Достапни линкови

Малата ефикасност на кинеските вакцини, проблем за многу земји


Ефективноста на вакцината Синовак при спречување на симптоматски инфекции е околу 50 проценти.
Ефективноста на вакцината Синовак при спречување на симптоматски инфекции е околу 50 проценти.

Највисокиот кинески експерт за заразни болести, директорот на Кинескиот центар за контрола на болести, Гао Фу, призна дека кинеските вакцини против коронавирус имаат мала ефикасност и оти владата размислува да ги измеша за да се подобри нивниот учинок.

На 10 април Гао Фу изјави дека Кина официјално разгледува дали треба да користи различни вакцини од различни технички линии во процесот на имунизација. Тој додаде дека една од стратегиите може да биде промена на бројот на дози и должината на времето помеѓу дозите.

Тоа беше за првпат кинески официјален претставник јавно да признае дека домашните развиени вакцини обезбедуваат ниска заштита од ковид-19.

Во Србија пристигнува нов контингент вакцини од Кина

На 11 април, државниот весник „Глобал тајмс“ објави текст во кој Гао беше цитиран дека имало „целосно недоразбирање“ за неговите коментари во врска со ефикасноста на вакцините.

Кина склучи зделки за да обезбеди милиони дози за други земји, вклучувајќи ги Мексико, Турција, Индонезија, Унгарија, Србија, Бразил и Чиле. Во Кина, околу 35 милиони луѓе ги примија и двете потребни дози, а околу 65 милиони една.

Во една студија во Бразил, утврдено е дека ефективноста на вакцината Синовак при спречување на симптоматски инфекции е 50,4 проценти.

Една неодамнешна студија на Универзитетот во Чиле со податоци за национална вакцинација и стапки на зараза сугерираше дека вакцината Синовак е 54% ефикасна во спречување на зараза од коронавирус две недели по ставањето на две дози.

Светската здравствена организација смета дека ефикасноста од 50 проценти е минимален праг за вакцина.

За споредба, откриено е дека вакцините на Модерна и Фајзер-БиоНТек се ефективни околу 95 проценти. Кинеските вакцини користат традиционални методи за обезбедување заштита со користење на инактивирани вируси.

Зошто е тешко да се споредат вакцините против КОВИД-19?

„Вашингтон тајмс“ посочува дека „Синофарм“ објави стапка на ефикасност од 79% за својата вакцина, додека странските тестови за „Синовак“ забележале ефикасност од 50% во Бразил и повеќе од 80% во Турција.

Сепак, иако и двата производитела спроведоа масовни клинички испитувања во минатата година пред повеќето други земји, податоците сè уште не се објавени во релевантни списанија.

Нетранспарентност

Јавно признавајќи го проблемот со ефикасноста, кинескиот центар за контрола на болести соопшти дека размислува за комбинирање на вакцини и промена на редоследот на дозите со цел да се зголеми ефикасноста, пишува Фајненшл тајмс.

Секоја нова стратегија - зголемување на дозите, промена на нивниот редослед или комбинирање на различни вакцини - ќе има последици за повеќе од 20 земји за кои Кина вели дека ги снабдува, главно во рамките на тн „вакцинска дипломатија“.

За разлика од другите производители на вакцини, кинеските компании не објавија податоци од третата фаза на студијата, што доведе до обвинувања за недостаток на транспарентност во однос на ефективноста на вакцината за различни групи.

Синофарм тврди дека нејзината вакцина е 79 проценти ефикасна, слично на резултатите од АстраЗенека.

Астразенка ги ревидираше податоците по критиките поради нецелосни податоци, но Синофарм и другите кинески компании не ги ставија на располагање на јавноста податоците од третата фаза.

Кина ги признава само своите вакцини

Додека реткото признавање на високиот здравствен експерт може да предизвика загриженост во се поголем број земји кои се потпираат врз дози од Кина, властите во Пекинг во минатиот месец продолжија со процесирање на апликации за визи за странски државјани, но само ако примиле кинеска вакцина.

Овој потег покрена прашања во врска со неговата мотивација, имајќи предвид дека кинеските вакцини не се одобрени во многу земји, како и дека Кина не прифаќа странски вакцини одобрени од Светската здравствена организација.

Кина планира да вакцинира 80 отсто од населението до крајот на годината

Пекинг сè уште нема одобрено никаква странска вакцина за употреба во Кина, каде што новиот коронавирусот се појави на крајот на 2019 година.

До средината на март, Кина одобри пет вакцини за општа или итна употреба, вклучувајќи три кои се дистрибуираат до други земји преку трговија или помош.

Кампањата за снабдување со други земји, посочува Гардијан, беше обележана како „вакцинска дипломатија“ за зајакнување на позицијата на Кина во глобалното здравје, со тоа што повеќето вакцини беа испраќани во Азија, Африка и Јужна Америка.

Далеку од имунитетот на стадото

Една година откако ковид-19 ја нападна Кина, коронавирусот е под контрола, но сега властите мора да го мотивираат населението да се вакцинира користејќи комбинација на социјален притисок, стимулации, образование и принуда, пишува Волстрит журнал.

Кинеските власти велат дека вакцинацијата е неопходна за закрепнување на втората по големина економија во светот, додека еден од најпочитуваните експерти за јавно здравје во земјата ги поврза успехот на вакцинацијата со патриотизам и национална безбедност.

Ниту една од петте одобрени вакцини во Кина не е вклучена во списокот на Светската здравствена организација за итна употреба, посочува американскиот весник, додавајќи дека скандалите со неефикасни, лажни или неквалитетни вакцини ја нарушиле сликата за кинеските производители и продавачи на вакцини во последниве години.

Сепак, скоро половина од испитаниците во националното истражување изјавија дека претпочитаат домашни вакцини од увезени.

Кинеските здравствени власти велат дека целта е да се вакцинираат 40 проценти од населението до летото, а до минатиот петок, беа искористени 161 милиони дози.

Според податоците на Универзитетот Оксфорд, 11 проценти од населението во Кина примило барем една доза, што е далеку од имунитетот на стадото, за што се потребни околу 80 проценти.

Донирани се и продадени над 100 милиони вакцини во странство, а се очекува уште поголем извоз бидејќи кинеските производители се на пат да бидат вклучени во програмата КОВАКС на СЗО за обезбедување вакцини на сиромашните земји.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG