Достапни линкови

Прва пресуда за нелегалното прислушување


Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина, архивска фотографија.
Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина, архивска фотографија.

По три години од почетокот на судењето за случајот „Таргет –Тврдина“, денеска Судот треба да донесе пресуда. Ова е главниот предмет што го покрена некогашното Специјално обвинителство за да се дознае кој прислушувал во Македонија и кој потоа ја уништил опремата за прислушување. Обвинителите бараат 13 години казна затвор за обвинетиот Сашо Мијалков.

Судската разрешница на капиталниот предмет на поранешното СЈО „Таргет-Тврдина“ треба да даде одговор кој незаконски ги следел комуникациите на над 20 илјади македонски граѓани – политичари, бизнисмени, новинари и јавни личности, како и одговор на прашањето кој ја уништил опремата преку која било извршено кривичното дело.

Во овој предмет обвинети се 12 луѓе, меѓу нив поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет во УБК Тони Јакимовски, поранешниот началник на Петтата управа на МВР Горан Грујевски, поранешната началничка во МВР Надица Николиќ, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК.

Мијалков е во домашен притвор, откако претходно неделава исчезна, па се појави по два дена за да си го зеде од Обвинителство решението за домашен притвор. За него Обвинителството бара казна од 13 години во затвор. Јанкулоска е во затвор за друго дело произлезено од прислушуваните разговори, а Горан Грујевски е во бегство.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а 1.541 број продолжиле да бидат следени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Обвинителството, во завршниот збор, посочи дека и покрај сите пречки со кои се соочувале во истрагата, успеале да докажат дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.

„Имајќи ги предвид последниците од кривичните дела и импактот кој овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени, така и на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујоски и Надица Николиќ, како создавачи на групата, да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“, изјави Ристоска.

Во однос на ништењето на системот за следење на комуникациите, Ристоска рече дека Судот треба особено да го следи износот на штета, што е нанесена со ваквите постапки на обвинетите и да изрече казни, со кои се постигнуваат целите на казнувањето. Опремата за прислушување од системот „Најс“ на УБК која беше уништена во 2015 имала употребна вредност од 1.418.897 евра.

Според неа, Судот треба да ја цени осудуваноста на обвинетите Горан Грујоски, Гордана Јанкуловска и Валентина Симоновска.

Во завршните зборови адвокатите на сите обвинети за прислушување во земјава во периодот од 2008 до 2015 година рекоа дека не учествувале во нелегалното следење на комуникациите.


Како се прислушувало?

Обвинителите на едно од рочиштата објаснуваа пред Судот како се правело прислушвањето во УБК. Обвинителството истакна дека тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, имал можност од својата канцеларија нелегално да слуша разговори, без судски налог.

„Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата е Сашо Мијалков“, рекоа обвинителите.

Мијалков, пак, на судењето реч едека не постои ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од УБК и дека тие го вршеле прислушкувањето.

Според него, „прислушување лесно можело да се врши и надвор од системот на УБК“ и го отфрли како неточно обвинението дека формирал злосторничко здружение за да ја злоупотреби службената положба и овластувања. Тој ги отфрли обвинувањата дека самиот влегувал во системот и прислушкувал, како и дека „немало прислушкување без судска наредба во УБК“.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, Мијалков негираше дека во 2015 година побарал од Горан Грујевски да покрене постапка за уништување на овие системи. Тој пред Судот рече дека во земјава имало други системи за прислушување, бидејќи, како што кажа, кога „во 2014 година, израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија и ја вклучила опремата, детектирала дека има уште три други системи.“

Поранешната министерка Јанкулоска на едно од рочиштата рече дека не знаела дека потпишува согласност за уништување на опремата за прислушување.

„Јас немав никаков мотив да учествувам во ваков чин поврзан со монструозно кршење на човековите права. Јас и моето семејство трпевме и се уште трпиме огромни последици од овој случај со прислушувањето. Се уште трае медиумскиот линч кон мене и сите мои права се ограничени. Јас имам силен мотив овој скандал еднаш засекогаш да се расчисти до крај. Ова ќе биде мала, но значајна сатисфакција за жртвите, како што сум јас. А, јас добив обвинение место да бидам третирана како жртва“, рече Јанкулоска во нејзините завршни зборови.

Според податоците од Судот доставени до РСЕ кон средината на јануари, вкупно 177 луѓе досега поднеле писмено барање за отштета во предметот „Таргет Тврдина“. Најмалку 25 милиони евра досега се побарувањата од оштетените и незаконски прислушувани луѓе кои се сведоци во предметот кој го истражуваше поранешното СЈО.

Аферата за прислушување излезе во јавноста во февруари 2015 година кога тогашната опозициска партија СДСМ преку проектот „Вистина за Македонија“ почна да објавува аудио разговори, за кои велеше, дека незаконски биле следени и снимани од разузнавачите во УБК под водство на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Обвинетиот Мијалков на чело на оваа функција беше од 2006-тата година до 2015 година кога го напушти своеволно директорското столче по случувањата во „Диво Насеље.

Предметот во почетокот специјалните обвинители го презентираа во јавноста како „Тврдина“ во 2016 година. Во судница обвинителниот акт беше споен со уште еден предмет кој се однесува на уништената опрема за прислушување и го доби името „Таргет-Тврдина“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG