Комисиите кои ќе ги изработуваат новите наставни програми за учениците од прво до петто одделение веќе почнаа со работа. Од први септември учениците од прво и четврто одделение ќе учат според новите програми кои во моментот ги изработуваат наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. По изработката на наставните програми ќе следуваат обуки на одделенските наставници низ државата, кои според најавите треба да почнат во април, а ќе се одржуваат и во мај, јуни и август.
Иако од Бирото за образование велат дека обуките ќе опфаќаат неколку модули и ќе бидат континуирани, односно ќе продолжат и во септември, некои од одделенските наставници сугерираат да не се брза со спроведувањето на новиот концепт.
Сатки Исмали кој е наставник во ОУ„ Кирил и Методиј“ од Тетово вели дека праксата со воведувањето на промени во образованието, како на пример кембриџ моделот кај предметите математика и природни науки, покажала дека работите кои се одвиваат со брзо темпо, оставаат последици, како кај учениците кои имале проблеми да ги совладаат промените за една година, така и кај наставниците бидејќи имале брзи и кратки обуки.
„Треба да бидеме внимателни кога воведуваме промени, тие не треба да бидат избрзани, обуките не треба да бидат реализирани колку само да се каже дека се реализирани и секако дека најважна е примената, која не е едноставна работа. Таа е макотрпна работа која за сите нас наставниците е предизвик и никој не може да гарантира дека така како што е напишано на хартија, дека веднаш ќе може да се примени во праксата,“ вели Исмаили.
Марина Манојловска е одделенски наставник во ОУ „Крсте Мисирков“ во Куманово. Таа вели дека промените во образованието треба да се прифатат како нешто нормално.
„Јас не се плашам од обука, ниту од новиот систем на образование, ниту пак од новата наставна програма. Па кога почна пред неколку години проектот „компјутер за секое дете“, да ве потсетам, дека над 50 проценти од наставниците не знаеја да го вклучат компјутерот. Значи ние сме должни да учиме, за да ги научиме и другите. Тоа е наша обврска“, вели Манојловска.
Она на што укажуваат нашите соговорници е потребата од евалуација на програмата, бидејќи според нив, се што е напишано на хартија, не може да се примени доследо во пракса. Евалуацијата велат тие ќе посочи што треба да се менува, додека добрите работи ќе бидат поддржани и унапредувани.
Од Бирото за развој на образованието велат дека новата концепција не подразбира драстични промени особено кај децата во помалите одделенија.
„Принципот на работа и принципот на настава и учење треба да се промени. Најголемиот акцент во програмите и обуката ќе биде ставен токму на тоа како децата учат. Тоа значи вклучување активно на учениците, решавање проблемски ситуации, гледање од различни перспективи или мултидисциплинарна интеграција. За разлика од погорните одделенија, кадешто ќе има спојување на предмети, кај одделенската настава тоа би зачело дека врз основа на сите програми одделенскиот наставник треба да направи меѓупредметна интеграција и определена тема да се изучува преку различни предмети“, објаснува Митко Чешларов, раководител на секторот за наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието.
Реформите во основно образование избрзани и неподготвени
Инаку на конкурсот за ангажирање надворешни соработници што учествуваат во изработката на осум наставни програми за предмети во основното образование беше предвиден ангажман на 32 надворешни соработници, а се пријавиле повеќе од 100 наставници и професори.
Од септември по новата образовна концепција ќе се учи во прво и во четврто одделение. Штом ќе се изработат новите програми, ќе почне и подготовката на учебници. Од прво до трето одделение учениците ќе добијат нови учебници во печатена форма, а од четврто до деветто одделение учебниците ќе бидат во дигитална форма.