Достапни линкови

 
Миграцијата на младите го чини Западен Балкан 5,5 милијарди евра годишно

Миграцијата на младите го чини Западен Балкан 5,5 милијарди евра годишно


 Сѐ повеќе млади луѓе во земјите од Западен Балкан сакаат да заминат во странство
Сѐ повеќе млади луѓе во земјите од Западен Балкан сакаат да заминат во странство

Колкаво е влијанието на миграцијата врз економиите на земјите од Западен Балкан? Според Вестминстерската фондација за демократија, најдиректниот трошок со кој се соочуваат е губењето пари за школување. Образованието на еден Македонец кој завршил студии во 2018 година, чинело околу 29.000 евра.

Западен Балкан губи милијарди евра секоја година поради миграцијата на младите, покажува истражувањето на Вестминстерската фондација за демократија и Институтот за развој и иновации.

Студијата проценува дека загубата во областа на образованието поради заминување на младите луѓе е од 840 милиони до 2,46 милијарди евра годишно.

Ги прашува ли државата младите кога одлучува за нивната иднина?

Западен Балкан, исто така, губи околу 3,08 милијарди од растот на БДП поради миграцијата на младите, што е вкупно околу 5,5 милијарди евра годишно.

По распадот на Југославија, граѓанските војни и економските транзиции, ги принудија луѓето во потрага по подобар животен стандард, можност за напредок во нивните професии и стабилност со цел да изградат основа за своите идни генерации.

Структурата на тековната миграција, како што наведува Вестминстерската фондација за демократија, се менува и сѐ повеќе млади луѓе сакаат да заминат да студираат во странство, додека високо образованите луѓе заминуваат веднаш откако ќе дипломираат.

Емил Атанасовски, директор на Вестминстер фондацијата за демократија за Западен Балкан, вели дека високо квалификуваната сила и претприемачите имаат корист од можностите на глобализираната економија, бидејќи земјите -дестинации се натпреваруваат едни со други со цел да привлечат високо квалификувани луѓе нудејќи поволни услови за влез и останување во нивните земји.

Проценките на ОЕЦД покажуваат дека во просек од Северна Македонија годишно во периодот 2012–2016 година до земјите на ОЕЦД се отселувале по 23.000 луѓе.

Протокот на миграција го достигна својот врв во 2015 година, кога 32.000 луѓе ја напуштија Северна Македонија, додека тој број беше 30 проценти помал следната година.

Една третина од младите на Балканот одлучуваат да си заминат

Важно е да се напомене дека податоците ги опфаќаат сите луѓе што ја напуштиле земјата за една година, вклучувајќи ги и луѓето кои ја напуштија земјата за да работат привремено, кои заминаа да се образуваат, или беа испратени за меѓукомпаниски трансфери.

Бидејќи пристапот на ОЕЦД вклучува привремена миграција, бројот на луѓе кои се враќаат не може да се занемарат.

Во овој петгодишен период, околу 13.500 луѓе се вратиле, што значи дека просечниот годишен нето - одлив изнесувал околу 9.400 луѓе.

Според статистиката на ОЕЦД за 2016 година, речиси две третини од сите Македонци мигранти отишле во Германија, околу осум проценти во Швајцарија, додека Австрија беше на третото место.

Најдиректниот трошок со кој се соочуваат земјите е губењето средства потрошени за образование.

Во зависност од степенот на образование, општеството инвестира во образованието на поединци за осум, 12, 16 дури 20 години, а со нивното иселување тие инвестиции стануваат трошоци.

Уште полошо, тие стануваат инвестиции во земјите дестинации кои добиваат образовани лица без да трошат пари за нивното образование.

Образованието на Македонец што завршил академски студии во 2018 година чинело околу 29.000 евра.

Партизацијата причина за големата невработеност на младите

Цената на четиригодишното средно образование во 2018 година изнесуваше околу 14.500 евра, додека основното образование чинеше близу 9.000 евра.

Проценката на трошоците за докторат, врз основа на достапните информации, е околу 48.000 евра.

Во просек образование на поединец на Западен Балкан, преку осум или девет години основно училиште, четири години средно и високообразовните студии кои траат во просек пет години чини околу 25.000 евра.

Намалувањето на бруто домашниот производ (БДП) поради намалувањето на потрошувачката, која е една од нејзините главни компоненти, е една од позначајните негативни последици од миграцијата.

Со напуштање на земјата, поединците престануваат со трошење во сопствената земја и така тие не само што имаат негативно влијание врз макроекономски агрегати, но тие исто така придонесуваат за намалување на даночната основа.

Буџетските даночни приходи се намалуваат за време на периоди на емиграција, не само врз основа на даноци на додадена вредност и акциза, но и врз основа на намалувањето на даноците на доход и други форми на оданочување.

Една земја може да ги сфати придобивките од иселувањето на младите луѓе, особено кога нивната врска со матичната земја останува силна.

Првата форма на придобивки за матичната земја се дознаките од емигрантите.

Друг важен позитивен фактор е знаење и искуство што младите го стекнуваат во странство и ги враќаат ако се вратат.

Приливот на пари доколку емигрантите изберат да инвестираат во матичната земја би го направил тоа биде уште еден позитивен фактор, се наведува во студијата на Вестминстерската фондација за демократија која е основана во 1992 година и е финансирана од британската влада.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG