат.

За семејството од Шуто Оризари помошта од народните кујни е од големо значење и добредојдена, но државата мора повеќе да направи за сиромашните, вели нашиот соговорник.

„Државата за сиромашните не мисли ништо. Треба да има повеќе помош, да се делат повеќе пакети и не треба целосно загрозен за да добиеш нешто, ние живееме под кирија, зимата сега уште повеќе не плаши“, додава тој.

Се поголем број на граѓани бараат храна во хуманитарните организации

Не само во народните кујни. И во „Црвениот крст“ за дури 30 проценти е зголемена бројката на луѓе кои доаѓаат за да добијат пакет со основните прехранбени продукти и да можат да се прехранат.

„Најчесто доаѓаат пензионери со ниски пензии и многудетни семејства, но има и луѓе кои што никогаш претходно немале потреба, а сега бараат помош кај нас“, вели секретарката на Црвениот Крст, Сузана Тунева Пауновска за РСЕ.

Основицата за социјална помош во државава изнесува 4.000 денари, а просечната пензија со која живеат пензионерите изнесува околу 17.000 денари.

Истовремено цените на храната во маркетите вртоглаво растат. Лебот и зејтинот поскапеа за речиси 50%, месото и млекото над 20%, а високи се цените и на овошјето и зеленчукот, поради што за огромен број на граѓани храната веќе станува луксуз.

Ситуацијата станува се поочајна

Прво пандемијата, а сега и огромното поскапување на цените на храната ги турна веќе ранливите заедници уште подалеку на маргините од општеството.

Пауновска се плаши дека бројката на граѓани на кои што ќе им биде потребна помош ќе продолжи да расте.

Црвениот крст веќе се организира за да помогне колку што може и да излезе во пресрет престојнава зима која се оечкува да биде особено тешка.

„Ние веќе сме во преговори и со Градот Скопје да имаме зголемување на буџетските ставки за да можеме да излеземе во пресрет пред се на бездомните лица, а во делот на социјалните семејства кои што примаат минимална социјална помош или стари лица со ниски пензии правиме план за акција за дистрибуција на пакети со храна за да можат полесно да ја поминат зимата, која ќе биде многу тешка“, вели Пауновска.

Кога институциите затајуваат помагаат граѓаните

Дека одзивот на гладни луѓе постојано расте, потврдува и Кристијан Калинов, кој што е еден од волонтерите во „Ретвитни оброк“-граѓанската иницијатива која што веќе неколку години обезбедува храна за бездомните лица во Скопје.

„Ние примарно се бавиме со помош за бездомните лица, но даваме услуги и на луѓе со минимални примања, многудетни семејства или пензионери и тој број за жал има растечки тренд“, вели Калинов.

Секоја сабота пред спомен куќата Мајка Тереза оваа група подготвува и донира околу 350 оброци за оние на кои им е потребен топол оброк.

Од друга страна Калинов вели дека како што расте бројката на луѓе на кои што им е потребна помош, така донациите стивнуваат.

Со оглед на финансиската бура низ која поминуваат речиси сите граѓани на Македонија изминатава година, бројката на оние кои што претходно помагале со некакви донации сега и самите се загрижени за сопствениот опстанок, бидејќи и тие одвај врзуваат крај со крај.

„Се намалува и бројката на граѓани кои што можат да помогнат, бидејќи и оние кои што некогаш донирале и нивниот живот станува се поистиснат финансиски и веќе станувааат во онаа категорија каде што веќе не можат да помагаат“, објаснува Калинов.

МТСП: И општините можат да им помагаат на социјално загрозените

Од Министерството за труд и социјала велат дека веќе се направени законски измени со кои ќе се овозможи семејствата во социјален ризик да добијат паричен надомест како надополнување на приходот до линијата на сиромаштија. Истовремено велат дека освен Владата и општините имаат можност да излезат во пресрет на социјално загрозените семејства.

„Ова подразбира дека општината, градот Скопје и општините во градот Скопје, имаат можност да развиваат локални мерки и активности за социјална заштита согласно со овој закон, а врз основа на годишни програми за потребите на граѓаните од областа на социјалната заштита во која предвидуваат активности и средства за реализација на истите“, одговорија од МТСП за тоа што се презема за помош на најранливите.

Иако од министерството велат дека во последниов период во обезбедувањето на оброци се вклучени и здруженија, кои соработуваат со општините, Калинов од иницијативата „Ретвитни оброк“ вели дека одговорноста е сепак кај институциите кои треба да најдат долгорочни решенија.

„Прашањето дали се потребни вакви акции како Ретвитни оброк и невладини кои инвестираат во вакви акции е да секако дека се потребни, но она што секогаш мора да се потенцира е дека овие акции не се решение туку тие се краткорочен лек на една многу болна рана и решението е секогаш системско, но секако во овој момент кога некои луѓе живеат со еден оброк на ден и не можат да купат два продукти за јадење вакви солидарни акции се повеќе од потребни“, потенцира Калинов.

828 милиони луѓе во светот беа погодени од глад во 2021 година

Според податоците на Обединетите нации дури 828 милиони луѓе биле погодени од глад во 2021 година што е 46 милиони луѓе повеќе во споредба со претходната година.

Откако процентот на луѓе погодени од глад остана релативно непроменет до 2020, оттогаш постојано е во пораст, а очекувањата се уште полоши.

Шефот на Обединетите Нации, Антонио Гутереш неодамна предупреди на катастофа поради недостиг на храна

„Постои реален ризик дека во 2022 ќе биде прогласена повеќекратна глад, а 2023 може да биде уште полоша“, рече Гутереш во видео порака до функционерите од десетина богати и земји во развој, кои се состанаа во Берлин на 24 јуни, додавајќи дека е неприфатливо во 21 век да има гладување.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG