Конечно решение за бугарско македонските отворени прашања со кои би се деблокирала македонската европска интеграција нема на средбата на македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот премиер Стефан Јанев, но има конкретни предлози кои македонската делегација ги однела во Софија, а кои сега ќе ги разгледува бугарската влада.
На заедничката прес конференција во бугарскиот главен град, службениот премиер Јанев рече дека како соседи, пријатели, братски народи има потреба од честа комуникација и размена на мислења. Тој ја повтори позицијата дека со години наназад, политиката на Бугарија е ориентирана кон цврста поддршка на европерспективата на Северна Македонија, Албанија и на другите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.
„Делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, што ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Констатиравме дека во моментов имаме прозорец на можности да работиме по нерешените прашања за исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение. Во рамки на овој дијалог, треба прво да ги решиме меѓусебните проблеми, за да не остават проблеми во европското семејство“, рече Јанев.
Заев, пак, нагласи дека проблемот е билатерален и дека решението треба да се најде билатерално.
„Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го искоментиравме и португалскиот предлог“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање македонскиот премиер рече и дека Северна Македонија пред членството во ЕУ ќе го отвори Уставот, а дека став е оти сите помалкубројни народи во државата, како на пример бугарскиот или хрватскиот да бидат впишани.
Пред бугарската влада Заев го дочекаа демонстранти организирани од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, поранешниот владин партнер и доскорашен министер за одбрана.
„Добредојдовте во вистинската татковина, Зоран Заев. Кога ќе ја признаете историската вистина за Бугарите во Македонија? Кога ќе ги признаете како државотворен народ и ќе ги впишете во вашиот Устав?“, праша Каракачанов споделувајќи го видеото од демонстрантите.
Пред средбите со официјалните владини бугарски претставници македонската делегација предводена од Заев се сретна со партиски лидери.
Подарок за Борисов од Заев- американски пури
Првата средба на Заев и придружуван од вицепремиерот Никола Димитров во Софија беше со Борисов, сега лидер на ГЕРБ, а поранешен премиер чија влада ја донесе одлуката за блокада на македонските европски интеграции. Тој ги пречека со поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и со Даниел Митов, кој беше кандидат за мандатар од нивната партија, но го врати мандатот откако не успеа да состави владин кабинет.
„Ќе имате многу средби денеска. Јас сум убеден, бидејќи ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете, особено Радев, дека ќе ви кажат дека без парламент ништо не може да се направи. Сегашната службена влада ги има сите права и може да преговара со вас.Нов договор, ако нашиот не им се допаѓа. Но тие ќе избегаат од одговорност, како што секогаш прават. Истовремено ќе ги лажат евроатланските парнтери дека се за членство на Северна Македонија во Европската унија“, рече Борисов.
Тој од македонскиот премиер доби подарок . Заев му подари пури со зборовите „за шампионите, шампионски од Америка“.
„Благодарение на бугарската влада и премиерот повторно се врати вниманието на ЕУ кон Западниот Балкан, а не само кон С. Македонија, особено со самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија“, рече Заев на средбата со Борисов.
Потоа делегацијата се сретна и со лидерката на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова. И таа на слична линија како актуелната бугарска службена влада и претходната на Борисов.
„Кажавме дека нашата позиција е непроменета. А тоа значи дека во овој момент не се исполнети условите за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ“, рече Нинова.
Позната позиција на бугарската службена влада
Всушност оваа позиција бугарската влада ја соопшти уште пред да тргне македонската делегација за Софија на разговори за можноста за деблокирање на евроинтеграцијата на самитот на Европската унија кој треба да се одржи на 22 јуни, бугарската влада соопшти дека нема промена во позицијата.
„Во делот на политиката за проширување на Европската унија и европската перпсектива на Република Северна Македонија во прифатената од владата позиција се посочува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и до Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија прифатена од Владата на 9 октомври 2019 година и позицијата на Бугарија за преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за присоединувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во однос на исполнувањето на Договорот од 2017 година кои во моментов не ги гледаме. Не се исполнети барањата за одржување на Меѓувадината конференција“, стои во објавата на бугарското министерство за надворешни работи“, објави синоќа бугарското Министерство за надворешни работи.
Бугарија ја блокираше македонската европската интеграција лани со забелешки дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година. Бугарските забелешки главно се поврзани со историски прашања. Источниот сосед пролетва одржа избори па официјални контакти за наоѓање решение меѓу двете земји беа речиси замрзнати поради предизборниот период. Минатиот месец релациите ги помрдна португалскиот предлог кој во Софија и Скопје го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва врз чија основа се правеше обид да се дојде до решение со кое ќе се деблокираат македонските европски интеграции. Сега соседната земја ја води службена влада, поради изборните резултати по кои не можеше да се формира политичка влада, а нови избори се закажани за 11 јули.