Достапни линкови

Која е причината за лошите изборни резултати на СДСМ?


Изјава на лидреот на СДСМ, Зоран Заев
Изјава на лидреот на СДСМ, Зоран Заев

Како од 57 општини освоени на локалните избори во 2017 година, владејачкиот СДСМ изгуби во речиси половина од нив во првиот круг од вчерашните избори? За дел од аналитичарите виновни се лошите политики на власта и разединетоста на владината коалиција наспроти консолидацијата на ВМРО-ДПМНЕ

Лошите политики на власта, кампања фокусирана на националните наместо на локалните теми, разединетост на владејачката коалиција, а консолидација на опозицијата се причините кои според дел од политичките аналитичари му донесоа лоши резултати на владејачкиот Социјалдемократски Сојуз на вчерашните локални избори. Иако лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека на крајот сепак тие ќе имаат повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, првиот круг покажа дека партиските математики не секогаш се точни и дека изненадувања се можни.

„Лошите резултати делумно се должат на лошите владини политики, секако и на кампањите кои беа фокусирани на национални, а не на локални теми. Од друга страна, владејачката коалиција во првиот круг настапи прилично разединето, што го потврди и Заев кога кажа дека следува консолидација на владејачката коалиција во вториот круг, додека во првиот главно настапија посебно. Колку и да викаме дека овие се локални избори, видовме дека целото лидерство на партиите беа на митинзите. Ова е секако рефлексија на политиките и ова би рекол дека е сериозен удар на политиките на СДСМ и владејачката коалиција“, вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Кржаловски: Во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ влегува со значителна предност
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:34 0:00
Директен линк

Според аналитичарот Џељал Незири пак ваквите изборни резултати за СДСМ се резултат на консолидацијата на ВМРО-ДПМНЕ како партија.

„Мислам дека ваквиот резултат на СДСМ повеќе се должи на закрепнувањето на ВМРО-ДПМНЕ и подобриот настап на овие избори, без некои посериозни фракции, отколку на некој поголем пад на СДСМ. Во 2017 година и самата СДСМ беше изненадена од резултатот кога од 4 општини доби 57, но јас мислам дека тоа не беше резултат на нивниот висок рејтинг, туку беше резултат на тивок бојкот на одредени фракции во ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори немаше такви фракции и затоа постигна резултати кои се компатибилни со бројот на гласови кои ги добиваат во последните изборни циклуси“, анализира Незири.

Со ваквите резултати од првиот круг, значително поголема предност сега има ВМРО-ДПМНЕ, уверува Кржаловски.

„Верувам дека и гласовите за советите ќе покажат прилично убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе донесе едно чувство на промена во водството за тоа која е најголема партија во моментот и тоа ќе оди на контото на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг. На многу места се многу тесни резултатите и колку што видов за малку општини држи тоа што го кажа премиерот, дека од коалициските партии можат да сметаат на поддршка во вториот круг“, вели Кржаловски.

Каков е трендот на вкупните гласови како партии ќе се знае дури откако ДИК ќе ги објави конечните резултати, а кои се однесуваат на листите на советници кај двете партии.

Според нашите соговорници токму листата на советници е показател за тоа каков е рејтингот на партијата. Ако споредиме со гласовите на локалните избори во 2017 година, тоа беа 400 000 гласови за СДСМ, но во последните два изборни циклуси тој број гласови падна на околу 350 000 гласови за оваа партија.

ВМРО-ДПМНЕ слави, СДСМ очекува победа во втор круг
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Во однос на изборните резултати на ДУИ, коалицискиот партнер на СДСМ, Незири вели дека во вториот круг оваа партија влегува мотивирана. Изненадување е Тетово, каде пак е многу тесна разликата меѓу кандидатот на ДУИ Теута Арифи и БЕСА Биљал Касами.

„Првиот круг е еден вид реална трка, а вториот круг е повеќе пазар меѓу политичките актери. Тој е непредвидлив и резултатите ќе зависат од тоа колкав е коалицискиот капацитет на секој кандидат одделно да склучи договор за да ги добие гласовите на оној кандидат кој не поминал во првиот круг. Но, најлошото сценарио за ДУИ е пораз во Тетово, како општина која има и политичко значење за етничките Албанци, а ако се додаде на тоа и евентуален пораз во Кичево, тоа ќе значи пад за ДУИ и покрај тоа што победиле во повеќе рурални општини“, вели Незири.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ вчера прогласи победа на локалните избори. Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски најави можно формирање на ново парламентарно мнозинство, додавајќи дека партиското раководство размислува за предвремени парламентарни избори. Во СДСМ, пак, немаше славеничка атмосфера, но уверуваат дека по вториот круг ќе имаат повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG