Достапни линкови

На изборите во северно Косово гласаа 3,47 отсто гласачи


Гласањето во северно Косово
Гласањето во северно Косово

Во четири општини во северно Косово, со мнозинство на српско население денеска се одржaa вонредни локални избори. Oдѕивот на гласањето беше слаб, а косовските Срби го бојкотираа гласањето. Од 45 000 гласачи на изборите гласале 1570.

Движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти победи во трката за градоначалници на општините Северна Митровица и Лепосавиќ, додека опозициската Демократската партија на Косово (ДПК), победи во Звечан и Зубин Поток, покажуваат прелиминарните резултати кои ги соопшти Централната изборна комисија по гласањето во четирите општини во северно Косово.

Над 45.000 граѓани кои живеат во општините со мнозинство на српско население денеска можеа да го остварат своето право на глас и да изберат градоначалници. Од нив гласале вкупно 1.570 граѓани. Косовските Срби го послушаа повикот за бојкот на партијата Српска листа да не излезат на гласање затоа што не е формирана Заедница на српски општини.

Претседателот на Српска листа, Милан Радоичиќ, „во име на Српска листа и во лично име“ им се заблагодари на Србите во Лепосавиќ, Звечан, Зубин поток и Северна Митровица.

„На оние кои мислат дека со еден или два процента гласови можат да ги водат општините на северот, имам да им порачам дека српскиот народ тоа никогаш нема да им го дозволи“, изјави Радоичиќ.

Според резултатите, кандидатот на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ освои 66,5 отсто од гласовите или вкупно 519 гласови во Северна Митровица. Лулзим Хетеми од истото движење освои 73,5 отсто од гласовите во Лепосавиќ или вкупно 100 гласови.

Во меѓувреме, во Звечан, Илир Пеци од Демократската партија на Косово освои 60 отсто од гласовите или 114 гласа. Неговиот колега од опозициската партија Измир Зеќири во Зубин Поток доби 52,1 отсто од гласовите или 196 гласа. Независната кандидатка во оваа општина Слаѓана Пантовиќ, која беше единствената српска кандидатка, освои пет гласа или 2,6 отсто.

Гласање во Зубин поток
Гласање во Зубин поток

Слаб одѕив

Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека на изборите гласале 3,47 отсто од гласачите или 1.567 граѓани.Во општина Лепосавиќ излегле 141 гласач или 1,06 отсто од запишаните избирачи. Во Зубин Поток 385 гласачи или 5,78 отсто. Во Звечан 204 гласачи или 2,92 отсто. Во Северна Митровица 837 гласачи или 4,62 отсто.

Главната српска партија поддржана од Белград, Српска листа ги бојкотираше изборите и ги повика и граѓаните да не гласаат.

Нејзиниот потпретседател Милан Радоичиќ вечерва изјави дека „оние кои мислат дека со еден или два отсто од гласовите можат да ги водат општините на северот, морам да кажам дека српскиот народ никогаш нема да им го дозволи тоа“.

Тој му се заблагодари на локалното население „за докажаниот патриотизам, достоинство, чест и единство“.

„Наше е, заедно со нашата земја Србија и претседателот Александар Вучиќ, да ја продолжиме борбата за зачувување на мирот и правото на Србите да живеат сами. Се надевам дека сите ја разбраа јасната порака што денеска им ја испрати српскиот народ од северот на Косово и Метохија“, рече Радоичиќ, кој е санкциониран од САД поради неговите наводни врски со организираниот криминал и корупција и кој е во бегство од косовските власти за сомнежи дека бил вмешан во заплашување на сведоци во еден од судските случаи за градби во косовскиот национален парк Брезовица.

Српска листа одби да учествува на изборите бидејќи не се исполнети два услови: формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население и повлекување на специјалните единици на косовската полиција од северот на земјата.

Меѓународната заедница претходно го изрази своето жалење што водечката партија на косовските Срби - Српска листа - не учествува на изборите и ги повика сите страни на воздржаност.
Косовскиот премиер Албин Курти оваа недела рече дека Белград ги заплашува Србите од северот да не учествуваат на изборите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарече „окупациски“ изборите на северот на Косово. За време на комеморацијата на Денот на сеќавање на жртвите од Јасеновац, Вучиќ рече дека власта на северот на Косово има намера да ја воспостават оние кои, како што наведе, не живеат на северот на Косово и нема, како што оцени, да добијат ниту еден или два отсто од гласовите.

Во трката се натпреваруваа вкупно 10 кандидати. Централната изборна комисија на Косово мораше да организира отворање на алтернативни избирачки места, бидејќи образовните институции, каде што претходно се одржуваа избори, работат во системот на Србија, која се противеше на овие избори. Отворени беа 19 гласачки центри од кои 12 во контејнери поставени неколку дена пред изборите од страна на косовските власти.

Општините на северот на Косово останаа без градоначалници од ноември минатата година, кога српските претставници во таа област поднесоа оставки од своите работни места, поради одлуката на косовската Влада која бараше замена на српските автомобилски таблички со косовски.

Во пресрет на изборите, Централната изборна комисија ги повика граѓаните на северот на Косово да го остварат своето избирачко право. Истото го направи и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која изјави дека денот на изборите е моментот кога треба да се слушне гласот на граѓаните. Таа порача дека косовските институции гарантираат безбедност на сите гласачи.

XS
SM
MD
LG