Палеонтологот Валери Плотников од индустриски замрзнувач извлекува кутија од стиропор. Внатре, има кафеаво, крзнено суштество кое не личи на ништо живо на планетата денес.
„Првично мислевме дека станува збор за пештерски волк или мечка од некаков вид. Но, неговите заби не се совпаѓаат и има помалку прсти“, вели Плотников, истражувач од филијалата на Руската академија на науките во Јакутск, главниот град на руската Република Јакутија.
Животното било мртво илјадници години, но било откриено скоро совршено зачувано во сибирскиот вечен мраз. Плотников проценува дека можеби било замрзнато пред повеќе од 50.000 години, што би го направило едно од најстарите откритија што ги анализира неговата лабораторија.
Лабораторијата на Плотников е преполна со толку многу коски и примероци што не може веќе да се најде простор за остатоците од леденото доба кои се појавуваат на површината како што се загрева климата.
И темпото на откривање се забрзува, бидејќи замрзнатото тло кое опфаќа 95 проценти од Јакутија се одмрзнува и привлекува научници од целиот свет. Исто така, привлекува голема трговија со мамутски коски, кои се продаваат за десетици илјади долари во соседна Кина.
Топлотен бран - потребна е адаптација за екстремна клима
Жителите на Јакутија се во потрага по неочекувани - и обично нелегални - профити, а во тој процес откриваат десетици трупови зачувани во мразот, што можат ја расветлат историјата на човечката раса.
„Револуцијата што се случи во технологијата за следење на ДНК е луда. Тоа е веројатно една од најбрзите промени во технологијата што некогаш се случила во науката“, вели Лов Дален, професор по еволутивна генетика во Центарот за палеогенетика во Стокхолм, додавајќи: „Ние навикнавме да ги редиме резултатите што можете да ги испечатите на А4 страница. Денес, ако ги испечатиме ДНК-кодовите тоа ќе ве однесе на Месечината и назад - двапати“.
Оживување на мамутот
Користејќи го овој напредок во технологијата, Дален и другите научници донесоа нови заклучоци за еволуцијата и историската лоза на денешните животни и предизвикаа интензивирана и контроверзна трка за користење на ДНК од коски на праисториските животни за генетски реинженеринг на најмитското суштество: мамутот.
Проект предводен од генетичарот Џорџ Чрч на Универзитетот Харвард работи на уредување на гените на африканскиот слон, најблискиот жив роднина на мамутот, за да се пресоздаде суштество слично на мамутот со крзно, мали уши и дебел слој маснотии за да го издржи сибирскиот студ.
Синтетичката клетка што се развива во лабораторијата на Чрч ќе стане првата досега што ќе произведе цицач од кој било вид. Некои се надеваат дека проектот ќе им помогне на луѓето да ја поправат својата улога во изумирањето на суштеството пред 10.000 години.
Други велат дека воскреснувањето на мамутот во затоплена клима би било слично на повторување на тие гревови одново. Дален направи 10 екскурзии во Сибир откако започна соработка со Плотников и други руски истражувачи во раните 2000-ти. Најмалку 80 проценти од познатите остатоци на мамути во светот се смета дека се наоѓаат во Јакутија.
За време на една посета во 2018 година, тимот зеде ДНК примероци од главата на степски волк од ерата на плеистоценот, големо стапало од мамут и тело на пештерско лавче кое беше замрзнато 28.000 години. Но, животното со кафеаво крзно, пронајдено минатото лето, сè уште претставува мистерија и Дален планира повратно патување во Јакутск во август за да земе примероци за да може да ја проучи ДНК на суштеството во неговата лабораторија во Стокхолм. „Од фотографиите што ги видов, изгледа како некоја мачка, Но, не можеме да бидеме сигурни“, вели тој.
Маѓепсан круг
Темпото на откривање може да биде благодет за истражувачите како Дален, но исто така сведочи за вознемирувачката реалност. Светскиот вечен мраз зафаќа површина двојно поголема од Соединетите држави, а неговите емисии на јаглерод се забрзуваат со затоплувањето на климата.
Како против климатските промени со зголемена употреба на фосилни горива?
Бидејќи активниот слој престанува да се замрзнува во зима, дополнителната топлина им овозможува на микробите во почвата да влијаат врз одмрзнувањето на органскиот материјал, испуштајќи 25 пати повеќе јаглерод диоксид или метан од нормалното.
Топлината се шири подлабоко во мразот, забрзувајќи го неговото топење, а во изградените области ги ослабува темелите на домовите што стојат на потпорни столбови ископани длабоко во земјата, принудувајќи некои жители да се евакуираат. Температурите во последниве години, поттикнуваа бесни пожари во Сибир и топлотни бранови.
Обнова на пасиштата
На крајниот северо-источен агол на Јакутија, на околу 1.600 километри од Јакутск, екологистот Сергеј Зимов и неговиот син Никита претворија една област од 145 квадратни километри во жив експеримент за да ги намалат ефектите од климатските промени.
Граѓаните со повисока свест од партиите за климатските промени
За да го запрат одмрзнувањето на мразот, тие ја населуваат областа со диви животни - бизони, ирваси, коњи - кои ги населувале тие рамнини во последното ледено доба. Со нивното газење на длабокиот снег животните го заробуваат студот во замрзнатата земја.
„Многу е тешко да се согласиме да ги намалиме индустриските емисии на СО2. Намалувањето на емисиите од мразот е многу полесно“, напиша Сергеј Зимов во манифестот во 1988 година, во кој се изложува на неговата смела амбиција. „Сè што е потребно е да се надминат менталните бариери, да се прифати дека екосистемите на пасишта имаат право на живот и слобода и да се врати дел од територијата што им ја зедоа нашите предци“.
Плеистоценскиот парк, вели Никита Зимов, веќе ја чува почвата постудена отколку во околината. За навистина да ги забават климатските промени, на Зимов ќе му бидат потребни стотици илјади животни на милиони хектари на Арктикот. Исто така ќе му требаат и мамути.
Откако се здружија со Џорџ Чрч, тие се надеваат дека еден ден мамути ќе газат во паркот. Тоа може да биде по многу децении, ако некогаш воопшто се случи. Но, за многу од научниците во Јакутск, тоа е визија на која вреди да се работи.
Во градскиот музеј „Мамут“, специјализиран за антички примероци, Сергеј Фјодоров мина години на проучување на остатоците од мамутите. Јакутскиот јазик, вели Фјодоров, има зборови за камила и лав, но нема збор за мамут. Тој сугерира дека етничката група не е автохтона во регионот, туку потекнува од југ.
Сепак, можеби Јакутите еден ден ќе станат господари на новата мамутска степа. Нема регион што е посоодветен за повторно оживеаното суштество, вели Плотников.
„Климата во централна Јакутија има многу од карактеристиките на периодот на плеистоценот, со шуми, долини и пасишта. Ако успееме да го пресоздадеме мамутот, Јакутија е подготвена да им биде домаќин“, вели Плотников.