Достапни линкови

Почнува потрагата по нафта во еколошката Црна Гора


Протест на еколошки активисти против дупчење во потрага по нафта и гас во Црна Гора
Протест на еколошки активисти против дупчење во потрага по нафта и гас во Црна Гора

Од Владата на Црна Гора е најавено дека на 25 март ќе почне дупчењето на првата истражна локација во потрага по нафта и гас, која се наоѓа на 28 километри од брегот на крајниот југ на државата, во морето меѓу Бар и Улцињ. Граѓаните и еколошките активисти се огорчени поради овој проект

Граѓаните на Улцињ, но и на целото црногорско приморје, се огорчени и исфрустрирани поради најавата дека италијанско- рускиот конзорциум Ени-Новатек на 25 март ќе го почнат првото истражно дупчење на црногорското подморје и страхуваат поради загрозувањето на животната средина и туризмот, изјави за Радио Слободна Европа новинарот и еколошки активист од Улцињ, Мустафа Цанка.

Приказната за истражување на нафта и гас во подморјето на Црна Гора повторно е во центарот на вниманието на јавноста откако од Владата е најавено дека на 25 март почнува дупчењето на првата истражна локација, која се наоѓа на 28 километри од брегот, на крајниот југ на Црна Гора, во морето меѓу Бар и Улцињ. До крајот на 2021 година ќе биде познато дали на оваа локација има наоѓалишта на јаглеводород.

Втората истражна локација ќе биде нешто поблиску до брегот, на околу 18 километри оддалеченост и ќе биде многу поплитка, не подлабока од 1500 метри.

Црна Гора досега има склучено два договора за истражување и производство на нафта и гас. Првиот во 2016 година е потпишан со италијанско- руската компанија „Ени и Новатек“ за 4 истражувачки блока на период од 7 години, а вториот една година подоцна со грчката компанија Енергеан, за два блока со исто траење на истражувањето.

Од Владата ветуваат внимателност и поради Хрватска

Во Министерството за екологија, просторно планирање и урбанизам уверуваат дека ќе ги следат сите параметри на животната средина, поврзани со состојбата на морскиот еко-систем, како и дека ќе дејствуваат на прв знак на негово нарушување.

„Не само поради зачувување на црногорското приморје, туку и поради соседна Хрватска. Секое евентуално излевање на нафта, гас или што било на дваесетина километри од нашиот брег може да влијае на Хрватска поради морските струи кои одат во нивен правец“, изјави за Радио Слободна Европа државниот секретар во министерството Данило Мрдак.

Во Хрватска пред неколку години исто така е водена жестока дебата за плановите на властите да реализираат иста работа со истражување и дупчење на подморјето за експлоатације на нафта и гас.

Иако во Владата во Подгорица уверуваат дека зачувувањето на животната средина е приоритет, еколозите и локалната заедница остро се противат на оваа идеја.

„Без дилема, граѓаните се единствени во тоа. Ова не го очекуваа од оваа влада. Тие активности не се добри, претставуваат тежок пораз за општеството и враќање во варварство. Вакви проекти само го нарушуваат и деградираат уставното определување на оваа земја и го уриваат столбот врз кој владата моментално стои“, вели Цанка.

Овој проект е договорен од поранешната влада, која беше сменета по поразот на ланските избори. Новата Влада на Здравко Кривокапиќ е изгласана во декември, а министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ неодамна изјави дека ќе ги продолжи сите проекти на претходникот за кои ќе процени дека се добри.

Дали има економска логика?

За еколошкиот активист Мустафа Цанка експлоататорското дупчење на морето е еднакво на „самоубиство“.

„Тоа е луд, суициден потфат кој остава пустош и во морето и на брегот, а воедно го доведува во опасност нашето постоење на овој простор. Мора што побргу тој проект да се суспендира, особено во ваква ситуација кога нафта на светскиот пазар има доволно и кога преминуваме на зелена енергија“, смета Цанка.

Тој не се согласува со министерот Бојаниќ кој рече дека Црна Гора ќе има големи бенефити и оти тоа ќе биде една од главните работи кои ќе направат земјата веќе да не биде зависна само од туризмот и услугите.

„Во најдобар случај, ако се најде нафта, би добивале 70 милиони евра годишно, а во добрите сезони заработувавме милијарда. Вон памет е за тој износ да ги доведуваш во прашање економијата и екологијата“, истакнува Цанка.

Имено, според договорот, ако се утврди постоење на нафта и гас во тој регион, на Црна Гора ќе и припаднат од 62 до 68 насто од приходите. Тие пари нема директно да се слеваат во буџетот, туку низ посебен фонд ќе се чуваат за идните генерации, слично како во Норвешка.

Дупчењата за нафта и еколошката држава

Еколошките невладини организации се изненадени од најавата на Владата за почеток на дупчењата. Тие сметаат дека вадењето нафта никако не е во согласност со уставниот статус на Црна Гора како еколошка држава и со развојот на туризмот.

Невладиниот сектор не очекуваше дека новата влада ќе го продолжи проектот за истражување на нафта, односно очекуваше дека ќе бидат разгледани досегашните договори за кои постои опасност дека негативно ќе влијаат врз животната средина и туризмот.

Тие се свесни дека е тешко да се раскинат договорите, но се надевале дека новата влада ќе излезе од тие договори, па макар и ако мора да се плати надомест на штета.

Инаку, постројката која ќе го врши првото истражно дупчење пристигна по 5-дневно патување од Малта и се наоѓа во пристаништето во Бар.

XS
SM
MD
LG