Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на митинзи, трибини и средби со граѓаните не само што веќе ја тераат изборната кампања, иако до гласањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април има неколку месеци, туку не изостанува и меѓусебното препукување кое најчесто е резервирано за финишот. Со пораки за финална пресметка, користење на зборови како „мало сутра“ и кој тоа гушкал Албанци, дополнително ја загреваат атмосферата меѓу нивните поддржувачи, но и противници.
„Еве не бидна датумот. И што дека не бидна датумот мисли дека тоа ќе го донесе на власт? Мало сутра“, рече Заев.
Заев направи и гестикулација со раката која алудираше на изреката што беше проследено со аплауз од присутните на граѓанската трибина во Прилеп. Мицкоски на партиската трибина во Гевгелија најави дека „од денеска почнува последната пресметка“, а реагираше и на изреката на Заев.
„Премиерот Заев може да се предомисли дека тој не бил всушност тој кој го потпишувал и преговарал Преспанскиот договор. И најверојатно сега ќе оди во таа насока, дека впрочем тоа лице што ја виткаше кичмата и слугуваше, можеби јас не сум тој, може некој друг некој негов холограм. Ќе се изнаслушаме „мало сутра“ работи до денот на изборите“, рече Мицкоски.
Политичкиот јазик насекаде во светот трпи некаква симплификација во последно време што може да биде некаква причина за намалување на нивото на политичкиот речник како некаков обид за доближување на масите во смисла на популизам, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
„Но, мислам дека покрај тоа има и втора причина, а таа е високото ниво на политичка тензија и големиот влог за двете големи македонски партии од овие избори. Фактот што веќе однапред се знае дека изборите ќе бидат за шест месеци и дека за двата лидери влогот за овие избори е голем ги прави да бидат малку поостри во политичкиот речник“, вели Арсовски.
Одлика на сите политички партии е да користат народен речник во комуникацијата со нивните гласачи, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири. Но, според него, тоа се прави без да се води сметка за нивото на кое се комуницира и без да се таргетираат потенцијалните гласачи кои не се членови на нивните партии.
„Овие препукувања помеѓу партиите фактички се одлика на луѓето што користат популизам за да ги мотивираат масите, а не конкретни идеи, проекти, понуди кои би биле решенија за конкретните проблеми не само на нивните гласачи, туку и на сите граѓани. Повеќе изгледа како комуникација меѓу навивачките групи, отколку виситинска дебата помеѓу политичките ривали кои настојуваат и се обидуваат да ја преземат власта во наредните 4 години“, смета Незири.
Според Арсовски, може да се очекува речникот да станува поостар, иако политичките лидери на моменти ќе го ревидираат по реакциите во јавноста, но како што истакнува Арсовски, меѓусебните, условно речено, напади ќе бидат присутни во текот на целиот предизборен период.
„Треба да се очекува негативна кампања со повеќе критики и напади кон противникот наместо понуда, бидејќи и тоа е исто така последица на високиот политички влог“, додава Арсовски.
Официјално изборната кампања започнува 20 дена пред гласањето, а освен активностите на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно не изостануваат и соопштенијата од нивните партии исполнети со слични фрази.