Една од основните лекции што ја учат студентите по економија е дека не постои бесплатен ручек, некој на крајот на денот ќе треба да го плати трошокот за готвачот и храната. Така што владината теза дека македонските граѓани ќе добијат бесплатна хеликоптерска итна медицинска услуга доколку им е потребна е тешко прифатлива во јавноста и опозицијата.
Владата вчера соопшти дека преку јавно-приватно партнерство ќе овозможи бесплатни медицински хелихоптерски услуги за граѓаните, а целата инвестиција од околу 9 милиони евра ќе падне на товар на странскиот партнер. Сепак, остана нејасно на кој начин странскиот партнер ќе си ја поврати оваа инвестиција.
Владата досега не одговори на прашањето која е потребата за еден ваков систем во државата, односно не ги сподели со јавноста статистичките податоци за несреќите од изминативе години во кои било потребно да се ангажира хеликоптерска спасувачка мисија.
Одговорот го баравме во Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека од почетокот на годинава Одделот за Воздухопловни единици има извршено 7 спасувања од кои 2 се на странски државјани, а 5 на македонски државјани. Според податокот од Рашковски дека едно спасување со полициски хеликоптер ја чини државата најмалку 2 а најмногу 4 илјади евра, тогаш годинава за таа ставка Владата потрошила од 14 до 28 илјади евра. Станува збор за потрагата по урнатиот авион Цесна, несреќа во која странските државјани не преживеаја, потоа спасување на двајца загубени велосипедисти на кањонот Матка, спасување на македонски повредени планинари, еден на Шар Планина, еден на Селечка Планина и еден на Пелистер, како и спасување на тројца параглајдеристи од Украина од Галичица и спасување на повреден моторциклист на врвот на Кожуф, кој бил пренесен до хелидромот на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“.
Опозицијата, пак, објави дека во последните две години во Македонија се изведени вкупно 20 операции САР и ХЕМС, од кои 16 биле лани.
Од Центарот за управување со кризи велат дека од нивното досегашно искуство, во просек до 5/6 пати се јавува потреба од спасувачки мисии за странски државјани, пред се во зимскиот период, најчесто поради незгоди при планинарење. И во вакви ситуации ЦУК ја имал координативната улога во ваквите мисии.
„ Што се однесува пак до спасувачки мисии на македонски државјани бројката е далеку поголема, најчесто во зимскиот период каде освен незгоди при планинарење, голема е бројката на граѓани кои побарале помош поради непристапни патишта, односно отсечени села во кои живеат, заради големи наноси на снег. Најчесто овие интервенции се поради потребата од медицински лекови, болни изнемоштени лица на кои им е потребна итна медицинска помош и сл“, се вели во писмениот одговор од ЦУК.
Оттаму додават дека во случај на незгода, ризик или опасноснот први реагираат општините со своите капацитети и можности а потоа бараат помош на повисоко ниво, односно со републичките средства и сили.
Иако вети, генералниот владин секретар Драги Рашковски до објавувањето на овој текст не им ја испрати на медиумите изготвената физибилити студија за целисходноста на овој систем, каде што би се нашле и клучните одговори.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес-конференција истакна дека во ова јавно-приватно партнерство нема никаква економска логика, како што тврди Рашковски, дека државата нема да плати ниту еден денар за услугата што им ја нуди на македонските граѓани.
„Да влезе некој со инвестиција за годишно во просек да прави десетина вакви операции ќе оставам на граѓаните да ценат и да најдат ако може некој каква било економска логика во целава оваа небулозна приказна која се обидува Владата на Зоран Заев, криминално-рекетарската влада да ја пласира“, изјави на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
САРХЕМС и Владата ќе треба договорот да го потпишат во рок од 30 дена, кога најверојатно ќе се знаат повеќе детали од оние кои што генералниот секретар ги сподели со медиумите на брифингот.
Јанушев вели дека се согласува дека ова е ремек дело, но во делот на тоа како да се испумпаат пари од државата и поставува уште неколку прашања.
„Според она што имавме прилика да го видиме за каков тип на хеликоптери станува збор, тоа би значело дека за да се лета со еден од тие хеликоптери потребна е посада од најмалку 2 пилоти, за да бидат на располагање како што кажуваат од Владата 24/7 потребно е да има најмалку 8 посади, тоа се 8 стручни обучени пилоти, кои ќе треба да го изведуваат овој вид на операции во случаи на потрага и спасување. Од друга страна, истиов овој персонал се наведува дека треба да биде преземен од армијата и полицијата, на кој начин ќе биде преземен. Дали тоа значи дека ние бесплатно ќе ги отстапиме нашите обучени пилоти што ги имаме во армијата и полицијата“ прашува Јанушев.
Тој додава дека оперативниот дел е многу несериозен и дилетантски направен.
Рашковски на вчерашниот брифинг посочи дека по истекот на договорот за бесплатни услуги за македонските државјани, во сопственост на државата ќе останата и двата хеликоптера кои ќе треба да ги купи приватниот партнер „Сархемс“ и кои ќе треба да бидат со целосна медицинска опрема и опрема за ноќно летање според европските стандарди и 8-те хелиодроми кои ќе ги изгради фирмата во Скопје, Штип, Битола, Струмица, Тетово, Гостивар, Кичево и Кавадарци.
Според објаснувањето од Владата, договорот за јавно-приватно партнерство на фирмата „Сархемс“ му овозможува да ги наплати своите услуги согласно неговиот бизнис модел од осигурителните компании врз основа на полисите за осигурување и другите форми на патнички осигурувања на странски државјани што престојуваат во земјата или што транзитираат низ неа, што е вообичаена пракса во земјите со САР и ХЕМС сервиси.
Во потрагата по објаснување на тоа како фирмата ќе си ја врати инвестицијата од 9 милиони евра, колку што е проценетата вредност во јавниот владин повик, генералниот владин секретар Драги Рашковски на вчерашниот брифинг посочи еден како што вели пластичен пример.
„Нивната економска логика ќе биде во наплатата од осигурителните компании. Еве пластично ќе се земам себе си за пример, ако јас возам мотор, скијам или при некоја незгода паднам во некоја провалија, кога ќе дојде хеликоптер за таа услуга што јас ќе ја добијам ќе плати осигурителната компанија со која јас имам договор. За такво нешто досега државата плаќаше од 2 до 4 илјади евра за хеликоптер на МВР да го пренесе пациентот, сега државата нема да плати ништо за таквата услуга,“ рече Рашковски на брифингот.