Достапни линкови

Од 1300 километри, Ковачевски може да се пофали со нови 13 километри пат


Премиерот Димитар Ковачевски и министерот Благој Бочварски на увид на реконструкција на пат
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот Благој Бочварски на увид на реконструкција на пат

Незавршени, и неставени во употреба патишта, како и локални улици се дел од листата на Владата за изградени нови 1300 километри патишта. За време на владеењето на премиерот Ковачевски, нов е само експресниот пат Крупиште-Кочани, а на останатите километри патишта е извршена реконструкција.

Само знаците сведочат дека на автопатот Пријателство веднаш после наплатната рампа кај Петровец кон Катланово се врши реконструкција. Но, освен возилата на кои им е отежнато движењето, на лице место градежни работи нема, иако ова е еден од најфреквентните патишта во земјата и е дел од паневропскиот Коридор 10.

Коловозните ленти во двата правци во должина од по 5 километри се реконструираат од септември 2020 година, но во меѓувреме Владата го раскина договорот со изведувачот. Причината, како што изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски е поради тоа што прогресот на работите на терен изнесувал само околу 10 проценти.

Најновите рокови на надлежните се дека реконстукцијата ќе биде готова оваа година, но РСЕ во октомври лани го посети патот и сликата и тогаш и сега е иста.

Тоа не ја спречи Владата и овој пат да го стави на листата која брои над 1300 километри патишта со кои во изминатиот период се пофали премиерот Димитар Ковачевски дека се изградени во последниве 5 години, откако СДСМ е на власт. Но, само мал дел се нови патишта и претежно се работи за реконструкција и рехабилитација на веќе постоечките патишта.

„Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој и ќе овозможи подобар живот за сите“, порача премиерот Ковачевски при објавата на видеото на социјалните мрежи.

Реконструкција на пат од 5 километри се прави повеќе од две години
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

Владата се фали со пат кој не е ставен во употреба

Во 2013 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ започна изградбата на патот за Сончев град, а беше завршен во 2018, но никогаш не беше пуштен во употреба, поради административни пречки. Но и овој пат е ставен на листата која Радио Слободна Европа ја доби од Владата. За негова изградба се исече дел од шумата на Водно, а притоа се потрошија околу 7 милиони евра. Сега само го користат велосипедисти.

На листата има автопати, експресни, регионални и магистрални патишта кои се во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта, односно Владата, но има и локални патишта и улици кои се во надлежност на општините.

Локални, но владини патишта

Како пример за успех на Владата е наведена и улицата Париска во населбата Тафталиџе 1, иако парите за нејзина реконструкција се од Светска банка, но тогашниот градоначалник на општина Карпош, Стефан Богов не пропушти да се заблагодари до Министерството за транспорт и врски кое, како што рече, ги обезбедило средствата.

Автопатот Охрид-Кичево приказна без крај

Во видеото од триесетина секунди објавено на социјалните мрежи, премиерот се пофали и со автопатот Кичево - Охрид долг 57 километри, кој го почнаа претходните власти, но се уште не е завршен.

Автопатот треба да биде готов во 2024, десет години откако беше почната неговата изградба. Поради низа нерегуларности изградбата на автопатот излезе поскапа од планираното, па неколкупати беа прегазени роковите што самите власти си ги задаваа.

„Само во имагинарниот свет на Ковачевски и СДС постојат изградени 1.300 километри нови патишта, додека реалноста е сосема поинаква. СДС и Ковачевски мислат дека граѓаните не возат низ Македонија и не знаат какви и по кои патишта се вози, па затоа свесно лажат со измислени изградени патишта“, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, како што додадоа од опозициската партија, реалноста е дека за сите години откако е СДСМ на власт, автопатот Кичево-Охрид тапка во место.

Не изостанаа и реакции од граѓаните на социјалните мрежи кои не му веруваат на премиерот Ковачевски.

На листата која ни ја достави Владата, автопатот Кичево – Охрид не е наведен. Како нови автопати се ставени Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Свети Николе – Штип, но и двата беа почнати од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а завршени од актуелната на СДСМ. Тоа сепак не ја спречи актуелната Влада делницата Демир Капија – Смоквица да ја отвори со зурли, тапани и чочеци.

Најдолг пат кој е направен и е наведен на листата е автопатот Миладиновци - Свети Николе - Штип во должина од 47 километри и кој во употреба го поранешниот премиер Зоран Заев од редовите на СДСМ. Најмалиот е 300 метри Хотел Гранит - Пумпна станица.

Премиерот Димитар Ковачевски на пуштањето во употреба на експресниот пат Крупиште - Кочани
Премиерот Димитар Ковачевски на пуштањето во употреба на експресниот пат Крупиште - Кочани

Оправдано премиерот Ковачевски во видеото како успех ја нотира изградбата на експресниот пат Крупиште – Кочани од 13,7 километри, бидејќи е единствениот нов пат кој го започна и заврши неговата Влада. Но, овој пат немаше музика на неговото пуштање во употреба, туку само премиерот лично го тестираше.

Инфографика - Колку патишта има Македонија?
Инфографика - Колку патишта има Македонија?

За време на мандатот на Заев кој ја предводеше Владата на СДСМ до 2022 година освен автопатот Миладиновци - Свети Николе - Штип, беа изградени и експресниот пат Штип - Радовиш , како и делницата Штип - Крупиште и регионалните патишта Опае – Белаковце – Станчиќ и Старо Коњарево - Ново Коњарево. Вкупно зад Владата на Заев може да се запишат 120, 7 километри нови патишта.

Во земјава, според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, должината на автопатишта изнесува 366 километри. Вкупната должина на магистрални патишта е 239 километри, на експресни патишта е 420 километри, а на регионалните патишта е 3.733 километри. Податоци за тоа колку локални патишта има земјава, Јавното претпријатие нема, бидејќи се под надлежност на локалната самоуправа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG