Достапни линкови

На нива со детето во количка затоа што за земјоделките нема породилно


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Жените земјоделки не можат да остварат право на породилно отсуство. Воопшто не се споменати во законите со кои се регулира породилното, а Министерството за земјоделство повремено носи мерки да им исплаќа помош. Здруженијата бараат оваа дискриминација да престане со системско, а не „пилот“ решение.

Детето во количка, а таа на нива, за да може да заработи да го прехрани, вака Соња Пусоска од Свето Митрани, крушевско раскажува за РСЕ дека ги израснала своите три деца. Соња е земјоделка. Но, на оваа жена, како земјоделка во Македонија не и следува правото на породилно отсуство, како што им следува на другите жени.

„Моето дете беше оставено само да се гледа, наместо да седам со него, морав на нива да одам. Не сум користела породилно, затоа што ние што сме жени фармерки и земјоделки и немаме право на тоа. “, вели Пусоска.

Нејзините деца се веќе пораснати, но вели разочарана е што државата и натаму не им го овозможува правото на породилно отсуство на земјоделките. Токму поради ваквиот дискриминаторски однос, вели, голем број од жените во земјоделството се откажуваат или воопшто не се ни нафаќаат да работат во овој сектор.

„Се соочуваш со финансиски проблеми и токму кога најмногу ти требаат, за дете, ги немаш. Зошто државата да не помогне и да не излезе во пресрет, ние си плаќаме придонеси за пензиско и здравствено“, додава Пусоска.

Системска дискриминација

Пукоска е една од стотици земјоделки во земјава. Според податоците на Здружението за рурален развој „Агро Лидер“, 1.075 жени се регистрирани како земјоделки. Како и сите вработени во државата тие плаќаат пензинско и здравствено осигурување, кај нив со пониска стапка како дел од афирмативните мерки за земјоделците.

Имаат статус на здравствени осигуреници, користат услуги од примарна здравствена заштита, но се изземени од правото на паричен надоместок при раѓање, мајчинство и грижа за дете. Дискириминирани се по уште една основа - немаат ниту право на паричен надоместок при боледување и повреда на работно место.

„Станува збор за системска грешка во креирањето на законите која што одамна е воочена и навистина треба да се најде конечно решение. Не верувам дека некој не би сакал да има поддршка за индивидуалните земјоделки, затоа што во моментов само тие се обесправени“, вели Марина Тошеска од здружението за рурален развој „Агро Лидер“.

Граѓанските организаци веќе одамна имаат подготвено и конректни предлози што треба да се измени во законите за земјоделките да ги остварат совите права, но, како што велат, секоја година се останува само на ветувања.

„Иако овде станува збор за уставно загарнтирано право според сите меѓународни договори што сме ги потпишале, меѓутоа еве доколку ги земеме и финансиските импликации, според нашите проценки, за остварување на ова право би биле потребни околу 10 милиони денари, што претставува околу 0,02 проценти од буџетот на фондот а здравствено осигурување“, додава Тошеска.

Мерките за помош не се права кои им следуваат на жените

Ниту Министерството за земјоделство не го решава проблемот трајно за да се укине дискриминацијата на овие жени. Во меѓувреме, Министерството неодамна воведе посебна програма со која на жените ќе им биде овозможено 9.000 денари месечен приход во траење од 9 месеци. Но, поддршката се доделува на жени кои родиле дете во периодот од 1 декември 2022 година до 1 декември 2023.

Но и тука условите за земјоделките се построги. За да го остварат правото треба претходно 12 месеци да се регистрирани и да плаќаат редовно придонеси за пензиско и здравствено осигурување, додека кај другите работнички треба само 6 месеци за да остварат вакво право.

„Се надеваме дека оваа година Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство навистина ќе ги препознаат во системот и ќе им дозволат да пристапат до права. Она што го нуди Министерството за земјоделие е мерка за поддршка, но правото не е мерка, правото не се пилотира, тоа им следува на земјоделките. Треба итно да направиме законски измени за да може да пристапат до правата со оглед на нивниот статус на здравствени осигуреници. Само во нашата држава се занемарени жените земјоделки“, вели Тошеска.

Од Министерството за земјоделство ни одговорија дека тоа е се што може да се направи во рамки на ова министерство, а за системско решение велат, одговорни се институциите надлежни за правата од работен однос и здравствено осигурување.

Од Министерството за труд и социјала признаваат дека ова е преодно и велат дека работна група работи на изнаоѓање на системско решение.

Пусоска која што на своја кожа ја почувствувала оваа дискриминација како мајка, жена, земјоделка се надева дека овој проблем ќе се реши за идните мајки и млади земјоделки да имаат повеќе права.

„Се надевам дека идните мајки земјоделки ќе имаат можност да си го остварат ова право, да може и мајките земјоделки да си го остварат правото. Зошто да не издвои државата за оваа намена, кога може да се издвојува за луксузи, а ова не е лускуз. Затоа што во Македонија и онака веќе младите се иселуваат, барем да ги задржи мајките да не откажуваат од мајчинство, вака одиме назад, а не напред“, порачува Пусоска.

Инаку, земјоделството и прехранбената индустрија во Република Северна Македонија, економски гледано се третиот најголем сектор кој има значаен придонес во бруто домашен производ (БДП), надворешната трговија и јавната и приватната потрошувачка. Учеството на земјоделскиот сектор во вкупниот БДП е со околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 16-18%.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG