Фокус, покрај другото, се занимава со веројатно најактуелниот проблем во државава – крајот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и „нејзиното“ СЈО и со прашањето дали „Писмото на Јанева е излез или темпирана ’бомба‘“. А се однесува на затворското писание, како што вели, на Јанева, сите предмети да се предадат на редовното Обвинителство, што засегнатите го толкуваат на два начина. „Како последен обид шефицата да стави клуч на СЈО, ускратувајќи му уште една година постоење, или, пак, како искрен обид да се спасат предистрагите, истрагите и судските случаи“ – пишува Фокус.
„Планот ’Б‘ на власта ја зашемети опозицијата“, смета онлајн магазинот Глобус, а дека власта „со европско знаменце ита кон усвојување на измените на Законот за обвинители изгледа ја шокира Будимпешта“. Неделникот потсетува дека решението за новиот предлог закон за Јавно обвинителство, кој влезе во собраниска процедура и со кој треба сегашното СЈО да се инкорпорира во редовното Обвинителство – сè уште не е на повидок, затоа што, потсетува авторот на текстот, „опозициската ВМРО-ДПМНЕ има голем број членови и поранешни функционери засегнати со истраги и обвиненија на СЈО“, па не би им одговарало со предлог-законот случаите да продолжат од точката на која се стасани во Специјалното“. Но, планот ’Б‘, што го најави министерката за правда предвидува измени на сегашниот Закон за јавни обвинители, што се носи со просто мнозинство во Собранието, а што ќе му овозможи на Советот на јавни обвинители да избере вршител на должноста Специјален јавен обвинител, со оглед на тоа што Јанева е осомничена и е во притвор за случајот ’Рекет‘, Советот на јавни обвинители испрати предлог до Собранието да биде разрешена од функцијата, а таа со писмо од притворот ја активира ковертираната оставка на својата функција. „Дали на сцена ќе стапи планот ’Б‘ зависи токму од опозицијата. Време за усогласување на ставовите сè уште има, но ако на крајот не гласа за предложениот закон за Јавно обвинителство, нема да остави друг избор“, пишува авторот на текстот во Глобус.
Анализата во новиот двоброј на Капитал е посветена на стравувањата на светот од нова рецесија и во врска со тоа „Кои се ризиците за македонската економија“. Ослабената индустрија, извозот речиси 50% врзан за германската, а над 80% за европската економија, банкоцентричниот систем во најголем дел во сопственост на европски банки - сиве овие факти ја наведуваат авторката на анализата да наведе дека нашата економија е прилично ранлива на надворешни шокови. „Ако кон ова се додадат и геополитичките и економски нарушувања, растечките трговски конфликти и протекционистички мерки, забавувањето на германската економија“, за која вели дека е колатерална штета на трговската војна помеѓу САД и Кина, „како и сè поголемите стравови од хаосот кој може да го предизвика Брегзит без договор, тогаш речиси сите сигнали предупредуваат дека светот полека, но сигурно се движи кон големи економски потреси, кои можат значително да влијаат врз македонската економија“, пишува Капитал и го поставува прашањето колкав маневарски простор имаат македонските власти соодветно да одговорат на претстојната рецесија? Неделникот ја консултирал Народна банка од каде што има некои пооптимистички размислувања, имено, дека „надолните ревизии за очекувањата за растот на германската економија се само на краток рок, односно се однесуваат само на оваа година и дека забавениот раст на германската економија засега нема повидливи ефекти врз нашата“.
Од Народна банка потенцирале и дека во нашиот извозен сектор се случуваат структурни промени, преку влез на нови компании, а и во постојните сè уште постоел простор за дополнително искористување на капацитетите, така што овие карактеристики во добар дел може да ги ублажат евентуалните неповолни ефекти од случувањата во германската и воопшто глобалната економија, и дека „ќе продолжат да ги следат движењата и доколку биде потребно, соодветно ќе реагираат“, наведува Капитал во анализата.