Достапни линкови

Мицкоски со втор мандат и нова доктрина, во СДСМ се пребројуваат гласови за нов лидер


Нов мандат вечерва доби досегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој на Конгресот презентираше нова партиска доктрина. Во меѓувреме, во владејачката СДСМ се пребројувааат гласови за новиот лидер на партијата од кандидатите Фросина Ременски, Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешниот 17-ти Конгрес на партијата го реизбра единствениот кандидат и актуелен лидер Христијан Мицкоски со 489 гласа „за“ од вкупно 493 присутни делегати. Имало и три неважечки ливчиња. Тој пред почетокот на партискиот конгрес до власта упати барање за одржување на предвремени парламентарни избори.

„Промените доаѓаат во Македонија. Нема да зборувам за се што поминавме во овие четири години. Време е народот да ги слушне пораките за иднината и како до неа. За сите сништа кои мораме да ги направиме јаве“, рече Мицкоски.

Тој пред присутните делегати на партијата ја промовираше и новата доктрина на партијата претставувајќи ја како втора епоха која опфаќа 17 клучни точки во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе се движи во наредните 4 години.

„Најавувам нова политика, нов концепт на заедништво наречен „Нов договор“ , ни треба нов општествен консензус од сите рамноправни чинители од она што треба да претставува нов заеднички патриотизам“, вели Мицкоски.

Тој изјави дека новата платформа има за цел да се постигне економски стандард на земјата како на „една Австрија“. Тој најави дека една од целите на новата политичка платформа е намалување на персоналниот данок и данокот на добивка на 8 проценти, данокот за млади луѓе да биде 0 проценти, а секоја година по стабилизирање на економијата да се постигнува економски раст меѓу 4 и 6 проценти.

„Во образованието да имаме Универзитет кој ќе биде меѓу првите 500 на Шангајската листа, бидејќи денеска за жал немаме ниту еден ни меѓу првите илјада. Да регулираме пазар со криптовалути, како и трговија со примена на блокчејн технологија, да влеземе во отворена војна против корупција и наместо сегашното 111 место на Транспаренси да достигнеме во првите 50 земји кои се борат против корупцијата со објективни резултати. Наша цел е да создадеме систем во земјоделството за сигурен откуп на земјоделските производи и извоз на македонските производи, нешто што три децении не се прави. Македонија да стане дел од ЕУ, ова не сон ова е наша цел“ изјави Мицкоски.

Автори на новата доктрина се Марјан Ѓорчев, Илија Димовски и Рашела Мизрахи. Делегатите денеска гласаа и за нови членови на Статутарната комисија и комисијата за финансиско работење на партијата.

Според потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ Александар Николоски најзначајно е тоа што со доктрината се проширува опфатот на потенцијални поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, па така се движи партијата и кон центарот бидејќи се опфаќаат и гласачи кои што се гледаат себеси во темите кои што ги покрива центарот. Во дел во економски теми се оди малку и кон лево, секако се задржуваат традиционалните теми на ВМРО-ДПМНЕ кои што се центар десни и десни, пред се националните теми, вели тој.

Николоски посочи дека тој очекува новиот претседател на СДСМ кој што исто така ќе биде избран денес да седне заедно со ВМРО-ДПМНЕ и да поразговара и да се определи датум за предвремени парламентарни избори кои што треба да се случат најбргу што може.

„Па ние мислиме дека час поскоро треба да се случат изборите, ако ние се прашуваме уште следната недела треба да се распушти Собранието, да се даде оној законски рок од 100 дена и да се оди на предвремени избори“, укажа Николоски.

Во меѓувреме, изборниот процес на нов партиски лидер во владејачката СДСМ се уште траат. Членовите на партијата имаа прво да гласаат до 19 часот во 194 избирачки место во општинските организации низ државата. Кандидати за лидер на партијата се Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски.

Според последните информации од седиштето на СДСМ до 18 часот правото на глас го искористиле над 40 илјади членови односно над 70 проценти од активно регистрираните членови. Од партијата велат дека изборите за нов лидер минале во мирна и демократска атмосфера.

Изборот на нов лидер на владејачката СДСМ доаѓа по оставката на досегашниот претседател на партијата Зоран Заев по загубата на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ.Во мај пак кога Заев беше резибран за партиски лидер со нов четиригодишен мандат немаше противкандидати. Новиот лидер ќе треба да ја преземе партијата по осумгодишното управување на Заев.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG