Достапни линкови

Косово: Новите градоначалници избрани, но како ќе влезат во своите кабинети?


Илустрација - Зградата на Општина Лепосавиќ
Илустрација - Зградата на Општина Лепосавиќ

Новите градоначалници и да положат заклетва, тоа ќе биде само формалност и нема да има ефект во пракса, вели за РСЕ, Еуген Цаколи од Косовскиот демократски институт.

Новоизбраните градоначалници во општините на северот на Косово, кои потекнуваат од редовите на албанската заедница, се свесни дека ќе имаат проблеми со пристапот до новите канцеларии, бидејќи тие најчесто се наоѓаат во зградите на Привремените oпштински органи кои работат во српскиот систем. Очекуваат помош од Владата на Косово да им овозможи да почнат со работа.

Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово и политикологот Огњен Гогиќ укажуваат дека новите градоначалници на самиот почеток ќе се соочат со проблемот со пристапот до општинските згради, да дадат свечена заклетва и ефективно да го остварат својот мандат.

На вонредните локални избори во општините со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток - учествуваа девет кандидати Албанци за градоначалник, а само еден беше од српската заедница. Србите на Косово ги бојкотираа изборите.

Кои се новите градоначалници?

Врз основа на прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, кандидатите на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ и Љуљзим Хетеми победија во Северна Митровица, односно во Лепосавиќ.

Од друга страна, кандидатите на Демократската партија на Косово, Измир Зеќири и Иљир Пеци ќе бидат нови градоначалници во Зубин Поток, односно Звечан.

На изборите на 23 април гласале 1.567 граѓани со право на глас од 45.095 запишани во избирачкиот список.

Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, одби да учествува во изборниот процес и ги повика граѓаните на бојкот.

Во меѓувреме, потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ изјави дека „српскиот народ никогаш нема да дозволи општините на север да бидат управувани од оние со еден или два отсто од гласовите“. Тој не прецизираше јасно какви мерки ќе преземе за да ги спречи да ја преземат власта.

Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти на 24 април оцени дека атмосферата пред изборите била „страшна“, а официјален Белград „наметнал бојкот преку својот криминален лост“.

Зошто е проблем пристапот до општинските згради и полагањето заклетва?

Во изјава за Радио Слободна Европа, Еуген Чаколи од Косовскиот демократски институт, вели дека новите градоначалници се избрани легално на 23 април, но нагласува дека немаат практичен и репрезентативен легитимитет, имајќи предвид дека не ги добиле гласовите на српската заедница.

Според неговото мислење, првиот проблем со кој ќе се соочат новите градоначалници ќе биде физичкиот пристап до општинските згради, во кои се сместени и паралелни општини кои работат во српскиот систем.

„Периодот од 30 дена, по потврдувањето на изборните резултати, е релативно краток, доколку не се најде креативен модалитет, верувам дека ќе биде многу тешко секој од четворицата нови градоначалници да положи заклетва во општинската зграда, односно во собранијата на општините. Затоа е многу тешко - да не речам невозможно - овие градоначалници на дело да ја реализираат волјата на граѓаните од албанската заедница, да ја спроведат на дело, да ги направат институциите функционални и за давање услуги“, вели Чаколи.

Напоменува дека и новите градоначалници да положат заклетва, тоа ќе биде само формалност и нема да има ефект во пракса.

Слично мислење има и политикологот Огњен Гогиќ. Тој смета дека ќе биде голем предизвик формирањето на општинските собранија пред кои градоначалниците врз основа на законот треба да дадат заклетва.

Доколку новоизбраниот градоначалник не положи заклетва во рок од 30 дена, изборите се повторуваат.

„Дури и да се случи да стапат на функција и официјално да бидат прогласени за градоначалници, се поставува прашањето како ќе управуваат со тие општини, бидејќи во нив нема повеќе кадар, функционери. Сите дадоа оставки. Така тие (новите градоначалници) и кога треба да ги водат тие локални самоуправи, нема да имаат на кого да се потпрат за спроведување на тие одлуки. Немаат ни згради бидејќи во некои општини просторите се делат со привремени тела кои работат според српскиот систем“, изјави Гогиќ за РСЕ.

Ќе се вклучи ли косовската влада за да помогне?

Новоизбраните градоначалници во општините на север велат дека се свесни за пречките со кои ќе се соочат и во овој контекст додаваат дека ќе побараат поддршка од Владата на Косово.

Во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, косовските општини се сместени во зградите каде функционираат органите на српскиот систем. Само во Северна Митровица косовската општинска зграда е физички одвоена од онаа што работи во српскиот систем.

Ерден Атиќ, кој според првичните резултати ќе ја води општината Северна Митровица, во неделата за новинарите изјави дека не гледа проблем да ја преземе функцијата.

„Свесни сме за предизвиците и подготвени сме. Јас ќе бидам лидер на сите, без разлика дали се (мои) поддржувачи или не“, рече Атиќ.

Луљзим Хетеми, кој во име на Самоопределување освои најмногу гласови во Лепосавиќ, во изјава за РСЕ вели дека претходно добиле ветување од Владата на Косово дека ќе помогнат во функционализацијата на локалните институции.

„Сега (владата) треба да ни помогне... Да видиме сега како ќе реагираат“, вели Хетеми.

Косовскиот премиер Албин Курти на 24 април им честиташе на новите претседатели на општините од северот и порача дека Владата ќе ги поддржи и ќе им помогне.

„Институционалниот систем и јавните служби ќе можат подобро да функционираат. За доброто на граѓаните и нивните права“, рече Курти.

Иљир Пеци, кој победи на изборите во Звечан во име на Демократската партија на Косово, очекува предизвици, а како еден од нив го наведува пристапот до општинската зграда.

„Сега се зависи од институциите на Косово, каква одлука ќе донесат. Дали сега не испраќаат нас и нашиот тим во општина Звечан (во општинската зграда)? Тоа е мал проблем. Владата треба да ни каже каква одлука да направи. Значи, дали треба да дејствуваме или владата ќе ни помогне. Има некои работи што сега не можам да ги дефинирам“, вели Пеци.

Измир Зеќири, пред Демократската партија на Косово, доби најмногу гласови во Зубин Поток. Тој вели дека во населените места каде што живеат Албанци има објекти кои може да ги користи новото локално раководство доколку не се ослободи главната општинска зграда во Зубин Поток каде локалната самоуправа функционира според српскиот систем.

„Во моментов немаме намера да ја окупираме зградата. Мој приоритет е консолидација, формирање владин кабинет и понуда за вклучување на сите (припадниците на српската заедница) во работата на општината. Ќе ги поканам да приклучат се на системот, да работиме заедно“, вели Зеќири.

Може ли да има бојкот на локалната администрација?

Поранешниот министер за локална самоуправа во Владата на Косово, Садри Ферати, за РСЕ, оценува дека новите градоначалници во општините на север треба да знаат како ќе постапат доколку има бојкот на општинската администрација.

„Градоначалникот без дел од администрацијата не може да дава услуги на граѓаните. Ќе има ли бојкот? Може да има и повици до граѓаните да не бараат услуги од општината. Тогаш ќе има притисок врз Србите да не соработуваат со новите градоначалници“, вели Ферати.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, изрази уверување дека новоизбраните градоначалници во општините на север нема да имаат проблеми во работата бидејќи, како што рече, законот ќе се применува на целата територија.

Во изјава за РСЕ на 23 април, тој рече дека новите претседатели на општините ќе можат „нормално да работат во државните објекти“ и дека „сите административни објекти во Косово се во сопственост на државата“.

Вонредни избори во општините со српско мнозинство на северот на Косово се одржаа откако градоначалниците од редовите на Српската листа поднесоа оставки во ноември минатата година во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот за ре -регистрирање на автомобили од српски на косовски регистарски таблички.

XS
SM
MD
LG