Апсолутно ова не е притисок од сегашната влада, но ние сме имале и многу влади претходно, без да прецизира од која влада доаѓа притисокот. Ова беше кусата изјава на обвинителката Вилма Русковска за тоа дали има некоја политичка позадина на нејзината суспензија од функцијата шефица на Обвинителството за организиран криминал. Вели дека нејзините сомнежи за тоа дали и кој би стоел зад нејзината суспензија нема да ги сподели со јавноста и дека не се плаши да ги каже, само не сака да заврши пред Суд за клевета.
„Како обвинител не сакам да верувам дека некој политичар или политика стои зад сето ова. Ве повикувам новинарите да откриете која е позадина на сето ова“, изјави Русковска откако во Советот за јавни обвинители ја поднесе жалбата на одлуката на Шефот на обвинителството Љубомир Јовески за суспензија.
Таа е суспендирана по кривична пријава на поранешниот директор на Финансиската полиција Арафат Муареми за како што вели тој, незаконскиот претрес во УФП, како и поради пропусти во истрагата за пропустите при технички прегледи на Беса Транс.
Според неа ова не е суспензија на Русковска, туку суспензија на правдата и правото во државата.
„Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, после ова мене што ми се случи, не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“, додаде таа.
Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес во Финансиска полиција на 18 јули по анонимни пријави од граѓани, а на 8 август Муареми во врска со претресот поднесе кривични пријави против Русковска и двете обвинителки од нејзиното обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот.
Русковска до Советот на јавни обвинители пристигна со нејзиниот телохранител. Вели дека немала закани, иако не исклучува можност да ги има во блиска иднина.
„Судот и обвинителството ја делат правдата и во тоа сакам цврсто да верувам“, рече Русковска одговарајќи на новинарско прашање кој ја дели правдата во земјава, дали тоа е меѓународната заедница, судот и обвинителството или политичарите.
Од друга страна, пак, шефот на обвинителството Јовески во интервју за неделникот Фокус изјави дека главната причина за суспензија на Русковска се пропусти во постапките и тоа не отпочнување на предистражна постапка во Специјализираното одделение во Обвинителството и проблематичното барања за претрес.
Но, професорот по кривично право Гордан Калајџиев, кој е и еден од авторите на Законот за кривична постапка, вели дека ваквото толкување е изнасилено, затоа што овој пропуст не е сериозна повреда на процедурата за која треба да се покрене суспензија, но и дека секако ова одделение е под надлежност на Русковска.
„Идејата за ова одделение е да спречи непостапување, а не да биде пречка за постапување. Сега обвинителот ја извртува идејата и излегува дека е проблем што постапуваат. Тоа според мене е вештачки предизвикан проблем, особено неговата реакција која е предимензионирана, што покажува дека тој проблем е извлечен како - еве сега да се најде некој основ, со сила“, вели Калајџиев во интервју за радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела.
Калајџиев вели дека доколку дисциплинската комисија донесе одлука во која се утврдат пропусти во постапката можно е разрешување, иако не очекува такво нешто. Но, додава дека можноста Русковска да стане наследник на Јовески е минимална.
„Вилма Русковска има шанса да го замени Јовески само ако се смени власта, инаку од оваа власт неа веќе и е пресудено“, вели тој.
По изјавата на Русковска за количината на предмети кои биле побарани, а недобиени од Финансиска полиција при претресот, веднаш следуваше демант оттаму дека се потрудиле да ги достават дополнително бараните предмети до Обвинителството.
Проблемите и несоработката меѓу првите луѓе на на Финансиската полиција и на Обвинителството за гонење организиран криминал, „букнаа во јавноста“ по неуспехот на државата со конфискација на имотот на осудениот Сеад Кочан.
Претходно нивните меѓусебни несогласувања и „предмети во фиока“ тивко се споделуваа во медиумите. Ситуацијата кулминираше кога Јовески поведе дисциплинска постапка против три обвинителки, а Русковска ја суспендираше. Потоа Муареми најави дека се повлекува од функцијата, за која вицепремиерот Бојан Маричиќ изјави дека му истекол мандатот.