Достапни линкови

Мајстори се помалку, а нема ни голем интерес за учење


илустрација, работник во фабрика за производство на автомобили
илустрација, работник во фабрика за производство на автомобили

Во земјава започнуваат уписите, но има многу мал интерес за средните стручни училишта, што подоцна се одразува со недостиг на кадар на пазарот на трудот. Мајсторите велат дека младите не сакаат да ги валкаат рацете кога може подобро да заработат ако знаат да ги користат компјутерите

По објавувањето на конкурсот за уписи во средните училишта, за десеттина дена ќе се знае за кои училишта годинава учениците ќе покажат најголем интерес. Минатата година за полуматурантите најпосакувани беа гимназиските и медицинските насоки.

И додека досегашните искуства зборуваат за хроничен недостиг на ученици во средното стручно образование, на пазарот на трудот токму тие профили се најбарани. Се повеќе се бараат хигиеничари, градежни техничари, текстилни техничари, шивачи, кројачи, продавачи, бравари, столари, заварувачи, лимари, градежните работници.

Љупчо Кузмановски е водоинсталатор со долгогодишно искуство. Тој раскажува дека и покрај тоа што има голема потреба од помошник мајстор, се потешко може да најде некој помлад кој ќе биде заинтересиран да ја работи неговата работа.

Младите осознаваат дека со работа не се спечалува за добар живот и никој не се збогатил, а сите сакаме да бидеме богати, и свесни за тоа сакаат да најдат полесен начин да заработат. Кој сака да ги валка рацете кога може со лаптопот да си игра и да си заработи, тоа е грешка на нашето општество. Кога треба нешто да сработам, викам човек постар од мене да ми помогне, млад човек не сака, еве и моите две деца знаат да работат, ама не сакаат, занаетчии се помалку ќе имаме“, вели Кузмановски.

Потребата од стручен кадар на свој грб ја чувствува и Трајан Анѓелоски, сопственик на компанијата за производство на метал и машински делови и претседател на Индустриската комора при ССК. Тој вели дека во моментот неговата компанија има потреба од стручен кадар. Тој вели дека проблемот треба системски да се реши, додавајќи дека платите на работниците со средо стручно образование се пристојни.

„Ние во континуитет вработуваме кадри со средно стручно училиште и константно ги мотивираме да што е можно побрзо се снајдат на тоа ново работно место и даваме се од себе со едно такво образование да се вклопат на работното место. Платите се резултат на целокупната економска ситуација во земјата. Тие се пропорционални на економијата во земјава ,меѓутоа, кога тие плати ќе ги споредите со платите на средно гимназиско образование со слично работно место во друга дејност, се далеку повисоки“, вели Анѓелоски.

За да се мотивираат учениците да се запишат во средно стручно образование воведени се и стипендии. Како што соопшти Царовска, 1500 ученици кои ќе се запишат во паралелки за стручно образование со продолжено време поминато во практична настава во компании ќе добијат по 3.500 денари месечно во текот на учебната година, 500 ученици во прва година тригодишно образование исто така ќе добиваат по 3.500 денари месечно, а за 200 ученици од прва година од наставните програми во електротехничка струка, машинска, градежна, угостителска, ветеринарна, текстилна, кожарска ќе биде обезбедена стипендија по 2.200 денари.

Иако уписите се се уште во тек во гимназијата „Зефљуш Марку“ во Скопје веќе има пополнето пет паралелки. Професорот Насер Мифтари кој, предава таму како и во средното државно училиште за математика и информатика, вели дека во последните неколку години во оваа гимназија има вишок пријавени ученици.

Мит е дека стручните работници се на помалку платени места

„Замислете ние во гимназијата имаме 16 паралелки, тоа е навистина многу. Има понекогаш и деца кои не ги исполнуваат критериумите, но поради притисок од родителите се запишуваат и тие деца. Сосема е спротивна сликата на терен од тоа што се бара на пазарот на трудот. Уште кога не беше објавен огласот за пријавување, се јавуваат родители и резервираат места за своите деца“, посочува професорот Мифтари.

Дефицитот на стручни занимања и неусогласеноста на потребните вештини со образовниот систем се проблем кој го има државата во последните неколку години. Во средното училиште „8 Септември“, каде што струките претежно се од машинската индустрија - машински техничари, интересот за запишување е многу мал. Мал интерес за запишување ученици има и во средното училиште „Михајло Пупин“ со електро струките - електро техничари, и во средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ каде што има авто- механичарски струки итн. Тие можат во целост да одговорат на потребите и побарувањата на повеќе бизнис компании.

Инаку, оваа учебна година се отворени вкупно 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта. Од вкупниот број слободни места,19 602 се во стручно образование во 604 паралалеки, 9261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1190 места во 35 паралелки се за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и за математичко-информатичка гимназија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG