Редовното неделно интервју на РСЕ овој пат е со премиерот Зоран Заев на кое граѓаните најмногу реагираат. Заев е убеден дека на изборите во април ќе победи неговата партија СДСМ, дека ќе има ветинг но и брза продукција на кадри за судството, дека прашањата со Грција и Бугарија ќе се решат низ договор. За случајот „Рекет“ вели: „Не сум вмешан, објавете сè што имате за ’Рекет‘“. И, вообичаено, некои од нашите слушатели и посетители на веб-страницата, потоа на нашиот ФБ отворено ги објавуваат своите мислења. Некои му веруваат, некои не, како на пример, Бале Бале Анчески кој постирал: „Голем селски лажго и криминалец“, а редовната Бехије Менде со поддршка: „Се разбира, бидејќи немате конкурент храбар како вас“ и завршува со: „Победа“. И Слободан Славковски со негативна реакција: „Судство кое само ќе биде контролирано од тебе“, па Прециз Меха го прашува: „Па од кого сакаш, од Грујо ли како порано?“ Љубе Зафиров му реплицира на Меха: „Ако е стварно независно, а никако не е независно, треба од никого да не биде контролирано“. Ацо Спасов со коментар на мислењето на Ѓорѓи Ристески дека „...Како дојде така и ќе заминеш, а ќе одговараш и за предавство и за арамилак“:
„Овој народ нека не се залажува дека по смената на власта З... ќе биде осуден за неговите недела .... па луѓе мои, тие се договорени, како што никој од ВМРО не одговара за криминалите истото ќе продолжи и по изборите“ – пишува Ацо Спасовски. Зулко Зуко Зекири смета дека во април „едните лопови ќе бидат заменети со други, секоја држава има мафија, само кај нас мафијата има држава“. И за Иван Младенов „од Македонија држава не бидува... Сè додека се тие истите луѓе, само се менуваат власт и опозиција“. Но, Славица Трајчова Славица го охрабрува премиерот Заев: „Браво, премиере, само напред гази, така се води држава, транспарентно, видливо, ништо нескриено...“.
Изјавата на претседателот на државата, Стево Пендаровски во Нови Сад „да не бев претседател и јас ќе заминев од државата“ и неговото појаснување дека „ја разбира потребата изјавата да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки...“, предизвикала голем број негативни коментари. На нашиот ФБ се развила дебата помеѓу Блаже Павловиќ кој напишал: „Изјава на прецедател на држава, еејјј“ и Стерјо Пушевски кој му одговара: „И јас да бев претседател на луѓе кои пишуваат ПРЕЦЕДАТЕЛ веднаш би ја напуштил државата!“ Коле Спасов со разбирање за претседателот Пендаровски, но со жичка иронија за немањето ингеренции: „Тоа е реалноста, гледа дека тешко може некој да се справи со ваква состојба со криминалци што се власт, во државата мафија во сите институции, никој не сноси никаква одговорност, а немаш ингеренции и што ќе кажеш, бегај, спасувај се кој може“. Зоки Николовски вели дека „е прав Стево. Еве подолго време сум во странство, не дека тука е поубаво, но за мојата работа добивам заслужена плата, а во Македонија за плата од 150 евра ми бараа партиска книшка и 20 гласови за големото ВМРО. Инаку бев меѓу првите членови на таа партија, но господинот Груевски не ги признаваше тие партиски книшки, затоа кој може нека оди и бара работа надвор сè додека не дојде правна држава“. „За оФциве само фикусО беше преЦедател. Трагедија“ – постирал Александар Марковски . ВМРО-ДПМНЕ преку својот портпарол Димче Арсовски објави дека Владата префрлала пари на сметката на Катица Јанева и дека за четири години Јанева заработила над 340.000 евра, а Димитрија Стоименов се исчудува: „Каков грабеж од буџетот, на граѓаните“. Дамен Карачи му одговара: „МВРО што правеа, беее, со милијарди крадеа... они најдоа да јадат г...“ А Игор Миленкоски го прашува Стоименов: „Како заклучивте дека е грабеж за нешто што законски следувало? Не заборавајте дека и ДПМНЕ стави потпис за СЈО, за истите закони“.