„Можеби оваа кочница што се случи на планетарно ниво, ни требаше за да се сопреме и да видиме до каде сме. Сите како индивидуи да поработиме на себе, но и да посветиме повеќе внимание на најблиските“, порачува доктор Васка Митова, специјалист -психијатар од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Во разговор за нашето радио, таа вели дека во последните две години се зголемил бројот на пациенти со психички проблеми, а дека пораст на анксиозност и депресивност се забележува особено кај младата популација. Додава дека менталното здравје и позитивниот дух може да ги сочуваме преку практикување на малите работи кои ни прават задоволство на душата.
Доктор Митова, еве веќе две години живееме во една специфична реалност која ни ја донесе корона вирусот. Дали може и како воопшто да се остане позитивен во вакви околности?
Оваа пандемија не затекна сите некако неподготвени, но впрочем не ни може да се подготвиме за нешто толку големо и така манифестно што ни се случува во овој животен век, се надеваме дека повеќе нема да се соочуваме со вакви предизвици. Самата пандемија донесе една нова реалност, една потреба за адаптирано однесување, на практикување на нови нешта кои се безбедни истовремено за нас, за нашето здравје. Иако во оваа пандемија имаме и една секундарна пандемија која го засега менталното здравје, можеме да кажеме дека сепак за многумина донесе и позитивни моменти.
Позитивното секако дека мора да го гледаме, бидејќи кога ќе размислиме всушност малите нешта се оние кои го прават животот, ситни работи како што се на пример утринско кафе со блиските, со пријателите, прошетка до некои места кои ни значат итн. Еден период навистина бевме поограничени во движењето, но удобноста во домот и зближувањето меѓу членовите на семејството беше подостапно итн. Позитивните работи треба да ги увидиме и да ги правиме нештата кои ни причинуваат задоволство на душата.
Дали во изминатите две години откако почна пандемијата се зголеми бројот на пациенти со психички проблеми на Клиниката за психијатрија и дали доколку има зголемување „новиот начин на живот“ е главниот фактор за пораст на тие болести?
Отсекогаш сме имале доста голема фрекфенција на пациенти, но во овој период секако дека има пораст, бидејќи има пораст на глобално ниво. Сега покрај примарната имаме и една секундарна пандемија, а тоа е пораст на растројствата. Самиот притисок што го донесе ова време, самата неизвесност што ни се случува од секаков аспект, не само од здравствен, туку и од финансиски аспект, од аспект на социјални релации итн си го направија своето. Едноставно тој голем стрес има влијание врз психичката состојба на луѓето, така што гледаме почеста појава на одредени анксиозни растројства, депресии, посттрауматски растројства, сето тоа зависи од тоа со какви предизвици се соочувала личноста во изминатиот период итн.
Какви психолошки последици кај пациентите кои биле болни од ковид 19, остава ковид19?
Тука треба да се разграничат две работи. Има симптоматологија која се појавува како постковид, којашто може да биде единствено и од целиот стрес низ коишто поминуваат пациентите, дали се загрижени за своето здравје, или за здравјето на некој близок или пак се соочуваат со губењето на некој близок. Но има и симптоматологија која е директно поврзана со ковидот, односно самата болест, бидејќи се работи за мултисистемска болест која зафаќа повеќе системи во телото и не го одминува невролошкиот систем, така што добиваме невропсихијатриска симптоматологија која после тоа ја третираме и таа симптоматологија не е ограничена само на оние кои биле со средна или тешка клиничка слика, туку и оние кои многу лесно ја поминале болеста во своите домови. Најчесто има појава на анксиозност, несоница која е интензивна и опстојува подолг период после оздравувањето, често се јавува и депресија која е прилично интензивна, сме имале и состојби како што се психотични декомпензации, исто така забрзување или појава на дементна симптоматологија кај повозрасните, така што етиологијата е мултидимензионална, нешто е од психички план, но многу е и последица на болеста и се јавува како постковид симптом.
Новите животни околности ги зголемија стравот, паниката, вознемиреноста кај граѓаните. Како да ја поставиме границата меѓу она што е конструктивно, претпазливо однесување од тоа што е деструктивна паника?
Ова прашање често си го поставувавме на почетокот на пандемијата. Што се треба да превземеме за да останеме здрави и да не се заразиме? Тој страв како на народната, страв лозје чува, донекаде има конструктивен елемент, но знае да премине одредена граница кога ќе ја инхибира личноста да не може да функционира од тој страв, или да мие раце сто пати на ден, или да дезинфицира постојано со алкохол или др. средства. Велам, тоа беше повеќе на почетокот кога се појави вирусот, кога не се знаеше дека вирусот е аероген, па гледавме слики како се дезинфицираат улици, површини околу нас и сл. Сега веќе ни е јасно на кој начин се пренесува вирусот и нема потреба од такви заштитни мерки кои можат да имаат големо влијание врз психичкото здравје. Бидејќи тоа опседнување со многубројно миење на раце, со дезинфекција, знае да влијае на самата психичка состојба на личноста, на начинот на кој го води секојдневието, така што верувам дека повеќето се адаптираа и сфатија најважни се маската и неизложувањето на гужви, затворени простории и сл.
Дали допрва ќе се чувствуваат последиците од короната врз менталното здравје, особено кај младата популација?
За младите има многубројни студии коишто покажаа изразено висок степен на анксиозни и депресивни растројства, има многу студии кои укажуваат дека таа популација излезе најранлива, бидејќи реално тие беа оневозможени да ги извршуваат своите активности во споредба со нивните родители, со повозрасните. Гледаме дека има влијание и кај нас, особено има пораст на анксиозноста и депресивноста, но имаме и тешки ситуации во кои деца треба да се справат со губитокот на родител, што остава длабок трауматски белег врз нивното растење и се трудиме со нашата психолошка служба да им излеземе во пресрет за колку што е можно тие ситуации да се надминат и да се продолжи со еден поадекватен начин на функционирање.
Какви пораки извлековме од изолациите,карантините, маските, дистанцата?
Можеби ни требаше да се случи такво нешто, иако непосакувано, да застанеме и да се замислиме кои се приоритетите на овој живот и во овој свет. Малку да се сопреме бидејќи бевме во еден вртлог на брзината на животот, без да размислуваме дека можеби некогаш во животот нешто ќе се случи, па да знаеме дека треба повеќе да ги цениме здравјето, фамилијата, оние мали радости кои вистински носат среќа. Можеби оваа кочница што се случи на планетарно ниво, ни требаше за да се сопреме и да видиме до каде сме. Сите како индивидуи да поработиме на себе, но и да посветиме повеќе внимание на најблиските.