Достапни линкови

Под притисок од војна во Киев привид на нормалност


Нова брачна двојка позира на плоштадот пред киевската катедрала Свети Михаил, 12 февруари 2022 година.
Нова брачна двојка позира на плоштадот пред киевската катедрала Свети Михаил, 12 февруари 2022 година.

Во Вашингтон и други западни главни градови, предупредувањата за војна стануваат сѐ погласни. Во меѓувреме, во Киев, животот продолжува, луѓето купуваат, шетаат. „Загрижена сум, но треба да останеме смирени. Паниката нема да помогне никому“, вели една жена. Мајк Екел

Изминатиот викенд, најголемата грижа за Андриј, 21-годишен студент по медицина на универзитетот во Киев, не беше заканата од војна. Тоа беше каков златен привезок за Денот на вљубените да ѝ купи на девојката.

„Го одбрав поскапиот“, рече тој, смеејќи се, пред продавницата за накит Love You во еден трговски центар во Киев. „Ова е многу поважно. Освен тоа, нема да има војна. Барем се надеваме дека ќе нема“.

Блинкен – Заканата од руска инвазија врз Украина е доволно блиска

Тапаните на војната чукаат сè погласно во Украина. Со повеќе од 100.000 војници распоредени на север, исток и во окупираниот Крим на југ, заедно со софистицирано ново вооружување и опрема, како возила за копање ровови, сѐ поголем број аналитичари велат дека е тешко да се заклучи оти руската војска е подготвена да направи нешто друго освен да го нападне својот западен сосед -- по втор пат за осум години.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека речиси триесетина воени бродови запловиле во водите на Црно Море; флотилата вклучува амфибиско десантно летало што може да се користи за поставување пешадија и оклопни единици на украинскиот брег.

Жителите на Киев: Сѐ ќе биде добро. Ако не, ќе се бориме
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:56 0:00

Иако Украина би водела борба, новата руска инвазија би била катастрофа за Киев, проценуваат западните разузнавачи. Предупредувањата, главно од американски официјални лица, достигнаа нови нивоа на 11 февруари, откако официјални лица од Белата куќа рекоа дека инвазијата може да дојде во следните пет дена.

Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин разговараа по телефон на 12 февруари во обид да спречат нова војна. Бајден, според Белата куќа, го предупредил Путин дека инвазијата врз Украина ќе резултира со „брзи и тешки“ последици за Русија и ќе предизвика „широко човечко страдање“.


Официјален претставник на американската администрација подоцна рече: „Останува нејасно дали Русија е заинтересирана да ги оствари своите цели по дипломатски пат, а не преку употреба на сила“.

Во меѓувреме, Кремљ го опиша телефонскиот разговор како „урамнотежен“ и „деловен“, но исто така не сигнализираше некои големи промени во размислувањето.

Среде мрачните прогнози, западните земји продолжија да се повлекуваат и да го преместуваат својот дипломатски персонал. Конвој возила на Амбасадата на САД е забележан како се движи кон запад надвор од Киев.

Стејт департментот соопшти дека дел од неговиот персонал ќе се префрли во Лавов, град во западна Украина. Канада, која има големо украинско емигрантско население, исто така соопшти дека ја преместува својата амбасада од Киев во Лавов.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, повторно се обиде да ги возврати најтешките предупредувања од Соединетите држави, кои предизвикаа негодувања од него и од неговите главни советници во последните неколку недели.

„Најдобар пријател на нашите непријатели е паниката во нашата земја. И сите овие информации само предизвикуваат паника и не можат да ни помогнат“, им рече Зеленски на новинарите на 12 февруари, додавајќи: „Не можам да се согласам или да не се согласам со она што не се случило сè уште. Засега нема војна од целосен обем во Украина“.

„Добредојдовте во пеколот“

Шефот на вооружените сили на Украина, генерал-полковник Валериј Залужниј, пак, беше многу повоинствен: „Ја зајакнавме одбраната на Киев. Поминавме низ војната и соодветна подготовка. Затоа, подготвени сме да се сретнеме со непријателите -- не со цвеќиња, туку со пушки и проектили. Добредојдовте во пеколот!“

Во анкетата со речиси дваесетина луѓе низ центарот на Киев, на неверојатно топол февруарски викенд, расположението беше мешавина од инат и загриженост - а во некои случаи дури и рамнодушност.

Со поглед на реката Днепар 3-годишниот Стаклен мост е популарна дестинација во Киев
Со поглед на реката Днепар 3-годишниот Стаклен мост е популарна дестинација во Киев

Некои, како Андриј, се шегуваа за Денот на вљубените. Други го спомнаа контроверзниот резултат за претставување на Украина на Изборот за песна на Евровизија во 2022 година. (Второпласираниот, оркестарот Калуш, тврдеше дека последното гласање, сок кое победи Алина Паш, било наместено).

Но за другите, како Лена, 46-годишна главен финансиски директор во голема киевска компанија тешко е да се биде оптимист. „Расположението не е добро. Што мислите дека треба да правиме? Да, загрижена сум“.

Лена, која рече дека живеела со нејзината мајка и четири мачки, направила некои подготовки во случај на недостиг предизвикан од војската: купила дополнителна храна, извадила дополнителни пари од банкоматите на нејзината банка и купила вода. „Иако веќе ја испив “, рече таа смеејќи се: „Треба да останеме смирени. Паниката нема да помогне никому. Што треба да правиме? Да почнеме да плачеме?“.

Володимир Ишченко, кој шеташе со сопругата Свитлана и нивното новороденче, рече дека тие не планираат да го напуштат Киев дури и во случај на целосна инвазија, за која верува дека е малку веројатна.

Сепак, Свитлана се залага за пакување на некои залихи, како што се дополнителни пелени и храна, во случај да мораат нагло да одат во западна Украина, каде што би можеле да останат кај роднините.

„Тоа нема да се случи. Меѓу моите пријатели и роднини никој не верува“, вели Ишенко, 41-годишен градежен инженер во развојна компанија.

Студент по инженерство од источниот град Краматорск, кој беше во посета на својата девојка во Киев, вели дека дома во Донбас - недалеку од линијата на фронтот во речиси осумгодишниот конфликт меѓу владините трупи и силите поддржани од Русија -- никој навистина не обрнува внимание на заканата од ескалација на војна. „Луѓето немаат време за војна. Има повеќе итни работи за размислување. Луѓето се повеќе загрижени за нивната работа, пари, греење на домовите“, вели тој.

„Ние треба да ја водиме нашата борба“

Неколку илјади луѓе маршираа низ центарот на Киев во знак на пркос и да се спротивстават на секој можен договор што ќе го поткопа украинскиот суверенитет.

За време на Маршот на единството против заканата од нова воена инвазија на Русија на украинска територија. Киев, 12 февруари 2022 година
За време на Маршот на единството против заканата од нова воена инвазија на Русија на украинска територија. Киев, 12 февруари 2022 година

По интонирањето на националната химна, поворката, извикувајќи „Слава на Украина“ и носејќи транспаренти на кои пишуваше „Украинците ќе се спротивстават“ и „Напаѓачите мора да умрат“, тргна кон Плоштадот на независноста или Мајдан, централниот плоштад каде што во 2013 година и 2014 година, илјадници демонстранти кампуваа со месеци --- јадрото на проевропското, антикорупциско протестно движење кое собра сила кога претседателот Виктор Јанукович ги напушти плановите за поблиски трговски врски со Европската унија и наместо тоа се сврте кон Русија.

Украина ги повикува своите граѓани на смиреност

Насилството се разгоре на Мајдан во февруари 2014 година и Јанукович побегна од земјата. Набргу потоа, Русија го зазеде полуостровот Крим и поттикна војна во источна Украина.

Стоејќи на Мајдан, Олександр Антоновец, 63-годишен пензиониран учител кој сега тренира коњи за трки, држеше украинското знаме за кое рече дека му било дадено во знак на благодарност за поддршката што им ја дал на демонстрантите кои кампуваа во 2013-2014 година. Тој рече дека е подготвен да се бори, да се приклучи на бунт или отпор, доколку дојде до тоа.

Олександр Антоновец и уште еден човек кој го даде само своето име, Олександр, стојат на плоштадот на независноста во Киев, држејќи украинско знаме со потписи од луѓе кои се бореле во Донбас против сепаратистите поддржани од Русија.
Олександр Антоновец и уште еден човек кој го даде само своето име, Олександр, стојат на плоштадот на независноста во Киев, држејќи украинско знаме со потписи од луѓе кои се бореле во Донбас против сепаратистите поддржани од Русија.

Тој рече дека е благодарен за оружјето што го обезбедуваат Соединетите држави: оружје од стотици милиони долари, вклучително и противтенковски ракети познати како Javelin.

„Ние треба да ја водиме нашата сопствена борба. Ви благодариме за Javelins, но тоа е наша борба. Ако дојде војна во Киев, „секако, некои луѓе ќе побегнат. Но, многу од нас ќе останат да се борат“.

Шетајќи се во мал парк недалеку од Олимпискиот стадион, Николај, 63-годишник од градот Славјанск во Донбас, рече дека е во посета на Киев за да ги види својата ќерка и внук.

Жителите на Киев беа надвор уживајќи во невообичаеното топло, сончево февруарско време на 13 февруари 2022 година.
Жителите на Киев беа надвор уживајќи во невообичаеното топло, сончево февруарско време на 13 февруари 2022 година.

„Ја преживеав 2014 година, се сеќавам што се случи тогаш, артилериски гранати паѓаа насекаде. Сите беа преплашени“, рече тој, мислејќи на двомесечната битка во која владините сили го вратија градот од борците поддржани од Русија на почетокот на конфликтот во Донбас, во кој досега загинаа повеќе од 13.000 луѓе.

„Мислам дека нема да има нова војна. Каде ќе одам? Она за што се грижам се децата, моите внуци. Тие се заробени во овој хаос“.

Шетајќи со своето куче Коди, Дима, програмер од источниот град Харкив рече дека неговите пријатели во војската се уверени дека можат да ѝ се спротивстават на инвазијата на Русија.

Тој вели дека неговата девојка е загрижена и сака да замине ако избие војна, но тој не планира да го стори тоа. „Русија мисли дека Украина е нејзина сопствена земја. Тоа е проблемот. Она што можеме да го кажеме е ова: На, куршумите им е сеедно дали сте Украинец или Русин. Ако има нова војна, ќе има многу смртни случаи. Но, ние ќе се бориме“, додаде тој.

Столтенберг предупреди на „ризик“ од вооружен конфликт во Европа

Катерина, 27-годишна мајка на пат да ги види роднините во друг дел на Киев пак изјави „Нема причина за сето тоа. Луѓето треба да бидат способни да се договараат. Ова е нашиот дом. Немаме планови да заминеме“, рече таа.

Шетајќи со сопругата низ Липки, луксузна населба во Киев, која историски е дом на владини претставници и богати трговци, Микола, пензиониран инженер изјави дека во градот владее загриженост, но не и алармантност.

Тој вели дека не планираат да го напуштат Киев во случај на инвазија: „А зошто би? Ова е нашиот дом? Но, ако има војна се разбира, ќе има отпор. Украина ќе се бори. Благодарам за оружјето. Но, тоа нема да ја направи пресудната разлика за нас. Ова ќе биде нашата борба“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG