Не долго откако Русија го започна својот напад врз Украина, Јелена Бајбекова, наставничка по математика во „Основното училиште 59“ во јужниот руски град Астрахан, беше отпуштена.
Што навеле како причина за отпуштањето? „Не се појавила во училницата“, иако тој ден немало настава и немало ни деца во училиштето.
Вистинската причина, смета таа, е тоа што таа се приклучила на антивоените демонстрации во центарот на градот на 22 февруари 2022 година, два дена пред да започне целосната инвазија. Околу три месеци подоцна, откако еднаш била приведена во полиција, таа и нејзиниот 17-годишен син побегнале од земјата, завршувајќи во Германија, каде што поднеле барање за азил.
„Цел живот ги подучував децата во Русија, а моето место е таму“, изјави таа за РСЕ по телефон: „Најверојатно ќе се вратам, но не знам каква ќе биде Русија во тој момент“.
По руската инвазија, од Русија избегале меѓу 500.000 и милион луѓе
Бајбекова е една од непознатиот број учители кои ја напуштиле Русија од почетокот на инвазијата. Ниту една официјална бројка од билансот не е јавно достапна, иако се проценува дека бројот може да е и во стотици.
Сè на сè, се верува дека повеќе од 500.000 луѓе ја напуштиле Русија од 24 февруари 2022 година, а според некои проценки бројот се приближува до 1 милион. Меѓу најистакнатите сектори кои доживеале високи одливи на работници е ИТ секторот, каде што над 300.000 работници заминале во Казахстан, Грузија, Ерменија и други земји.
Но, и наставници избегаа.
„Сфативме дека е опасно да останеме во Русија„
„Сфативме дека не можеме да останеме во земја чиј претседател одлучи да уништи соседна држава. Разбравме дека е опасно да се остане во Русија“, рече Алиона Подлесник, професорка на одделот за новинарство на универзитетот во градот Перм на Уралските Планини.
Таа ја напушти Русија во септември и со сопругот и двете деца се преселила во Србија кон крајот на септември. Вели дека тие почнале да прават планови да ја напуштат Русија набргу по почетокот на инвазијата. Првично, семејството планирало да се пресели на крајот на октомври. Откако Путин кон крајот на септември објави повик на десетици илјади воен резервен персонал и други Руси, таа вели дека нејзиното семејство го поместило датумот на заминување. Нејзиниот сопруг замина за Казахстан. Подлесник остана да го продаде својот стан во Перм и да замени рубљи за странска валута. Таа вели дека пристигнале во Казахстан неколку дена по нејзиниот сопруг.
Пред да се пресели, Подлесник вели дека била отворена во своето противење на војната, обидувајќи се да ги „отвори очите на оние кои сè уште не ја гледаат вистината.
„На почетокот ми се чинеше дека тоа нема да биде опасно“, вели таа.
Во јуни таа се пожали на локалните власти откако на еден културен центар се појави џиновски транспарент со буквата „Z“. Провоените политичари и граѓански групи ја усвоија буквата „Z“ како симбол за руската инвазија.
Транспарентот останал, вели таа, но потоа почнала да добива закани, нарекувајќи ја „непријател на народот“ - епитет од времето на Сталин. Членовите на нејзиното семејство добивале и прикриени закани и навреди од подалечни роднини.
„Очигледно, за нас стана многу опасно да останеме во Русија. Имаше, се разбира, излез: да молчам, но не сакам да молчам. Затоа, мојот сопруг и јас донесовме правилна одлука да ја напуштиме Русија. Генерално, оваа одлука беше повеќе негова. Но, тоа ме спаси“, вели таа.
По еден месец во Казахстан, Подлесних вели дека семејството отпатувало во Србија, што, според неа, било подобро за нив. Купиле куќа во близина на унгарската граница, а нејзините две деца почнале да учат српски.
Подлесник вели дека продолжува да работи како учителка помагајќи им на украинските и руските бегалци и барајќи работа со полно работно време. Вели дека продолжува да плаќа даноци во Русија. Нејзиниот сопруг засега е невработен.
„Се надевам дека светлината на денот ќе дојде наскоро во Русија“, рече Подлесних.
„Учениците ми пишуваат“
Бајбекова и нејзиниот 17-годишен син првично завршија во бегалски камп во германскиот град Зигмаринген, чекајќи да се разгледа нивното барање за азил. Многу од другите во кампот се Украинци, а таа вели дека се спријателила со нив.
Подоцна, тие биле преместени во еден мал град во централната покраина Баден-Виртемберг, каде што таа учи германски, а нејзиниот син посетува локално средно училиште. Вели дека нејзините поранешни студенти редовно ѝ се јавуваат и ѝ испраќаат имејлови - понекогаш ѝ праќаат пропагандни видеа и предавања кои се принудени да ги слушаат.
„Децата ми пишуваат. Тие велат: „Имате ли поим со што ни ја полнат главата? Потребна им е поддршка, а јас се трудам да им ја дадам колку што можам. Велам дека сето ова ќе заврши, дека најважно е да го спасите човечкото суштество во себе“, раскажува Бајбекова.
Ученици ја пријавиле дека ја критикува војната
За Олга Лизункова, наставничка по англиски и германски јазик во мало село во централниот регион Нижни Новгород, одлуката да замине и да се пресели во Киргистан беше делумно поттикната од нејзините ученици. Таа вели дека ја пријавиле кај училишните администратори во септември, откако во својата училница критички зборувала за војната.
Таа беше казнета со 30.000 рубљи (500 долари во тоа време) за „дискредитација“ на војската, предупредена и суспендирана од работа. Следниот ден таа поднесе оставка.
„Имаше стравувања дека нема да заврши со паричната казна и со предупредувањето. Зошто? Затоа што не можам да молчам. И да бев сега во Русија, сепак ќе продолжев да го искажувам својот став против војната“, рече таа.
Таа вели дека таа и нејзиниот сопруг го продале својот стан за готовина и изнајмиле автомобил и возач за да ги пренесе преку граница. Таа вели дека наишле на мала мака од руските граничари, и покрај потеклото на нејзиниот сопруг, што го направило потенцијално приоритетен кандидат за воениот повик.
Еден месец подоцна, тие се преселиле во Киргистан.
Таа вели дека сега студира за да добие сертификат како наставничка по странски англиски јазик, а нејзиниот сопруг работи на тоа да добие нова ИТ квалификација за неговите работни вештини.
Понекогаш, вели таа, ѝ недостига нејзината куќа во која исто така пораснала како дете. Таа, исто така, има порака за оние што останаа од Русија, кои исто така размислуваат да побегнат.
„Ако сакате да заминете, но немате финансиски можности или сте премногу приврзани за нешто или некого, не се нервирајте. Присилното иселување е тешко и финансиски и морално. Ако не сакате да заминете, тоа е ваше право, не треба да си одите само поради владата“, рече таа.
И додава: „Го слушнав овој израз некаде: Зошто да го напуштам мојот стан само затоа што - извинете за изразот - тие вршат нужда во него?“