Достапни линкови

Програми, а не црни кампањи


Парламентарни избори 2020 - билборди
Парламентарни избори 2020 - билборди

Граѓаните се поделени во своите размислувања дали на локалните избори ќе гласаат за личност или партија. За некои пресуден е кандидатот и неговите квалитети, други пак признаваат дека им е важна партијата. Но, повеќето велат дека се уморни од црните кампањи и од партиските нереализирани ветувања

Иако генерално се уморни од политичките препукувања, црните кампањи и политичката некултура, од граѓаните кои ги прашавме дали на следните локални избори би гласале за кандидат или за партија, добивме различни одговори.

За 70 годишната пензионерка Елена Јосифовска, искуството покажало дека не треба да им се верува на политичарите. Убедена е дека зад кандидатите стојат партиите на кои како што вели, не им се важни обичните луѓе и нивните проблеми, туку само нивните гласови. Но кога ќе оди на гласање вели дека пресудно ќе биде која е личноста и кои се нејзините квалитети.

„Не ми е важна партијата туку дали е добар и вреден. Не треба да ја гледаме партијата, туку да се гледа човек кој знае и умее да работи. Ги слушам и кампањите, пензионерка сум имам време ама ме нервираат навредите што си ги упатуваат едни кон други“, вели Јосифовска.

Слични одговори добивме од повеќето граѓани кои ги анкетиравме.

„Кандидатот ми е важен, не е важно кој од која партија е. За личност треба да гласаме, за некој кој влева некаква доверба, тоа е тоа“..

„За кандидат се гласа, за кого инаку друг. Бадијала ќе стави партијата кандидат ако тој некој не е истакнат и добар човек“...

„Јас за човек гласам, ниту во една партија не сум член. Ако гледам дека човекот е домаќин и чесен, се приметува тоа, би гласал за тој. Како викаат старите- постои човек и нечовек, тоа е“...

„Важен е кандидатот, важен е човекот. Мене најважен ми е човекот, дали е квалитетен и дали може да си ја врши работата како што треба, дали има резултат, дали досега и во животот направил нешто, не е важна партијата, велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме.

Сепак има и такви кои без размислување велат дека би гласале за партија.

„За партијата ќе гласам, едноставно така е. Таа партија ми се допаѓа и гласам за нејзиниот кандидат..

„Партија, кандидат...па исто ви е тоа“, велат дел од граѓаните.

Но, кај дел од нив разочарувањето од политичарите и партиските претставници е толку големо што ги натерало да апстинираат на последниот изборен циклус, а исто размислуваат и за есенските локални избори.

„Не би гласал за никој. Јас не гледам сериозен човек, домаќин. Сите доаѓаат со умисла да украдат нешто и да помогнат. Голема работа е некому да му дадеш доверба. Порано сум бил и партиски активен, ама кога еднаш ќе ви стават нож во грб, никогаш повеќе не би гласал за никој“, вели Миле, контролор во ЈСП.

„Сите се исти, сите за себе си гледаат. Наредното гласање не излегувам, ниту за едните, ниту за другите“, вели Лиле од Скопје.

Во меѓувреме, партиите веќе водат кампања. Ова предизборно лето ја има веќе видената сценографија на политичките партии. Партиски активисти растрчани од една општина до друга, екипирање на тимовите, последни напори да се завршат ветените, а нереализирани проекти, се слуша веќе познатата реторика и меѓусебни препукувања на политичките ривали. Фараони, мафија, криминалци, банда и други слични именки се дел од секојдневните партиски соопштенија до јавноста, од кои граѓаните велат дека се уморни и не сакаат да ги слушаат.

„Имаме некултура невидена, не треба да се навредуваме. Секој кандидат нека си каже што мисли, а што прави другиот негов проблем“...

„Паметните и способните си ја гледаат својата работа, а не се замараат со другите. Тоа е губење време, глупости, трошење енергија и занимавање со глупости“, вели Миле.

„Тоа со навредите е само маска за добивање политички поени“...

„Црната кампања ми пречи да ви кажам, не сакам воопшто да слушам такви работи“...

„Преку глава ми се кампањите, толку сме оптоварени да не мора да ги слушаме веќе, во моментот како ќе одлучам, така ќе гласам“, велат дел од анкетираните.

Инаку неодамнешното истражување на Меѓународниот републикански институт ИРИ покажа дека во некои општини една третина од испитаниците не го знаат името на својот градоначалник, а во ниту една од единиците на локалната самоуправа кои биле вклучени во истражувањето граѓаните не знаеле да ги набројат имињата на пет советници,

Во анкетата, меѓу другото, се посочува дека само една петина од испитаниците е задоволна од работата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а дури 90 отсто од прашаните во Тетово одговориле дека се незадоволни од работата на градоначалничката Теута Арифи.

Но, во истата анкета, колку и да звучи нелогично, граѓаните кои одговориле дека не се задоволни од работата на својот градоначалник, сепак одговориле дека повторно би гласале за партијата што ги предложила.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG