Брза заработка на странска берза со неколку клика дневно, но во сива зона. Вака отприлика изгледа интернет трговијата со криптосредства во земјава. Таа официјално не е забранета, но не е регулирана со ниту еден закон. Во јавноста оваа тема стана актуелна по двата инцидента со полициска потрага на „диви копачи на криптовалути“. Викендов беа притворени и двајца вработени во Македонски железници транспорт поради злоупотреба на службена должност, односно од службените компјутери трошејќи државна струја за свои цели - „копале “ криптовалути.
Но, што е криптовалута и која е разликата меѓу трговија со критовалути и „копање“ на криптовалути?
Основното објаснување е дека станува збор за облик на дигитална сопственост која се користи како средство за размена користејќи криптографија како начин на обезбедување сигурност на трансакциите, контрола на создавањето дополнителни парични единици и заради потврда на трансферот на валута. Криптовалутите се дефинираат како подмножество дигитални валути, алтернативни валути и виртуелни валути. Децентрализирани, дефлациони и самоодржливи дигитални валути кои не постојат во кој било физички облик и кои не се под контрола на на кој било поединечен ентитет, со што станаа сериозен предизвик за регулаторите. Станува збор за активни над 11 илјади видови на коини ( монети ) и токени со кои се тргува на криптомаркетот вели македонскиот криптоексперт Дарко Симуновски.
„Сите тие имаат одредена бројка на залиха, но во пазарот се пуштаат со одреден протокол, начинот на кој се пушта во пазар залихата има одреден протокол. Што значи дека сите се дефлациони без исклучок, што значи не подлежат на инфлација“ објаснува тој.
За разлика од повеќето традиционални валути, криптовалутите се дигитални, што подразбира потполно поинаков пристап, особено кога е во прашање чувањето. Технички, не се чуваат единиците криптовалута, наместо тоа се користи приватниот клуч кој се користи за заклучување на трансакциите кои мораат да бидат сигурно сочувани.
Како од виртуелни до реални валути во Македонија?
Ова го наметнува прашањето каде во земјава може да се разменат криптовалутите за денари или евра односно како на крајот на денот да се види пари во рака.
„Најдобар начин за да се дојде до пара во рака, има неколку менувачници, ми се чини дека се околу 7 или осум менувачници во Македонија, од кои има две- три во Скопје, има во Тетово, Струмица, Кичево и Битола. Може и преку Вестерн унион размена на пари. Ова се шири, се додека не се регулира тоа се опциите за луѓето кои поседуваат криптовалути да ги разменат за физички пари. Начинот е едноставен, кога некој поседува криптовалити, во менувачница им праќаш на нивната адреса криптовалути, а тие ти даваат кеш на рака, слично како размена на евро за франк или за денари, “ вели Симуновски.
Правилата на Народна банка
Во однос на регулацијата на претворањето на дигиталните валути во пари на рака од Народната банка велат дека домашните овластени банки треба да ги сметаат трансакциите со криптосредставата во платниот промет со странство како тековни трансакции помеѓу резиденти и нерезиденти.
Тоа значи дека кога резидентите купуваат криптосредства домашната банка треба да определи кои документи ќе ги смета за доволни заради постапување согласно со регулативата.
„Како соодветен документ може да се смета и налог за извршување трансакција даден од резидентот, или договор или друг документ со кој може да се потврди трансакцијата. Од аспект на приливите за резидентите од продажба на криптосредства во странство, домашната банка треба да примени постапка за директна наплата, односно да ја одобри трансакциската сметка на резидентот корисник на наплата, доколку располага со претходна писмена информација добиена од корисникот на наплатата за видот на трансакцијата и бројот на трансакциската сметка на која треба да се одобри наплатата, без притоа да се бараат посебни документи“ се вели во одговорот на Народната Банка на нејзината веб страница.
Едно од најчесто поставуваното прашање кон Народната Банка е дали е легално вложувањето во крипто-средства во странство и каков третман имаат овие трансакции во платниот промет со странство?
„Кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење и неговите подзаконски акти којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано. Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам. Оттука, банките се должни да ги почитуваат покрај соодветните барања поврзани со девизниот режим, така и прописите поврзани со спречувањето перење пари и финансирање тероризам“, се вели во одговорот на Народната Банка.
Според тоа, крипто-средставата не можат да се користат како платежно средство во Македонија. Народна Банка апелира до сите коишто вложуваат во криптосредства да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ефекти од нивните вложувања. Треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.
Треба да се нагласи дека тргувањето со криптовалутите може да биде ризична инвестиција бидејќи никој не може да гарантира дека биткоинот од 20.000 долари ќе скокне на 60.000 дол., но може да се случи и спротивното.
Вложувањето во крипто-средства според Народната банка се смета за високоризично. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од високата променливост на нивната пазарна цена, а што е значително повисока споредено со променливоста на други финансиски и нефинансиски средства, на пример курсевите на суверените валути, приносите на акциите, или, пак, цените на стоките што се предмет на тргување на глобалните пазари како што е на пример нафтата.
Ова значи дека за краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока. На пример, пазарната цена на биткоинот, историски анализирано, имала дневни промени коишто се над вообичаените пазарни дневни промени на берзанските индекси или цените на акциите коишто по правило се едноцифрени.
Народна банка посочува дека меѓу ризиците од таквите инвестиции е и фактот дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависи од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор (т.н. сајбер ризици) и можноста за т.н. хакерски напади.
Безбедносни ризици од интернтет трговијата со криптовалути
Познавачите на интернет трговијата со круптовалути велат дека во овој бизнис нема гаранција за фиксна ниту сигурна заработка, и клучно е да се има трепение затоа што преку ноќ никој не може да се збогати. Но, дел од македонските граѓани неколку кратно си го зголемиле влогот. Македонскиот крипто портфолиот стратегист Симуновски вели дека неинформиран трговец со криптовалути е лош инвеститор кои не внимаваат дали купуваат шпекулативни коини и токени. Тој посочува дека некои од нив на пример како го следат Елон Маск дали тој твитувал дали се вложи во одредени коини и токени. Со тоа тие се злоупотребени затоа што големите играчи купуваат пред да твитуваат, по после твитот кога ќе се качи цената ги продаваат поскапо. Тој објаснува дека корисниците на крипотмаркетот основна работа што треба да ја направат пред да тргуваат е да се заштитат себе си и своите податоци.
„ Прво нешто што јас сум го правел и треба секој да го прави, кога се вклучува на криптомаркетот електронскиот апарат да биде нов, да се користи исклучиво само за таа цел, да нема социјални мрежи на него, да се користи буквално тој електронски апарат само за криптомаркет, а втора работа пасвордот не смее да се зачува на електронски начин. Мора тоа да биде традиционално на стар начин на хартија со пенкало запишан. Никогаш да не биде сочуван, запишан или сликан во телефон или во каква било електронска форма. Ако овие две работи се запазат, со нов апарат и сочувување на лозинката на традиционален начин, тогаш хакирање е невозможно“ објаснува тој.
Надвор од виртуелниот свет, ризик од копачите на криптовалути, особено дивите копачи на криптовалути е отповарувањето на електричната мрежа и крадењето на струјата. Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски неодамна изјави дека една од причините за зголемената потрошувачка на електрична енергија во земјава се должи и на копањето биткоини.
„Особено во делови на Скопје. Покрај тоа, имаме и нелегално превземање на струја. Од податоците што располагаме, електродистрибуција веќе има фатено поголем број потрошувачи и домаќинства кои копаат и нелегално се приклучуваат на јавното осветлување”, изјави Бислимовски.
Според него, секое домаќинство е лимитирано да повлече електрична енергија до одредена количина.
„Осигурувачите дозволуваат одредена сила на енергија да се повлече од системот. Тие ги менуваат и неразбираат дека тоа е проблем. Може да прегори инсталацијата и да дојде до пожар. Доколку се прави по легален пат и се пријави, би немале проблеми. Дивото приклучување може да се одрази на тие кои одговорно си плаќаат и не злоупотребуваат”, потенцира Бислимовски.
Тој додава дека и копањето биткоини треба да се прави легално, односно да се пријави за испорака на поголема моќност на струјата.
Според кривичниот законик „копањето “ криптовалути не е забрането, што значи дека не е регулирано, а казниво е само крадењето на струја. Честопати овие две работи одат заедно, затоа што дел од „копачите на криптовалути“ се приклучуваат на диво во енергетската мрежа за да си го намалат трошокот на „новиот бизнис“, велат познавачите.
Кривичниот законик вели дека до три години казна затвор може да се соочи сторителот на кражба на електрична , топлинска енергија или природен гас. Доколку вредноста на украдената електрична енергија е поголема тогаш сторителот може да се казни и до пет години затвор и плус парична казна.
Познавачите велат дека дека овој бизнис сепак треба да го регулираат финансиските институции во државата. Со економска регулатива ќе дојде и енергетската во пакет, што значи дека и тарифата би се регулирала од страна на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не станува збор за домаќинство.
Проблемот е во тоа што дел од „копачите“ на криптовалути за да избегнат трошок за новиот бизнис нелегално се приклучуваат со голем број на компјутери и графички картички кои повлекуваат повеќе електрична енергија од системот.
Според податоците на МВР од почетокот на година се евидентирани 146 кривични дела поврзани со кражба на електрична енергија. Најголемиот дел од нив односно 41 кривично дело се евидентирани во Скопје.
„Од извршените дополнителни проверки во евиденциите на Единиците за внатрешни работи утврдено е дека 3 кривични дела извршени од 4 сторители се однесуваат на „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ со приклучување на компјутерска опрема на електрична мрежа со цел дигитално ископување на крипто валути – биткоини и етериуми“ велат од министерството за внатрешни работи .
Дел од медиумите јавуваат дека главниот град Скопје станал главна дестинација за копачите на „криптовалути“. Дојче веле веќе пишуваше дека улиците „Дижонска“ во Чаир и „Јајце“ во Гази Баба станале едни од главните локации за копање биткоини во Македонија. Активно се „копало“ и во реонот на селото Љуботен, во општина Арачиново, во населбата Ченто, но и во други делови на главниот град. Само во скопската населба Ѓорче Петров летово полицијата откри 37-годишен скопјанец кој крадел струја со седум компјутери „мајнери“ за копање на криптовалути, пишува Дојче Веле.
„Копањето“ криптовалути се врши преку компјутерски уреди. За целиот процес е потребна соодветна опрема, моќни процесори, како и напредни графички карти наменети за компјутерски гејминг, со што се повеќе се троши струја од расположливите ресурси. Само за пример, едно истражување направено од научниците во „Кембриџ“, покажа дека ископувањето биткоини троши 121 терават-часови електрична енергија годишно, што всушност претставува количество струја доволно за 700 години работа на универзитетот.
Преголемото трошење на електрична енергија го зголемува товарот врз системот на пренос на струја. Честите дефекти во електродистрибутивната мрежа најчесто ги откриваат копачите на биткоини, кои често се одлучуваат и на диво да се приклучат и да крадат струја.