Достапни линкови

Продолжуваат протестите на северот на Косово, КФОР ја обезбедува општинската зграда во Звечан


Косово
Косово

Локалните Срби во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток повторно се собираат за да ги спречат новите градоначалници да влезат во општинските згради. Присутен е КФОР како и косовската полиција. Српскиот претседател Вучиќ на средба со амбасадорите на Квинта, ЕУ, Русија и Кина.

Над 100 луѓе се собраа во Лепосавиќ. Дописниците на Радио Слободна Европа јавуваат дека повеќе од 100 граѓани се собрале пред зградата на општината.

Претставниците на Српската листа ги повторија барањата од претходниот ден, како услов демонстрантите да се разотидат: повлекување на специјалните единици на косовската полиција и излегување на новиот градоначалник Албанец од општинската зграда.

За безбедноста се грижат војници на италијанскиот контингент на КФОР.

Во Звечан пак, за разлика од понеделникот, кога ситуацијата таму прерасна во судири меѓу српските демонстранти и припадниците на КФОР, денеска е помирно, јавува од теренот новинар на Радио Слободна Европа.

Припадниците на КФОР повторно поставија кордон, но овој пат на околу 50 метри од општинската зграда. Повторно се собраа демонстрантите кои се против новоизбраниот градоначалник Албанец, но во значително помал број.

Работници на општинско претпријатие го чистат патот пред општината каде што ден претходно беше запален автомобил, фрлени шок бомби и солзавец.
Присутни се и претставниците на Српската листа - најголемата партија на Србите на Косово - Горан Ракиќ и Игор Симиќ.

КФОР е стациониран и околу општинската зграда во Зубин Поток.

Новинарот на Радио Слободна Европа, лоциран во Зубин Поток, јавува дека околу зградата на општината се стационирани и војници на КФОР. Во моментов се собрани неколку стотици српски демонстранти.

Вучиќ со амбасадорите на Квинта, ЕУ, Русија и Кина

Српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник, на 30 мај, во Белград се сретна со амбасадорите на Квинта (САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија) и шефот на делегацијата на Европската Унија.

Вучиќ пред амбасадорите на земјите од Квинта изјави дека услов за зачувување на мирот на Косово е итно повлекување на градоначалниците од албанска националност и припадниците на косовските безбедносни сили од општините со мнозинско српско население во Косово.

Вучиќ на Инстаграм напиша дека им рекол на амбасадорите на Квинта дека едностраните потези на Приштина водат кон насилство врз српската заедница, што оддалечува од траен мир и стабилност во регионот.

Состаноците се одржаа еден ден по интервенцијата во Звечан што ја презеде мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР.

КФОР интервенираше за да ги растера српските демонстранти собрани пред зградата на општина Звечан на северот на Косово. Потоа дојде до конфликт во кој десетици беа повредени од двете страни.

Интервенција на КФОР во Звечан, има повредени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Групи Срби протестираат во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ на северот на Косово, противејќи се на новите градоначалници од албанска националност во мнозинските српски општини.

Тие беа избрани на изборите во април, кои беа бојкотирани од локалните Срби.

Вучиќ во понеделникот вечерта ги повика Србите на северот на Косово да не се судираат со НАТО.


КФОР: Косово и Србија да преземат одговорност за настаните на северот

Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча побара од Косово и Србија да преземат „целосна одговорност“ за настаните што се случија на 29 мај на северот на Косово и „да не се кријат зад лажните наративи“.

Ристуча, исто така, побара од партиите да спречат „секаква понатамошна ескалација“ на ситуацијата.

Мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, соопшти дека при интервенцијата во Звечан во понеделникот биле повредени 30 војници од оваа мисија: 19 од унгарскиот и 11 од италијанскиот контингент.

Tие се здобија со повеќе повреди, вклучително и скршеници и изгореници од импровизирани експлозивни и запаливи направи“, се вели во соопштението.

Капчан: Владата да се откаже од назначувањето градоначалници на северот на Косово

Владата на Косово треба да се повлече од напорите за назначување албански градоначалници во општините со српско мнозинство на северот на Косово, вели Чарлс Купчан, член на Американскиот совет за надворешни работи и професор на Универзитетот Џорџтаун.

Тоа се дејствија кои се бескорисни и контрапродуктивни на долг рок, вели тој.

„Мислам дека треба да видиме како владата на Србија и владата на Косово седнат заедно и се обидуваат да ги разработат деталите од договорот [за нормализација на односите]. Самоуправата за српската заедница се чини дека е една од Главните пречки. Мислам дека ова што сега се случува на север е одвраќање од овој важен чекор од договорот“, вели Купчан во интервју за Радио Слободна Европа.

Според него, проблемот на северот на Косово може да се реши само со широк договор меѓу Приштина и Белград.


Ситуацијата на север е мирна, велат од полицијата

Безбедносната состојба во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток во моментов е мирна, соопшти косовската полиција.

„Немаме евидентирани инциденти, полицијата ги извршува работните задачи согласно своите обврски“, изјави за Радио Слободна Европа Ветон Елшани од оваа институција.

Според него, полициски службеници се уште остануваат во близина на три општински згради на северот на Косово.

НАТО ги осуди нападите врз војниците на КФОР

НАТО најостро ги осудува неиспровоцираните напади врз војниците на КФОР на северот на Косово, кои резултираа со повредени голем број од нив, соопштија од седиштето на алијансата во Брисел.

„Ваквите напади се целосно неприфатливи. Насилството мора веднаш да престане. Ги повикуваме сите страни да се воздржат од акции кои дополнително ги разгоруваат тензиите и да се вклучат во дијалог“, се вели во соопштението на портпаролот на Организацијата на Северноатлантскиот договор.

КФОР ги повика страните да не ги зголемуваат тензиите на северот на Косово

Во ова соопштение се наведува дека членовите на мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР) ќе ги преземат сите неопходни активности за одржување на безбедна средина и ќе продолжат да дејствуваат непристрасно, во согласност со нејзиниот мандат согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година.

ЕУ бара од Косово „веднаш“ да ја смири ситуацијата

Европската унија „остро“ го осуди насилството во Звечан.

„Актите на насилство извршени врз трупите на КФОР, медиумите, цивилите и полицијата се апсолутно неприфатливи“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Тој преку објава на Твитер рече дека ЕУ бара од косовските власти и од демонстрантите „веднаш и безусловно“ да ја деескалираат ситуацијата.
Очекуваме страните да се однесуваат одговорно и веднаш преку дијалог да најдат политичко решение“, рече Борел.

XS
SM
MD
LG