Достапни линкови

Повторно расте бројот на мигранти низ Македонија по балканската рута


Според МВР има раст за 7 отсто во однос на лани кога се работи за мигранти кои се откриени и спречени да влезат во земјава. Ама бројките на невладините се поалармантни, па од Црвениот крст во првите девет месеци од годинава пресретнале 35.000 мигранти, колку што имало во цела 2021 година.

Полицијата секојдневно јавува за случаи со криумчарење мигранти. Речиси и да нема ден без работа и за активистите на Црвениот крст. Иако балканската рута беше затворена на почетокот на 2016 година, откако низ неа минаа стотици илјади бегалци и мигранти, седум години подоцна земјава се уште ја нема укинато кризната состојба на јужната и северната граница.

Мигрантите постојано влегуваат во Македонија, само ако до 2016 година тоа го правеа пеш или со воз, сега патот им го организираат криумчари, па се скриени во комбиња и камиони. Од Црвениот крст чии мобилни тимови им помагаат мигранти кои успеале да влезат во земјава, во првите девет месеци од годинава пресретнале 35.000 лица, колку што имало во цела 2021 година.

Последниот случај кој сериозно ја вознемирил Сузана Тунева - Пауновска, инаку секретар на организацијата, бил пред две недели кога во реонот на селата Лојане и Ваксинце, наишле на група деца од Авганистан кои патувале без своите родители, во придружба на други возрасни лица.

„Се даде совет дека децата треба да останат во Македонија, дека треба да бидат дел од поддршката на нашата држава , да се прифатат во центарот, да се проба повторно да се спојат со нивното семејство. Меѓутоа тоа оди тешко затоа што честопати не можеме да го дознаеме вистинскиот идентитет на лицата затоа што документите со коишто располагаат честопати се лажни“, раскажува Тунева - Пауновска.

Балканската рута и одбраната на ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:55 0:00

Таканаречената балканската рута се движи главно од Турција и Грција, преку Македонија и Србија кон европските држави кои се крајна цел на мигрантите. Тие бегаат од воените дејства во нивните земји, економската нестабилност и се почесто до климатските промени кои носат глад.

За овој опасен пат им плаќаа многу пари на криумчарите, а честопати завршуваат повредени, претепани, па дури и мртви. Само лани петмина мигранти загинаа додека се движеле низ Македонија. Загинати има и годинава, за што сведочат случаите за мигрантот кој летово почина во Неготино каснат од змија, но и за двајцата мигранти кои беа прегазени од воз кај Гевгелија.

Бројот на нерегуларни пристигнувања во земјава лани изнесуваше 20.874 лица, што е значително помалку од 41.257 лица регистрирани во 2020 година. Ама сега бројките повторно растат, што според Зоран Дранговски, од Здружението на млади правници е доволен показател дека оваа состојба ќе продолжи.

„Овие бројки укажуваат единствено дека државите од Европа, вклучително и Македонија, кои, не може да ја затворат таа рута, не затоа што таа рута со зголемен број полициски службеници не се обезбедува доволно, туку затоа што е рута која е избрана од самите мигранти бидејќи се уште е најбрзата, најбезбедната рута да се стигне до земјите од ЕУ“, забележува Дранговски.

За министерот Спасовски Македонија не е атрактивна транзит рута за мигрантите

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, има сериозни критики за отсуството на систем за справување со мигрантите, од начинот на нивна евиденција, нерегулираниот правен статус на двата прифатни центри на јужната и северната граница, па се до спроведување на постапката за давање азил. Така на пример, европската комисија потенцира дека од 2016 година досега ниту едно лице не добило статус на признаен бегалец, ама исто така и дека нема заостанати случаи на азил, бидејќи повеќето се прекинати поради високата стапка на откажување од барањата.

Ова практично значи дека Македонија е транзит зона за мигрантите која брзаат да ја напуштат. Доколку се фатени од полицијата тие имаат две можности, да бидат вратени назад кон Грција, која е последната земја од која оствариле влез, или да побараат азил. Ама азил во земјава тешко се добива, па оние што ќе го побараат, по кратко време и главно со помош на криумчари повторно бегаат кон Србија, со надеж дека овој пат нема да бидат фатени од полицијата и ќе успеат илегално да ја минат границата.

Во текот на изминатата година од МВР откриле 64 случаи на криумчарење вкупно 815 мигранти од кои третина биле од Пакистан. По официјалното затворање на балканската рута, најголем број премини имало во пандемиската 2020. Тогаш беа откриени над 2700 мигранти , а фатени стотина криумчари. Од почетокот на годинава пак во полициските акции биле откриени скоро 900 илегални мигранти.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека илегалната миграција е проблем кој ќе трае како еден од безбедносните предизвици што го споредува со тероризмот и сајбер криминалот. Според Спасовски, Македонија не е атрактивна транзит рута за мигрантите.

„Оваа година имаме зголемување за 7 отсто во однос на минатата година, имало околу 22.806 обиди на илегална миграција, меѓутоа (е) намалување некаде за 27 проценти ако го споредиме периодот во 2020 и 2022 година. Значи дека сепак Северна Македонија како држава во регионот не е многу атрактивна за преминување заради тоа што добрата поставеност на МВР на целата територија на државата допринесе да имаме сериозно зголемување на откривачката дејност “, вели Спасовски.

Со Фронтекс против илегалните преминувања

Минатата недела Македонија и ЕУ го потпишаа Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс. Со ова Фронтекс ќе може да биде поинволвиран во управувањето со границите во Македонија во однос на миграциските текови и борбата против илегалната миграција. ЕУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на ЕУ.

За министерот Спасовски договорот со Фронтекс е чекор напред кон справувањето со илегалните преминувања, пред се поради можностите земјава да ги користи сите расположливи средства на европската агенција.

Сепак, Јасмин Реџепи, од здружението „Легис“ кое долго време работи на проблематиката со мигрантите, потсетува на случаите во кои Фронтекс прикривал насилни враќања на мигранти извршени од грчката полиција, за што реагираше и Европската унија.

Реџепи вели дека годишно по 20-тина илјади мигранти успеваат илегално, преку криумчари да ја поминат земјава и покрај големиот број успешни полициски акции.

„И тоа истото се случува и ден денес, по 100 некогаш и 200 лица дневно полицијата ќе фати, ќе ги регистрира и врати назад кон Грција, додека на дневна основа, помали групи до 50 лица сепак успеваат на некој начин да поминат и да излезат од земјава кон Република Србија. Тоа го мониторираме со наши луѓе на северната граница и ги споредуваме со партнерските организации во Србија кои исто така ги потврдуваат бројките“, нагласува Реџепи.

Србија станува Мека за мигрантите

Слободан Савовиќ, координатор во српскиот прифатен центар во близина на јужната граница со Македонија вели дека во кампот секојдневно пристигнуваат илегални имигранти. Додава дека остриот нагорен тренд започнал пред околу два месеца, додека повеќето пристигнувања се од југ, од луѓе од Сирија или Авганистан.

„Тоа е огромен пораст во споредба со минатата година... секој ден имаме по 100, 300, 400 нови мигранти (во кампот). Тие доаѓаат во секое време од денот “, вели Савовиќ.

Но освен преку Македонија, во Србија мигрантите доаѓаат и со авион. Анкуш Кумар овој месец пристигна во Србија со лет од Турција. 25-годишниот работник во супермаркет од Индија вели дека ќе оди на разгледување и пазарење неколку недели, а потоа ќе се врати дома.

„Доаѓам за туристичка цел. За да видам храмови, места, знаете, цркви и да купам некои работи“.

Летот на Кумар беше преполн со луѓе од Африка или Азија, на кои, како него, не им е потребна виза за влез во Србија. Но, ова може да се промени наскоро откако Србија се соочи со притисок од Европската унија да ги укине визите за земјите кои станаа извор на миграција кон блокот.

Официјални претставници на ЕУ неодамна предупредија дека илјадници патници кои влегле во Србија - и други земји од Западен Балкан - на режим на слободно патување како туристи во изминатите месеци, завршиле барајќи азил во земјите на ЕУ.

Прашањето го вознемири блокот од 27 нации бидејќи го зголеми миграцискиот прилив низ Балканот - на луѓе од Блискиот Исток, Азија и Африка. Ова е во време кога ЕУ веќе е домаќин на милиони бегалци од Украина, заедно со зголемените цени на енергијата предизвикани од руската инвазија. Надевајќи се дека ќе го намали барем дел од притисокот, ЕУ ја повика Србија - заедно со другите земји од Западен Балкан кои бараат членство во ЕУ, да ги усогласи своите правила за влез со оние на блокот.

Веќе овој месец Србија воведе визи за државјаните на Бурунди и најави дека ќе го стори истото со Тунис следниот месец. До крајот на годината ќе следат повеќе земји, бидејќи властите ветија дека ќе ја спречат злоупотребата на безвизниот режим.

Балканска рута во обратен правец

Безвизните летови во Србија направија притисок и кон Македонија, во обратен правец од балканската рута. Од Србија, преку Македонија до Грција, која е членка на ЕУ и дел од Шенген зоната. Како што објаснува Реџепи, овој феномен почнува во 2017 година, прво со Иранци, а потоа и со Кубанци.

„Тие немаат можност да влезат легално во Европа , а сакаат да влезат и тогаш ја користат таа рута одејќи за Русија, од Русија за Србија со авион каде имаат безвизен режим, и после ја користат Србија за понатамошно движење, односно ја поминуваат Република Северна Македонија, се движат на југ кон Грција, користат лажни лични карти, посебно оние кои се од Куба, зборуваат шпански, лажно се претставуваат дека се од Шпанија, и од Грција со интерни европски летови патуваат за Шпанија каде бараат и азил“, раскажува Реџепи.

Руската воена инвазија во Украина ја скрати оваа рута, па сега, па сега според Реџепи, преку Македонија кон Грција минуваат само оние кои во Србија стигнале пред војната. Лани на пример, седуммина Кубанци во земјава поднеле барање за азил.

Во меѓувреме Србија во соработка со Австрија и Унгарија најави зголемено присуство на македонската граница, со цел да се спречат илегалните пристигнувања. Ова, заедно со можното засилување од ФРОНТЕКС на македонско грчката граница, според Дранговски од Млади правници може да доведе до зголемен број мигранти кои би можеле да останат во земјава.

„Па може да претпоставиме хипотетички дека кога имаме поголема контрола на северната граница, а ние не можеме назад луѓе на јужната граница заради ФРОНТЕКС и нивните постапки, во тој случај Македонија би можела да се соочи со поголем притисок на илегални мигранти коишто престојуваат на територијата на државата“, укажува Дранговски.

Најголемиот проток на бегалци и мигранти низ балканската рута беше во 2014 и 2015 година, во ек на воените дејствија во Сирија. Во тој период, Европа се солидаризираше со луѓето кои бегаа кон западните земји, па беше дозволен нивниот проток.

Откако рутата беше затворена, Македонија прогласи кризна состојба на јужната и северната граница, онаму каде што влегуваат и излегуваат илегалните мигранти. Запрашан за тоа до кога ќе трае оваа состојба , министерот Спасовски одговара - „ се додека има потреба од тоа“.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG