Достапни линкови

Македонија го слави Денот на Републиката-Илинден


Архивска фотографија, прослава на Илинден на Мечкин Камен
Архивска фотографија, прослава на Илинден на Мечкин Камен

По осумнаесет години македонска делегација на 2 август ќе присуствува на одбележувањето на Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година

„Илинден - нашата сила за иднината“, е слоганот под кој годинава, се одбележува 2 aвгуст - Денот на Републиката. Традиционално, чествувањето на денот кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, започна синоќа со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. На Манифестацијата која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, се обрати и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој годинава ја предводи владината делегација во Крушево.

„Илинден е нашата гордост, нашиот патоказ. Илинден е нашата сила за иднината!“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во честитката по повод големиот празник Илинден.

„Нека ни е честит и долговечен Илинден - Денот на Републиката.

Да го празнуваме во слога и обединетост.

Одбележувањето на Илинден на 2 aвгуст започн со настаните во Скопје, каде што високите делегации ќе ги предводи и ќе се обрати претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Делегација предводена од претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните, на градските гробишта „Бутел“. Потоа, делегации ќе положат свежо цвеќе на спoменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

Свечената манифестација ќе продолжи со обраќањето на претседателот на државата Стево Пендаровски во вилата на Водно.

По речиси две децении македонска делегација ќе оди во „Св. Прохор Пчински“

По осумнаесет години македонска делегација на 2 август ќе присуствува на одбележувањето на Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.

Државно-црковната делегација ќе ја предводи претседателот на државата Стево Пендаровски.

Досега Српската православна црква не дозволуваше официјална државна делегација на Македонија да го посети манастирот „Прохор Пчињски“ по повод Илинден. А српските власти беа на став дека тие не можат да влијаат, ниту да се мешаат во одлуката на СПЦ во чија надлежност е манастирот. Но годинава СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-Охридска архепископија, по што се подобрија црковните односи.

Во разговорот со г.г. Порфириј, претседателот Пендаровски се заблагодари на патријархот за одлуката да биде овозможена посетата на манастирот која следува со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ – ОА од страна на СПЦ. Во состав на делегацијата што ќе ја предводи претседателот Пендаровски ќе бидат членови на Собранието и на Владата на Република Северна Македонија и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски предводејќи висока владина делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник во Крушево.

Владината делегација ќе оддаде почит на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива. Церемонијата ќе продолжи со панихида за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“ и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин камен каде ќе се одржи централната манифестацијата на која свечено ќе се обрати премиерот Ковачевски.

Џафери во Пелинце, Мицкоски во Ташмаруништа

Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во организација на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што Џафери ќе се обрати и ќе следува организирана културно-уметничка програма.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски традиционално ќе се обрати во струшко Тасмаруништа.

Илинден во Македонија датира од 1903 година, кога на 2 Август Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како денот на Републиката. Востанието беше кренато на 2 Август - на денот на Свети Илија кој е национален православен празник кога традиционално се одржуваат верски церемонии во црквите и манастирите ширум Републиката.

За кревањето на Илинденското Востание одлука донесе Конгесот во Солун на Македонската револуционерна организација пролетта 1903 година. Делегатите на организацијата разговарале за прашањето за кревање на востанието во Македонија. И покрај фактот дека некои од делегатите биле против кревање на востание тврдејќи дека Организацијата сѐ уште не е подготвена, одлуката на водството била конечна. Одлучено било востанието да започне во битолскиот регион, а датумот да биде 2 август. Организаторите на востанието испратиле и писмо до Европа дека ќе започне востание во Македонија во кое биле наведени и причините за тоа.

Еден од најавтентичните настани за празникот е традиционалното пристигнување на коњаниците од Скопје во Крушево, местото каде во 1903 година беше воспоставена Крушевската Република по битиките против Отоманската војска, која траеше кратко.

Четириесет и една година по Илинденското Востание во Манастирот Св. Прохор Пчински беше одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беше потврдена рамноправната положба на Македонија во рамки на федералната држава Југославија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG