Достапни линкови

Најголем дел од отпуштените работници со договор на дело


Работници во индустрија. Илустрација.
Работници во индустрија. Илустрација.

Најголем дел од работниците, според ССМ, кои биле отпуштени од почетокот на пандемијата на кооронавирусот досега е поради тоа што имале договор на определено време. Од ССМ бараат во новиот закон да се намали рокот од 5 на 1 година на склучување на таканречените договори на дело.

Речиси 16.000 работници останаа без работа од почетокот на пандемијата на коронавирусот, а најголем дел од поплаките кои стигнале на адресата на ССМ се однесуваат на договорот на определно време, кој има определен рок до кога работникот е ангажиран и по неговото завршување, работодавачот нема обврска да го продолжи. Договорот на определно време, согласно законот, може да биде склучуван најмногу до пет години и затоа работодавачите во наводници може да се каже дека го злоупотребуваат и работниците ги држат во неизвесност несакајќи да им овозможат договор на неопределено време, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски во интервју за РСЕ кое целосно ќе се емитува в недела.

„Затоа се работи на нов Закон за работни односи. Тимот на ССМ и покрај пандемијата редовно се среќава со Организацијата на работодавачи и Министерството за труд и социјална политика со цел да изготвиме нов Закон за работни односи во кој ќе имаме чиста ситуација, односно овие неправди кои ги трпиме по основ на овој закон да бидат испрвени. Една од нашите заложби е баш тој договор на определно време да не биде подолг од една година“, вели Димовски.

Секако дека во секој закон што се донесува се земаат во предвид забелешките од сите засегнати страни, вклучително и Законот за работни односи, вели економскиот аналитичар Арбен Халили. Посточекиот закон, е во согласност со европската регулатива, но, според него, постои простор за негово подобрување и државата и синдикатите треба да работат во таа насока.

„Земајќи во предвид дека се наоѓаме во криза каде што никој не може да биде поштеден, ни работодавачите, ни работниците, што не е по нивна желба, бидејќи сите се соочуваме со непознат пријател и стопанството пати од тоа. Во вакви услови за време на пандемија нормално е секој работодавач да носи одговорност и да прави пресметки како да му опстои фирмата. Јас сум убеден дека ни еден работодавач не сака да тргне човек од фирмата кој работи соодветно, но ако тоа мора да го направи поради пандемијата први на удар секако во било која институција, па и во компаниите се тие кои што се на договор на дело“, смета Халили.

Според Агенцијата за вработување, од почетокот на пандемијата во март до крајот на октомври се регистрирани 15.858 невработени лица. Најголем дел од отпуштените се од преработувачката индустрија, потоа од трговијата на мало, како и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна.

Податоците на Министерството за труд и социјална политика говорат дека 7.000 граѓани го загубиле работното место, затоа што имале договор наопределено време, околу 2000 работници потпишале спогодбен отказ, а околу 2500-3000 граѓани останале без работа заради затворање на компании и ставање под стечај.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска неодамна најави дека се работи на нов Закон за работни односи, кој се очекува да биде донесен следната година.

„Важечкиот закон е донесен далечната 2005 година и според сознанијата до кои дојдов од контактите со секторот труд досега претрпел 24 измени што значи дека веќе е дојден период кога треба да донесеме нов закон за работни односи кој ќе ги отсликува состојбите на современото време“, рече министерката Шахпаска.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2020 година, стапката на слободни работни места изнесува 1.69 отсто. Најголем број слободни работни места, односно 3 227 има во петтата група на занимања, односно работници во услужни дејности и продажба. На Агенцијата за вработување има огласи за за речиси 10 илјади слободни работни места.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG