Достапни линкови

Пред изборите за Думата, Кремљ го затвори порталот „Паметно гласање“


руските власти го блокираа „Паметно гласање“,
руските власти го блокираа „Паметно гласање“,

На неколку денови пред изборите за Думата, руските власти го блокираа последниот преостанат портал „Паметно гласање“, изработен од тимот на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални. Порталот ги поддржуваше кандидатите кои се против владејачката партија Единствена Русија. Роберт Колсон

Еве ја главната причина зошто Алексеј Навални стана толку моќна политичка закана за Кремљ: ја документира корупцијата и огромните трошоци на владините службеници.

Но, постои уште една, подеднакво силна причина: неговата кампања „Паметно гласање“, напор што има за цел да го олабави ударот на политичката партија Единствена Русија, сојузник со Кремљ за изборите на национално ниво. И затоа, на само неколку денови до изборите за нов состав на Долниот дом на парламентот, властите ги заострија сите мерки за сѐ што е поврзано со „Паметно гласање“.

Тинејџерски воени игри за зовривање на хомофобијата во Русија

„Тие дефинитивно се борат против тоа. Не можеме да заборавиме дека Паметно гласање е најопасно од сите проекти на Навални“, вели Абас Галијамов, политички аналитичар од Москва.

Паметно гласање

Изборите од 17 до 19 септември се клучни не само за зацврстување на контролата на Единствена Русија во политичкиот живот на земјата. Тие исто така се клучни за секој уставен маневар што Кремљ може да го преземе во пресрет на претседателските избори во 2024 година, кога претседателот Владимир Путин може да добие петти мандат. Проблемот за Кремљ е што рејтингот на Единствена Русија е на историско најниско ниво.

Опозицијата, на чело со Навални, покажа невидена ефикасност-користејќи ја тактиката „Паметно гласање“ за да обезбеди победи на локалните избори за стотици опозициски кандидати низ целата земја во 2018, 2019 и 2020 година.

Во изминатите години, напорите беа повеќе традиционални, како кампањи за односи со јавноста, промовирани од Навални и неговите сојузници преку нивните мрежи.

Оваа година, Паметно гласање стана високо-технолошко, со апликација за преземање што беше лансирана на 24 август и која го идентификува во секоја трка кандидатот кој најверојатно ќе го победи својот ривал од владејачката партија, без оглед на партиската припадност или идеологија и ги повикува гласачите да го дадат својот глас за тој кандидат.

Стратезите на Навални го направија „Паметно гласање“ софистициран алгоритам, земајќи ги предвид нештата како што се историјата на гласање во одреден регион, другите кампањи, интервјуа со локални политички аналитичари и експерти и други фактори.

Половина од случаите на корупција во Русија се за мито

Покрај тоа, алтернативните кандидати идентификувани со Паметно гласање не се нужно сметани за „либерални“, па дури и опозициски кандидати; понекогаш тие се поврзани со една од алтернативните политички партии - Комунистичката партија, Либерално -демократската партија или Праведна Русија - чие присуство во Дума е ефективно одобрено од Кремљ, но тие навистина не се сметаат за навистина независни од притисокот на Кремљ.

„Сите сакаме да ја видиме „Прекрасната Русија“ на иднината што е можно поскоро, но мора да бидеме реални. Тоа нема да се случи преку ноќ. „Паметно гласање“ помага да се направи првиот чекор кон враќање на вистинската конкуренција во нашиот политички живот“, се наведува на веб-страницата за „Паметно гласање“ во која се тврди дека во 2019 година бил намален бројот на пратеници на Единствена Русија во Москва од 38 на 25.

Меѓу другото, системот, стави крај на децениските препукувања на опозицијата за тоа дали да учествуваат на изборите - за кои многумина сметаат дека се изманипулирани од Кремљ - и исто така им овозможи на оние што се противат на Единствена Русија да гласаат како релативно моќен блок.

„Гласачите треба да се регистрираат на веб-страницата на „Паметно гласање“ и да го дадат својот глас во согласност со неговите препораки“, вели Илја Јашин, активист кој е меѓу многуте истакнати опозициски фигури, на кои владата им забрани да бараат место во Дума, додавајќи: „Ако сториме сѐ на паметен начин, тогаш Единствена Русија ќе го загуби мнозинството во федералниот парламент“.

„Паметно гласање“ се заканува да биде особено моќно оружје за половина од местата во Дума што се доделуваат во мандатни области. На изборите за Думата во 2016 година, на Единствена Русија ѝ беа доделени повеќе од 90 проценти од таквите места. Според спорните официјални бројки, и покрај анкетите, нешто повеќе од 40 проценти од гласовите.

Политичките консултанти во администрацијата на Путин се чини дека дошле до истиот заклучок како Јашин. „Гледаме дека властите се обидуваат да ја скршат инфраструктурата на „Паметно гласање“ или да го отежнат пристапот до неа“, смета Станислав Андрејчук, соработник на Голос, невладина организација за мониторинг на изборите, која беше прогласена за „странски агент“.

Навални се наоѓа во озлогласен затвор источно од Москва од февруари, а неговиот тим во август ја објави апликацијата „Паметно гласање“, која се нарекува едноставно „Навални“.

Навални во интервју од казнената колонија тврди дека е под психолошка тортура

Владиниот регулатор за Интернет, Роскомнадзор, им нареди на Епл и Гугл да ја избришат апликацијата на Навални од нивните продавници. Досега, двата технолошки гиганта со седиште во САД одбија и се соочуваат со потенцијално огромни казни. Поддржувачите на Навални рекоа дека Роскомнадзор, исто така, се обидува да ги блокира руските корисници да ја преземат апликацијата.

Глобалчек, невладина организација која ја следи достапноста на интернет соопшти дека достапноста на апликацијата во реално време од различни интернет - провајдери паднала на 50 проценти по стартувањето на апликацијата, и оттогаш се движи во голема мера помеѓу 50 и 70 проценти. Наводно, некои корисници тврдат дека не биле во можност да ја користат апликацијата дури и кога користат виртуелна приватна мрежа или VPN.

„Има наредба да се стори сé за да се спречат гласачите да дознаат за препораките за „Паметно гласање“ за да ги спречат да ги консолидираат своите гласови“, наведе менаџерот на проектот Леонид Волков, во објавата на Фејсбук на 25 август.

„Силно охрабрени“

Пролетта, организацијата на Навални, позната како Фондација за борба против корупцијата, откри дека нејзините компјутерски сервери биле хакирани, а податоците за стотици илјади луѓе кои ја поддржувале фондацијата биле украдени.

Според истрагата спроведена од РСЕ во мај, дигиталните траги покажаа дека пробивот, што резултираше со протекување податоци за околу 529.000 поддржувачи на Навални, се чини дека го извршиле луѓе поврзани со претседателската администрација.

Во текот на летото, полицијата ги засили рациите. Според ОВД-Инфо, група за права која ги следи агенциите за спроведување на законот, до крајот на август полицијата посетила повеќе од 1.400 луѓе во најмалку 11 региони кои покажале поддршка за Навални.

Според Јелена Макарова, адвокат на групата на Навални, од целните лица било побарано да објаснат зошто донирале во Антикорупциската фондација на Навални, која е забранета како „екстремистичка“ организација. Исто така, биле прашани зошто ја презеле апликацијата „Паметно гласање“ на Навални, или зошто потпишале петиција со која се обврзуваат дека ќе протестираат против затворањето на Навални.

„Отпрвин мислевме дека тоа е некаква шега. Сите извештаи се појавија како да се копирани. Тие не беа само слични, туку идентични“, изјави таа. Русите кои беа цел на полицијата беа „силно охрабрени“ да поднесат правна жалба против Навални и неговиот персонал за неуспех да ги заштитат базите на податоци со нивните лични податоци, објави ОВД-инфо.

Рускиот суд побара да се ограничи слободата на портпаролката на Навални

„На барем едно лице му беше кажано директно дека доколку одбие да напише жалба против Навални, тој ќе биде однесен во полициски притвор и ќе биде задржан таму додека не се премисли“, рече Макарова.

Би-Би-Си, повикувајќи се на неименуван извор „близок до Федералната служба за безбедност (ФСБ), објави на 1 септември дека наредбата за полициски посети доаѓа од претседателската администрација на Путин и го спроведувале единици на Министерството за внатрешни работи, контролирани од ФСБ.

Вистинско Паметно гласање, лажно Паметно гласање

Покрај напорите да се блокираат веб-страницата и апликацијата „Паметно гласање“ и полициските заплашувања, Волков рече дека „безброј лажни страници за паметно гласање“ и апликации го преплавија интернетот.

„Огромна, скапа рекламна кампања од фалсификати е започната на социјалните медиуми, така што луѓето ќе бидат збунети од различните препораки и не можат да го разликуваат вистинското од лажното“, вели Волков. Покрај тоа, повеќе медиуми, поддржани од владата ја нападнаа кампањата.

„Паметното гласање е манипулативна и деструктивна тактика, чија главна цел е да го уништи рускиот систем на управување“, се вели во една статија објавена од веб-страницата на Сибирскиот федерален прес на 30 август. Еден месец пред да биде пуштена апликацијата непозната фирма за трговија со волна со тројца вработени со седиште во јужниот регион Ставропол го регистрираше „Паметно гласање“ како свој заштитен знак.

На 1 септември, компанијата поднесе тужба против Гугл инсистирајќи гигантот за пребарување да ги блокира сите „нелегални“ употреби на ова име.

Московскиот аналитичар Галијамов вели дека напливот на активности насочени против „Паметно гласање“ го покажува нивото на загриженост во Кремљ.

„Единственото нешто што може да се направи во таква ситуација за да се спасат нејзините изборни изгледи е да се рефокусира гласањето на своите противници. Во секоја изборна единица низ земјата веројатно има двајца или тројца кандидати кои опозициските гласачи би можеле да ги поддржат. Ако секој од нив собере разумен процент, тогаш никој од нив нема да добие повеќе од кандидатот на Единствена Русија, кој ќе биде поддржан од административни ресурси“, вели Галијамов, заклучувајќи: „Ваквото префокусирање е главната надеж на властите. Затоа „Паметно гласање“ е нивниот главен непријател“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG