Достапни линкови

Ќе влијае ли распределбата на функции во новата влада врз меѓуетничките односи?


Договорените министерски и менаџерски позиции што ги доби Алтернатива предизвика незадоволство кај дел од македонската јавност во насока на тоа дека етничките Албанци добија премногу за влезот во новата Влада. Аналитичарите пак, не очекуваат тоа да ги наруши меѓуетничките односи во земјата

Тоа што политичката партија Алтернатива на Африм Гаши доби неколку министерски и заменички места во министерства, како и менаџерски позиции во државни институции како договор за нивниот влез во владата, предизвика доста реакции по социјалните мрежи. Реакциите се претежно од македонската страна, па така граѓани револтирано реагираа дека на Алтернатива и е дадено премногу како компензација за нивниот придонес во обезбедување на стабилно парламентарно мнозинство.

Домашните аналитичари во овој договор препознаа политички пазар во кој најважен е личниот интерес и од кој најголеми губитници се граѓаните. Некои коментираат дека новите места предводени од кадар на Алтернатива ќе повлечат низа нови партиски вработувања со етнички предзнак.

Согласно договорот Алтернатива ќе раководи со министерствата за здравство, за информатичко општество и администрација и со Министерството без ресор задолжено за дијаспората. Алтернатива добива и тројца заменици министри: во образование, култура и најверојатно за земјоделство,(допрва треба да се прецизира), а ќе менаџира и во повеќе институции на централно и локално ниво како што се МЕПСО, Фонд за здравство, Железници, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции итн.

Но, дали ваквото незадоволство кај македонската страна може да ги наруши меѓуетничките односи во земјава? Експертите велат дека такво сценарио е малку веројатно.

Според професорката Мирјана Малеска, реакциите во јавноста дека на Алтернатива и е дадено премногу, нема да го загрозат меѓуетничкиот соживот во земјата.

„Иако сето ова може да изгледа дека премногу им се дало на Албанците, дека им се дозволило преголемо учество во власта, или една тежина во донесување на одлуките, сепак сметам дека не сме во ситуација која може да ја загрози рамнотежата во земјата, а тоа е да се поделиме на Македонци и Албанци. Односно да се обединат на пример, македонските партии во парламентот и да доминираат врз етничките малцинства. Тоа не ми изгледа веројатно да се случи, бидејќи веќе извлековме поука од искуството во 2001 година, а и самата држава вака како што е, составена, е меѓуетничка и таква поделба би била неприфатлива од сите политички сили. Оти тоа по дефиниција, би значело конфликт,“ вели професорката Малеска.

Малеска потсетува дека моделот на споделена власт од страна на етничките заедници кој се применува по конфликтот од 2001 година односно по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, е се уште неприфатлив за некои политички фактори. Сепак, смета дека во моментот нема опасност од меѓуетнички тензии.

И политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека соодносот на министерски места меѓу етничките Албанци и Македонци нема да ги влоши односите, но сепак вели дека тоа би можело да прерасне во некаква агенда на некоја од политичките партии која би можела тоа да го искористи за добивање политички поени.

„Овој сооднос не е резултат на процес или барања, туку на политички превирања кои немаа етнички предзнак, туку се водеа од политичка идеологија. Ваквиот резултат повеќе е нус ефект на тој политички процес отколку што е резултат на барања или настојувања на етничките Албанци да добиваат поголем број на министерства“, изјави Незири.

Незири е убеден дека обичните граѓани знаат да препознаат дали некој кадар е професионален и квалитетен, без да го гледаат етничкиот предзнак, па во таа насока не очекува дека новите позиции или можни вработувања на едната или другата етничка заедница би предизвикале влошување на меѓуетничките односи.

„Ниту етничките Македонци, а ниту етничките Албанци не мислат дека нивниот најлош кадар е најдобар во споредба со кадарот на другата етничка заедница. Верувам дека повеќето граѓани бараат добри менаџери, транспарентни политичари, луѓе кои ќе имаат слух за граѓаните, а етничката припадност станува се понезначајна во овој поглед. Ние сме имале локални избори каде што за првпат се гласаше помасовно за кандидати од друга етничка партија, така што не верувам дека една ваква распределба на позиции би можела да приизведува посериозни ефекти. Факт е дека може да се искористи како материјал од популистичките фракции внатре во партиите, но не мислам дека може да предизвика нешто посериозно“, вели Незири.

Покрај реакциите во јавноста, незадоволство од новата распределба на функциите покажаа и помалите коалициски партнери во Владата. Според нив, условувањата на Алтернатива се непринципиелни, а за нив не се прифатливи некои точки од програмата потпишана меѓу двајцата лидери.

На неодамнешната средба во Владата, Демократскиот сојуз, ЛДП и ДОМ главно се спротивставиле за новиот Закон за рамноправен регионален развој и најавеното отворање на монтирани случаи. По информациите во некои медиуми дека дел од нив ја отфрлиле понудата на премиерот Зоран Заев за министри без ресори како компензација за се она што го доби Алтернатива во новата Влада, од Кабинетот на Заев соопштија дека документот со програмските цели договорени со Алтернатива треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел на владина програма.

Новите министри ќе седнат на новите позиции откако ќе се формира новата влада со нов мандатар.

Заев и Гаши ветија стабилно мнозинство кое ќе го задржи евроатланскиот курс на државата. Лидерот на Алтернатива, Гаши на прес конференцијата по потпишувањето на договорот, изјави дека одлуката за да се приклучат на владината коалиција не била едноставна и дека во преговорите не настапиле со уцени, туку дека клучните фактори кои биле земени предвид воделе кон тоа партијата да се приклучи во парламентарното мнозинство и Владата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG