Министерот за здравство Венко Филипче ги отфрла сите обвинувања на опозицијата дека земјава ги набавила кинеските вакцини по многу повисоки цени од реалната. Во неделното интервју на радио Слободна Европа, тој тврди дека во во тој момент на потпишување на договорот цената на вакцините била всушност многу пониска од онаа која соседните земји ја плаќале за истата вакцина.
„Во тоа време таа цена беше дури и пониска од која што околните земји, на пример Србија ја плаќаше за кинеските вакцини. Но да ве потсетам дека опозицијата сама себе се фати во лага. Прво обвинуваше дека се платени над 12 милиони евра на некоја непостоечка компанија, па сега сфатија дека треба да не слушаат и дека ние работиме јавно ,отворено, транспарентно, па извадија документ од системот „Јавни финансии“, на којшто сè е јавно објавено. Значи самите себе си си се демантираа дека ние сме платиле огромна сума на пари на некоја компанија за која никој во државава не знае, ниту пак сме имале контакт. Жалам што имаат таков став, што ги поткопуваат сите наши обиди да ја менаџираме кризата, што се обидуваат да фрлат дамка на каков било процес“, вели министерот Филипче во интервјуто.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите пред некој ден обвини дека Македонија платила екстремно висока цена за набавка на 200 илјади кинеските вакцини Синофарм. Тој објави и документи, според кој, како што вели, вакцините од Синофарм чинеле 7,8 милиони долари. Тоа, според Мицкоски, е двојно повеќе од продажната цена на вакцините.
„Со овој документ се потврдува целата афера околу обидот на македонската влада да набави кинески вакцини преку фирмата посредник „Стабри“. Владата во месец февруари на фирмата со седиште во Хонг Конг и уплатила 7.8 милиони долари, со што излегува дека една вакцина од кинеските „Синоифарм“ би чинеле 65 долари“, рече Христијан Мицкоски на брифинг со новинари.
На 10 март пак италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека причина зошто бил вратен авансот што македонската страна ги дала за вакцините од Синофарм е тоа што „зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, а која била наведена во две писма од министерот за здравство Венко Филипче до 'Синофарм'“.
Веднаш по овие информации реагираше премерот Зоран Заев велејќи дека „сè правело се за да се обезбедат вакцини, но ништо со лоша намера или незаконско“.
И министерот Филипче за РСЕ вели дека немајќи одговор од официјалните кинески власти, македонската влада се обидувала да го забрза процесот за набавка на вакцини преку други компании.
„Немајќи одговор преку официјалните контакти што ни беа дадени, одевме преку компании, фирми коишто работат тука, тоа се Синохидро итн, и стигнавме до кинеските вакцини, до компанијата Синофарм за да во еден момент ни биде укажано од кинеското Министерство за надворешни работи дека не е тоа патот и дека треба да контактираме како што тие ќе ни укажат, така што уплатата којашто ја направивме е целосно вратена во нашиот буџет“, вели Филипче во интервјуто.
Во меѓувреме Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за кинеските вакцини, а вчера соопшти дека предметот за набавка на вакцините против Ковид-19 е при крај, но дека има и информации што се уште не се целосни.
Од ДКСК велат дека од МЗ известиле дека немаат исплатено аванс на правно лице за купување кинески вакцини, туку на почетокот на оваа година има извршено уплата на средства на име гаранција со цел да се изврши резервација на 200 илјади дози вакцини од производителот Синофарм од Кина, врз основа на заклучоци од затворена владина седница одржана на 5 февруари. Трпеновски вели дека Владата во кородинација со владата на Кина, преку Кинеската амбасада во С.Македонија одлучила да ги прекине започнатите активности и ги побарала назад уплатените средства, што било реализирано со враќање на средствата.
„Владата за операционализирање на својата одлука на 16.март го задолжила МЗ да ги прекине сите активности за реализација по заклучоците од 8 – та седница односно парите што биле префрлени на Стабри се вратени назад и нема извршено никаква исплата. Владата потоа склучила договор директно со производителот Синофарм“, изјави на прес конференција Горан Трпеноски, член на ДКСК.
Од Комисијата велат дека целата ситуација е сложена, со оглед на поларизираноста во државата и истакнуваат дека како институција ДКСК не сака да се стави во корист на било која од политичките чинители. Од таму додаваат дека не може да изнесуваат други детали бидејќи производителите во документите што ги има добиено ДКСК, се ставени под клаузулата за тајност.
Речиси сите производители на вакцини инсистираат договорите за набавка на вакцини да бидат тајна. Договорните цени за набавка на која било вакцина не се објавени ниту во Србија, но српските медиуми јавуваа дека нивната влада ги набавила кинеските вакцини по 70 долари. По која цена се набавени вакцините објави Унгарија. Тие платиле 63 евра за две дози по човек за кинеската вакцина Синофарм. А во Обединетите Арапски Емирати се шпекулира дека цената би можело да биде 144 долари за вакцинирање и ревакцинирање на еден човек.