Рускиот претседател Владимир Путин нема конкретна стратегија за Западен Балкан, велат политичките аналитичари, но е опасен опортунист кој нема да се откаже од балканските земји во кои се уште има свое влијание, колку тие и да се блиску до остварувањето на нивната цел – членство во НАТО и во ЕУ.
Поранешниот шаховски велемајстор, политички противник на Кремљ и сегашен активист за човекови права, Гари Каспаров, има специфична дефиниција за рускиот претседател Владимир Путин и неговата идна политика кон Западен Балкан, па дури и кон некои други земји од Балканот кои се веќе во западното јато.
Опортунист, а не стратешки играч
„Путин е опортунист, а не стратешки играч. Тој е како покерџија кој добил добри карти и знае да ја искористи секоја прилика што ќе му се укаже. Или што ќе му ја овозможат Вашингтон и Брисел“, изјави неодамна Каспаров за неколку хрватски медиуми, при посетата на Загреб.
Според Каспаров, кој е претседател на организацијата за човекови права, „Хјуман рајтс“, Путиновата Влада не може да се пофали со економски успех на Русија, бидејќи, како што вели, животниот стандард во Русија паѓа, цените растат, а дури и официјалните податоци на руските државни институции покажуваат дека цените во Русија и понатаму ќе растат, а платите и пензиите на Русите ќе се намалуваат. Сепак, додава Каспаров, рускиот претседател, иако без прецизна стратегија и зацртан долгорочен план, и понатаму продолжува да троши големи суми државни пари, во најголем дел за армијата, за разузнавачките служби и за антизападна и проруска пропаганда.
Како што вели Каспаров, Путин на почетокот бил агент на КГБ, а КГБ не е филантропска организација.
Игра по старо
И универзитетскиот професор од Универзитетот во Грац, д-р Флоријан Бибер, се сложува дека Москва во последно време нема конкретна стратегија за Балканот, и дека уште пред да го добие Путин актуелниот претседателски мандат, очекувањата биле дека Русија ќе „игра по старо“ во однос на Македонија, Црна Гора, БиХ, Косово и Србија.
„Мислам дека тоа што го прави Русија е обид да се спречат евроатлантските интеграции во било кој случај и дека Балканот е најлесната област за да го направи тоа“, изјави проф. Бибер во интервју за Радио Слободна Европа.
Бибер додава дека позагрижувачко е путиновото подолго останување на власт, бидејќи, како што вели, тоа уште повеќе би ја зголемило неговата авторитарност и би станал уште поголем противник на Западот, затоа што му е потребна тензија за да остане на власт.
За таа тензија, според Каспаров, Путин сака да направи слика дека Русија е опколена, и за тоа не му трабаат пријатели, туку непријатели.
Сепак, додава претседателот на „Хјуман рајтс“, во последно време, изгледа дека јавноста почна да препознава која политика ѝ одговара, а која не, и дека ќе сфати дека Путин не сака да им помогне, иако така се претставува. Сосема спротивно, нагласува Каспаров, Путин само додава масло на балканскиот оган.